По неодамнешната изјава на Министерството за екологија дека сензорите што се поставени на мерните станици за чист воздух не се квалитетни и податоците што ги даваат се со голема грешка, ние граѓаните сме уште понемирни затоа што податоците од мерните станици не само што вознемируваат (особено кога размислуваме за нашите деца, болни лица и сл.) и нѐ тераат да размислуваме за можните варијанти да го напуштиме градот или слично. За ваквата ситуација се прашувам колку Министерството за екологија може да утврди какви се резултатите од нивните мерки што ги презеле досега за намалувањето на загадувањето на воздухот во градот во овој период. Во изјавата од министерството е речено оти постојат многу поквалитетни сензори за мерните станици што се користат во некои држави, но се за неколкупати поскапи од нашите сегашни.
Во една ваква ситуација на лиферување „погрешни податоци“ неминовно е да се набават поскапите, барем по еден за градовите каде што имаме поставени мерни станици со слаб квалитет. На овој начин ќе ги користиме старите мерни станици, но ќе можеме да ја определиме приближно корекцијата на податоците на мерните станици. Ние навистина сме сиромашна држава да купиме 30-40 мерни станици, ама да купиме и тоа итно 3-4 од квалитетните, веројатно, можеме, а тоа би било и почеток на вградување на новите што, секако, ќе трае со оглед на нашите материјални можности и брзината со која реагира министерството.
Сево ова е потребно поради фактот оти информирањето на граѓаните со неточни податоци значи големи вознемирувања, невидени озборувања, барање виновници и ред други непријатности и за граѓаните и за луѓето што прават напори за решавање на дадената состојба, што не може лесно и брзо да се реши. Произлегува оти информациите што се испраќаат во јавноста треба да се точни, а ако не сѐ, треба да се даде некој процент на можна грешка при мерењата, кога веќе се објавува сомнеж за неточност на податоците што се испраќаат од мерните станици.
Исто така, нашата држава по загаденост се рангира на врвот од листите во светот. Дали нашите податоци од сегашната мерна техника се извор за рангирањето на таа листа? Уште една причина зошто треба да ја знаеме плус-минус грешката за податоците што ни ги испраќаат секој ден нашите мерни станици, и притоа секогаш треба да се кажува колкава е грешката на податокот. Таквата внимателност во испраќањето податоци од овој вид е многу важна, пред тие да бидат дистрибуирани до корисниците на овие податоци. Треба внимателност во испраќањето на податоците, кога се работи за информирање на граѓаните (јавноста). Од друга страна, скоро секој ден на телевизија стручни медицински лица зборуваат за штетноста по здравјето на граѓаните (особено на децата и старите изнемоштени лица). И сето тоа личи како да сме во „гасна комора“ и немаме можности за спас што создава паника кај народот.
Во нашата држава стана модерно да се испраќаат лажни ветувања (со процент на остварување нула), но за ваквите податоци постои (плус-минус) грешка. Институции што испраќаат податоци до јавноста да се држат до точноста на податоците. На овој начин институциите треба да ги градат своето реноме, авторитет или коефициент на верување или како што нашиот народ вели „тие се добри никогаш не лажат, да им веруваме“. Кај нас во Македонија како и да не постои таков натпревар за градење реноме, верба, кај сопствениот народ.
Стефан Поцев, проф. во пензија