Одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран склучен во 2015 година не беше првото повлекување од клучен меѓународен договор. Од Транспацифичкото партнерство до Парискиот климатски договор, раскинувањето на мултилатералните рамки стана специјалност на Трамп.
Но дури и според стандардите на Трамп, излегувањето од Здружениот сеопфатен план за акција, како што е официјално познат иранскиот нуклеарен договор, е преголем залак. Потегот веќе се спореди со лошиот обид на претседателот Џорџ В. Буш да го промени поредокот на Блискиот Исток со војните во Авганистан и Ирак. Како и воените несреќи на Буш, пристапот на Трамп за регионот носи огромни ризици, токму затоа што го закопа и она малку што остана од трансатлантската алијанса, со што ја одвои американската политика на моќ од дипломатијата на Европа.
Потегот на Трамп не е само да ги ограничи оружјата за масовно уништување на Иран. Напротив, неговата цел е промена на режимот, нешто што тој очигледно се надева да го постигне преку трошење на економските и стратегиските ресурси на Исламската Република. Со повторното воведување санкции, Трамп практично ќе го моли иранскиот народ, кој ќе ги сноси последиците од санкциите, да се крене на бунт против владата.
Повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор од страна на Трамп му даде две опции на Иран, а ниедна од нив не е добра. Првата опција е повторно преговарање за договор со преостанатите потписнички како Кина, Франција, Русија, Велика Британија, Германија и ЕУ. Иранскиот претседател Хасан Рохани веќе даде сигнали за оваа опција, но неговата способност да ја оствари намерата може да биде ограничена со враќањето на санкциите. Притиснати да изберат, европските компании ќе ги жртвуваат бизнисите со Иран за да го задржат пристапот до американскиот пазар. Кога иранската економија ќе почне да се соочува со проблеми, Иранците ќе сакаат некого да обвинат.
Ни втората опција не е подобра. Реформистите на Иран би можеле да капитулираат пред тврдокорните, целосно да го отфрлат нуклеарниот договор, повторно да почнат со нуклеарните активности и да ја забрзаат програмата за балистички ракети на државата. Ова воопшто не гарантира дека Израел нема да изврши превентивен напад на иранските нуклеарни инсталации и тоа со благослов од Америка, ако не и со нивна помош. Во таа ситуација, Иран ќе смета дека може да ги прераспредели платениците против Израел, почнувајќи со Хезболах во соседен Либан. Ова би можело да доведе до поголем конфликт во кој ќе се вмешаат американските сојузници од регионот, вклучувајќи ги Саудијците и другите сунитско-арапски сили.
За жал, исходот што треба да се избегне е токму она што израелското раководство сака да го постигне. Минатиот месец, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини Иран дека лажел за нуклеарниот договор. Тогаш, бизарното излагање на Нетанјаху, ни помалку ни повеќе на англиски јазик, наиде на потсмев кај Западот. Сега тоа изгледа како увертира.
Всушност, партнерството на Нетанјаху и Трамп, кое во голема мера ја сноси одговорноста за пропаѓањето на нуклеарниот договор, е избувлив сојуз на двајца нарциси, кои дозволија проблемите во домашната политика да го диктираат нивното однесување на меѓународната сцена. Во случајот на Трамп, целта се чини дека е систематско растурање на наследството на претседателот Барак Обама, само за да ги исполни ветувањата од неговата изборна кампања (која во извесна смисла никогаш не заврши).
Во меѓувреме, Нетанјаху е заљубен во неговата внимателно изградена слика на спасител на еврејскиот народ од втор холокауст. Со неговото политичко богатство, кое е спорно од правен аспект и може да доведе до негов импичмент, агресивната политика беше стратегијата што му овозможи нова победа на изборите. Всушност, поддршката за Трамп во Израел достигна рекордно ниво по неговата одлука да се повлече од иранскиот нуклеарен договор и по големиот воен напад на Израел врз иранските цели во Сирија. Тактиката на Нетанјаху исто така погодно го оттргна вниманието од палестинскиот проблем, кој повторно станува актуелен.
Израел располага со најсилната војска на Блискиот Исток, но на Нетанјаху не смее да му се дозволи да ја искористи за остварување на сопствените политички цели. Израел последен пат се бореше во меѓудржавна војна во 1973 година, а траумите од таа борба уште се чувствуваат. Покрај тоа, само воената моќ малку придонесе за заштита на државните граници. „Доктрината на Бегин“, поточно израелската превентивна стратегија за одржување регионален монопол на нуклеарните оружја, не ги намали ракетни напади од ирански поддржаните непријатели на Израел.
Само опширната меѓународна дипломатија може да го спречи Блискиот Исток од патот кон нуклеарно вооружување. Дури и без САД, преостанатите потписнички на иранскиот нуклеарен договор можат да ги спасат главните начела со тоа што ќе ги поддржат умерените ирански лидери во ублажувањето на ефектите од новите санкции. Преостанатите поддржувачи на договорот исто така можат да помогнат во намалувањето на кризата на израелската северна граница, каде што израелските и иранските сили веќе се вклучени во директни борби.
Со цел да се постигне нов договор што ќе обезбеди понатамошно нуклеарно разоружување на Иран, контрола на програмата за балистички ракети и поттикнува помалку непријателска надворешна политика, санкциите и режимската промена мора истовремено да се тргнат од преговарачката маса. Трамп најверојатно ќе ја слушне истата порака од неговиот севернокорејски колега Ким Јонг-ун пред двата лидерски самити планирани за јуни.
Секако, иронијата е тоа што токму ова е „големата спогодба“ што Иран ѝ ја предложи на администрацијата на Буш во мај 2003 година. Буш ја одби понудата и вети дека никогаш нема да преговара со членка на „оската на злото“. Како што потпретседателот Дик Чејни изјави во однос на Северна Кореја, уште една членка на таа измислена „оска“, Американците „не преговараат со злото, туку го поразуваат“.
Но со замената на дипломатијата со покажување воена сила, администрацијата на Буш ја затвори вратата кон решението со Иран. Денес, со тоа што Трамп ја применува истата тактика, тешко е да се замисли дали исходот ќе биде поинаков.
Авторот е бивш израелски министер за надворешни работи и е потпретседател на меѓународниот центар за мир „Толедо“