„Медена земја“ вистински, и нималку претерано, има шанси да добие награда каква што е „оскарот“. Затоа што филмот, со сите свои квалитети, уметнички, но пред сѐ идеолошки, со една мала симпатична но длабока пчеларска приказна, отскокна и се извиши среде сиот овој култ на пари и лажен сјај во општеството, среде оваа декаденција во културолошка и морална смисла, среде оваа маска на традиционални вредности зад која се кријат мрачни политички, криминогени и нарушени афинитети и интереси, среде целата оваа масовна промоција на кичот, површноста и лесниот живот… И што е уште поважно, „Медена земја“ го направи тоа непретенциозно, само со силата на уметноста
Некаде пред истекот на крајниот рок за пријавување филмови во конкуренција за „оскарите“ (први октомври 2019-та, 17 часот по локално време, Лос Анџелес) напишав коментар за нашиот годинашен кандидат, филмот „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котеска, и неговите реални шанси да влезе меѓу номинираните, па дури можеби и да ја освои наградата. Сега веќе наградите, бидејќи во тој период не се ни надевавме на две категории.
Тогаш многумина ваквата моја предикција ја оценија како нереална, па дури и самата се посомневав дека можеби ваквата храбра изјава беше повеќе израз на лична еуфорична желба, отколку резултат на пресметан и реален исход.
Но по завчерашниот ден, недвосмислено историски за македонската кинематографија, откако гласно одекна веста дека лирското ремек-дело „Медена земја“ влезе меѓу петте номинирани, и тоа во двете категории во кои беше пријавен, за филм од неанглиско говорно подрачје и за документарец – без страв од претерување ќе го повторам истото што го почувствував откако го изгледав овој воодушевувачки, возвишен, необичен, трогателен, волшебен филм – не е ни прерано ни претерано да зборуваме за нашите шанси конечно да ја добиеме фамозната златна статуетка. И тогаш и сега ќе кажам дека во моето досегашно долгогодишно следење на културата, и особено на филмот, првпат вистински чувствувам дека шансите да се закитиме со најпосакуваната награда во историјата на филмот се повеќе од реални.
На 9 февруари, на најголемата ноќ во Холивуд, која ја следат милиони луѓе во светот, ќе се доделуваат статуетките што се синоним за гламур, пари, слава и престиж, а ние првпат толку многу ќе му се приближиме на овој отсекогаш само посакуван и тешко достижен сон за македонскиот филм. Освен кога Милчо Манчевски со „Пред дождот“ и Столе Попов со „Дае“ влегоа меѓу петте номинирани, но никогаш дури во две категории. Всушност, вообичаено сме биле многу, многу далеку од наградите. Често се случувало и покрај „опасното“ приближување на терминот, кога државите би требало да ги пријават националните кандидати за номинациите за наградата на Американската филмска академија „оскар“ за најдобар странски филм, Македонија сѐ уште немала избрано свој претставник. Некогаш сме немале готов филм. Некогаш, пак, сме одлучувале да не учествуваме во трката за „оскарот“ поради недоволно квалитетна продукција. Овој пат еуфоријата е и отповеќе оправдана.
Можеби сме свесни дека „оскарот“ неретко е резултат на влијание, моќ, спогодба, кампања, лобирање и политичка коректност, повеќе отколку потврда на квалитет, ама понекогаш и таму има изненадувања. Се надеваме на едно такво годинава, особено ако се знае дека „оскарот“ во категоријата за најдобар странски филм (веројатно и за документарец) традиционално е најтешката категорија за прогнозирање – никогаш не е јасно што ќе им запне за око на членовите на Американската филмска академија. Во последните дваесетина години на европските држави во оваа категорија им се приклучија и земји како Иран, Казахстан, Непал, Перу и Виетнам, кои ги добија и првите номинации за најдобар филм на странски јазик. Американската филмска академија последниве години сака да ја распредели оваа чест на различни страни на светот. А и Балканот сериозно ја сфаќа номинацијата. Оттука, дури и она што до пред некој месец ни се чинеше невозможно – и Македонија да се вброи меѓу петте избрани – сега е реалност. Па, зошто да не биде реалност и добивање на наградата, барем една од двете!
„Медена земја“ вистински, и нималку претерано, го заслужува тоа. Затоа што филмот, со сите свои квалитети, уметнички, но пред сѐ идеолошки, со една мала но длабока пчеларска приказна, отскокна и се извиши среде сиот овој култ на пари и лажен сјај, среде оваа декаденција во културолошка и морална смисла, среде оваа маска на традиционални вредности зад која се кријат мрачни политички, криминогени и нарушени афинитети и интереси, среде целата оваа масовна промоција на кичот, површноста и лесниот живот… И што е уште поважно, „Медена земја“ го направи тоа непретенциозно, само со силата на уметноста.