Очекував Црвената и Сивата Вратоврска нешто да гугнат посуштински за Името, за геноцидот што ни е подготвен. Да. Но, за жал, и двете Вратоврски едноставно, иако промрморија нешто немушто, ја одбегнаа оваа тема. Кукавички, се разбира
Дуел. Туѓизам. Нашински, двобој. Сепак. Со тој поим беше означен ТВ-дуелот Заев – Мицковски. Нешто ќе кажам за тоа, драг читателу, се надевам малку поразлично од нашите експерти и аналитичари, кои ги имаме најмногу по жител и на квадратен километар во светот. Дуелот/двобојот, да почнеме оттука, е една од примарните дисциплини во природата и постоењето. Карактеристичен е не само за човекот, туку и за животните, кај кои се води или меѓу крдо со крдо, или меѓу поединци. Основниот мотив е или пленот, или освојување на срцето на женката, факт дека и животните демонстрираат трубадурски, рицарски елан витал и етика. Истиот, пак, мотив што важи за нив важи и за човекот. Не знам само дали дуелот во таа суштина и форма е карактеристичен и за растителниот и билниот свет (можеби за тоа нешто повеќе знаат Кирлијан и Бакстер), па и за минералното царство. Сеедно. Како поет се чувствувам должен да ја поставам, небаре претсократовец, и оваа чудна хипотеза. Нека стои за секој случај, оти сите хипотези се такви.
Да, пленот и женката (жената,) се мотив perpetuum mobile за дуел. Сепак тука, кога се работи за понежниот пол, и кај човекот и кај животните есенцијален мотив е одбрана на гордоста и честа. Од прастари времиња важи и трае тоа. Не знам дали некој напишал монографска историја за дуелот. Сеедно. Јас како литерат, од литературата знам дека дуелот е посебно карактеристичен за епохата на романтизмот во кој честа и гордоста претставуваат света онтолошка инсигнија, а емотивната идиосинкразија е над секоја нормална мера. Секој еден романтичарски дуел има силен афективен набој. Меѓу романтичарите далеку најпознат дуелист е мојот омилен руски поет А.С. Пушкин. Тој имал околу дваесет и шест/седум дуели, кои, како најдобар петроградски стрелец, сите, освен последниот, ги добил во своја полза. Во него бил смртно ранет од подлиот Дантес, кој не ги почитувал правилата и пукал предвреме. Бил смртно ранет во стомакот. Многу подоцна Марина Цветаева ќе запише: „Од тој истрел сите ние бевме ранети во стомакот“.
Невидено храбар дуелист бил исто така и Лермонтов, Пушкиновиот тестаментален наследник. Но тој немал време да реализира толку голема низа на дуели, затоа што загинал многу апсурдно во еден од нив на својата 28. година, оставајќи зад себе монументално литерарно наследство од приближно десетина тома проза, поезија, драми и ликовен опус. Бидејќи бил и сликар. Имено, Лермонтов загинал апсурдно од својот школски другар Мартинов во Пјатигорск, во подножјето на планината Машук, на дофат на Кавказ каде што тој се борел гради в гради со Чеченците, за што ги добил највисоките одликувања за храброст од рускиот цар. А сиот тој апсурден настан се случил по случајната средба на поетот со другарот од школските денови Мартинов на која двајцата другари енормно се развеселиле и напиле. Да. Но Лермонтов, задрогаз по карактер, кој како романтичарски проколнатник и во својата поезија и во реалниот живот патолошки страсно копнеел по смртта почнал без некоја посебна причина да го навредува својот школски другар. Разбирливо, следувал дуел во кој жртва бил, имено, генијалниот руски поет.
Тоа, драг читателу, и по овој краток вовед на темата дуел, малку историски, малку психолошки, но пред сѐ феноменолошки еве нѐ наеднаш на неодамнешниот ТВ-дуел меѓу нашите политвеликани, богатири, Заев и Мицковски. Она, пак, што ќе го кажам сега за него тоа се мои лични импресии и кратки размисли. Без разлика што сепак во основа нема што да се размислува многу тука. Но, нели и глупоста и апсурдот се достојна филозофска тема. Инаку кај ќе им беше крајот на Сиоран и на Киркегард. Па и на Ниче. Првин од онтолошки и филозофски аспект, тој тип медиумски дуел, феномен на модерното политичко и технолошко време, говори пред сѐ во прилог на тезата, која и јас ја застапувам, дека оваа хиперматеријалистичка цивилизација (мислам на Западната, која е таква) сите нешта се десакрализирани. Обесветени, целосно испразнети од есенцијална спиритуална содржина.
Десакрализиран, во таа смисла, е и дуелот. Нема во него секундант, кој би бил крунски сведок и супервизор на настанот. Нема дуел еден на еден. Сега глутница убива еден. Шансите за праведна и рамноправна борба се сведени на нула. А тука се и борбите на два спротивставени колектива во кои не постои никаква воена етика и едно племе се наоѓа за да се уништи од повеќе други племиња. Постојат многу примери. Нам ни се најблиски оној со бомбардирањето на Србија од страна на 19 моќни членки на НАТО 1999-та, и нашиот македонски случај со албанските терористи во 2001-та, кои беа исто така и логистички и воено помагани од оваа страшна криминална воена организација.
Тоа. Да се вратиме на ТВ-дуелите. И тие се една од ефемерните измислици на западната либералкапиталистичка цивилизација со кои се промовира божем нејзината отворена демократија. Маска par exellence. Всушност тоj тип дуел е политички вестерн на политички каубои и ветрогони, чиј хипертрофиран, експлозивен нарцизам излегува нaдвор од рамките на реалниот живот и его. Каубои од чии истрели во дуелот редовно страда никој друг туку народот. Така го доживеав јас и ТВ-дуелот меѓу Заев и Мицковски, драг читателу. Беше многу сив и трапав. Без идентитет. Во секој случај, пак, интересен за литература. За Гогољ, Маркез, а можеби и за Кафка. Додека го гледав и слушав него, пак, се потсетив и на сјајната формулација на Достоевски, еден од најчудесните парадокси: „Нема ништо пофантастично од реалноста“. Во тој парадокс воленс/ноленс извонредно ми се вклопија таа вечер и Заев и Мицковски. А ме потсетија тие уште и на оној Пушкинов крик по прочитувањето на Гогољевите „Мртви души“: „Боже, колку е жална нашата Русија“, што во наш превод гласи: „Боже, колку е жална нашата Македонија.
Гледањето на тој ТВ-дуел го сметам за загубено, но истовремено и за добиено време. Изгубено, затоа што оставив да го читам сјајниот Готфрид Бен на чија поезија тогаш лакомо ѝ се бев нафрлил, и добиено, затоа што тој шуплив дуел уште повеќе ја изостри мојата перцепција за луѓето од политиката, кои божем се нагрбиле со света цел за спасение на народот, а испаѓа обратното. Сеедно. Видовме одличен стајлинг. На ТВ-сцената беа двајцата дуелисти во убави костуми, бели кошули до гуша закопчани и долги вратоврски. Чехов би рекол: луѓе во футрола. Вратоврската на Заев беше пламено црвена, а на Мицковски очајно сива. Идеално за психоанализа. Штета што дуелот не го гледаше Фројд со неговата тајфа. Црвената вратоврска (сега ќе ја користам фигурата метонимија, драг читателу, сугерираше афективен ерос, безгранична радост и оптимизам. Сивата, пак, безмалку materia prima, симболизираше необработена материја, алхемиски енергетски потенцијал. Во текот на дуелот Црвената Вратоврска беше со подотворена, но на моменти згрчена насмевка, во елипса, во спирала, како извиените потези на Ван Гог со кои тој ги сликаше своите слики. Нека ми прости холандскиот гениј за оваа можеби и безбожна споредба. Гестикулациско ниво на таа Вратоврска беше енормно интензивно.
Тоа, драг читателу. Сега знам, ме прашуваш а што е со Сивата Вратоврска. Да. За разлика од Црвената Вратоврска, таа беше неверојатно, речиси палеолитски стамена во телото и суратот. Ни најмало поместување на некој мускул на лицето. Ни најмала насмевка, освен малку на крајот, кога месечина на Сивата Вратоврска подизлезе од тешките облаци на нејзината ноќна душа, насмевка-зрак упатена кон Црвената Вратоврска, која нема гајле за ништо. Освен можеби за Империјалниот Дворец на Кале. Таа, која цело време како тенеќиско петле на покривот од куќата ги врти без престан ЕУ и НАТО, без каква било свест за нивната цивилизациска есенција.
Во ТВ-дуелот предност ѝ беше дадена на Црвената Вратоврска, а веднаш потоа и на Сивата. И така на ред, сѐ до крајот. Но во дуелот не загина ни едната ни другата Вратоврска. Освен, ако не загинале пред да се родат. И едната и другата пукаа со ќор-фишеци. Што би рекол нашиот умен но несреќен народ: ќорава работа. Судство, некакви божем реформи, ренесанса, живот за сите (сироти сите), демократија, народ како капитал на сѐ, ЕУ, НАТО и уште нешто. Тоа се верглаше на тој до бескрај бизарен и тажен дуел на Црвената и на Сивата Вратоврска. Историја, идентитет, исто така. Не се сеќавам дали воопшто зборот култура и беше спомнат. Оти и двете Вратоврски можеби сметаат дека е доволен само поимот цивилизација, кој може и без духовни, културни вредности.
Беше тој дуел, драг читателу, во основа турли-тава, кулинарски да се изразам, папазјанија. Сепак, рака на срце, тука со својот интелектуален и логички капацитет, наспроти противникот, апсолутно доминираше Сивата Вратоврска. Таа, да употребам една античка филозофска аналогија беше логичниот Аристотел, наспроти Црвената Вратоврска што го сугерираше идеалистичкиот Платон развеан низ народот и космосот со безброј магливи идеи, кои се закануваат идеалистички да ги згмечат нив.
Сивата Вратоврска во дуелот имаше тетратка полна со бројки, небаре излезена од школата на Питагора, Црвената Вратоврска, пак, немаше ништо. Имаше само оптимизам пред себе како тетратка во заднина: Америка, Кале, ЕУ и НАТО, истапувајќи така, разбирливо, како врвен магионичар и вадејќи зајаци од шеширот. На нејзиното магионичарство, мислам, би ѝ завидел и најголемиот илузионист во таа област на денешницата Давид Коперфилд. Се разбира, не оној од истоимениот роман на Чарлс Дикенс.
Ти сега, пак, гледам ме прашуваш, драг читателу, што очекував од тој ТВ-дуел. Дали воопшто нешто и очекував. Да, наивен, очекував. Очекував Црвената и Сивата Вратоврска нешто да гугнат посуштински за Името, за геноцидот што ни е подготвен. Да. Но, за жал, и двете Вратоврски едноставно, иако промрморија нешто немушто, ја одбегнаа оваа тема. Кукавички, се разбира. Ти виде и слушна. Нели? Оти, како што вели и Исус: „Кој има уши ќе чуе, кој има очи ќе види!“ А ти и народот, драг читателу, имате и очи и уши и не сте слепи и глуви како нашите политичари.
Не знам дали се разбравме, оти и на почетокот на оваа колумна реков дека ќе го изнесам само мојот личен став за ТВ-дуелот меѓу Црвената и Сивата Вратоврска. Се надевам, драг читателу, дека не ми замеруваш за мојата екстра субјективност (ова екстра е реално). Да. Оти, вистина, јас и мислам дека ништо, ни од аспект на нашиот светоглед, не е објективно, туку само субјективно. Бидејќи субјективноста има пасош на личност, на јаство, сопство, на Јас како што би рекле Буда и Јунг. Па и Исус, ако сакаш. И суфистичките поети. А објективното е лишено од субјективност, бидејќи е лишено и од душа, се разбира. Како Црвената и Сивата Вратоврска во тој се разбира објективен, безличен дуел.
Тоа. До идната колумна, драг читателу, биди во себе, а не надвор од себе, не пред телевизор, и не на митинг организиран било од Црвената или од Сивата Вратоврска. Биди свој. Како единка биди народ. Тоа е тоа. Божјата Вистина што нуди спасение.