Во заклучоците на Венецијанската комисија јасно се нагласува дека албанскиот јазик, сепак, е само јазик на малцинство во Македонија и решението не треба да излегува од рамката за правата на другите малцинства, кои важат секаде во ЕУ и во светот
Очекувано (дури и од Владата) мислењето и препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците создадоа нови бранувања во предизборниот политички амбиент во Македонија, кои всушност се активираат во текот на изминативе две и пол години, уште додека овој закон беше само иницијатива, а уште повеќе поради скратената и нетранспарентна постапка за негово усвојување. Сето тоа го констатира Венецијанска комисија во својот извештај, но суштината на нејзините забелешки е дека Законот за употреба на јазиците ја надминува дури и широчината на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, но тоа може да создаде „пречки во ефективната примена на законот како елемент на владеењето на правото, кои можат да се појават не само поради одредена незаконска или несовесна акција преземена од страна на авторитетите, туку и поради квалитетот на законот, кој тешко може да биде применет“.
Венецијанската комисија констатира дека Законот за јазиците не ги исполнува барањата за законска јасност и прецизност. Законот не е прецизен кои негови одредби се однесуваат на употребата на албанскиот јазик, а кои одредби се однесуваат на употребата на другите јазици од етничките заедници. Токму поради ова, Венецијанската комисија препорачува законот да се измени/ревидира за да се обезбеди соодветна прецизност во однос на опсегот на неговата примена. За разлика од законот, кој е непрецизен и нејасен, Венецијанската комисија е децидна дека овој закон треба да ги почитува стандардите на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, односно дека и албанскиот јазик, односно „јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението“ (како што е наведен во законот), сепак е јазик на малцинство во Македонија.
Вториот момент, кој не треба никако да се пренебрегне е дека препораките на Венецијанската комисија не смеат никако да се игнорираат или да се забошотат со некакви хибридни акциски планови, кои ќе создадат привид дека препораките се почитуваат, но законот да не се чепка.
Венецијанската комисија (Европска комисија за демократија преку правото) е советодавно тело на Советот на Европа и има задача да формулира стручни мислења во однос усогласување на законодавството во земјите-членки и земјите-кандидати за членство во Европската Унија (ЕУ). Во таа смисла, препораките на Венецијанската комисија (како тело на ЕУ) претставуваат своевиден услов за членство во ЕУ, односно нивната имплементација е доказ за подготвеноста на одредена земја-кандидатка да ги воспостави европските принципи на владеење на правото во своето законодавство. Во таа насока по француското „не“ за доделување датум за преговори за Македонија сега уште повеќе ќе бидеме под лупа дали се почитуваат препораките на Венецијанската комисија, сметаат експертите.
– Иако премиерот Заев се заложи да ги почитува одлуките на комисијата, тој не ја избегна можнoста ова фијаско да го преточи во пофалба на своја сметка. Според Заев, законот за јазици е толку напреден и прогресивен, што ниту Европа не е подготвена за толку проевропски закони. Од друга страна, интересно е што Владата на Македонија спонзорира закони со кои апстрактно се зголемуваат правата на малцинството во Македонија, додека во исто време се откажува од бранење на правата на македонското малцинство во соседните држави. На пример, договорите со Грција и со Бугарија експлицитно ја обврзуваат македонската држава да се откаже од барањата за поголеми права на македонското малцинство, кое не е ниту признаено во двете држави. Ова посочува на двојни стандарди при носењето национални политики: (1) дозвола за македонските малцинства да бидат негирани и дискриминирани во странство, и (2) комплетна заштита и промоција на албанското малцинство во Македонија како привилегирана група – го оценува Обединетата македонска дијаспора извештајот на Венецијанската комисија и реакциите на владините претставници во однос на забелешките за Законот за употреба на јазиците.
Од ОМД ценат дека „доколку Владата се одлучи да ги игнорира препораките на Венецијанската комисија и Европската Унија, тоа би било директна контрадикција на заложбите на властите за европеизација на Македонија“.
Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека во Собранието ќе поднесат амандмани за овој закон, со кои „од уставна дивоградба, би требало да стане закон во рамките на Уставот“.
Покрај нефункционалноста на законот во правниот систем, уште еден момент е спорен во однос на примената на двојазичноста на банкнотите и обележјата во армијата. Констатацијата на Венецијанската комисија дека нема стандарди во врска со тоа прашање, предизвика дополнителна дебата на социјалните мрежи и во јавноста.
– Во мислењето на Венецијанската комисија е прецизно напишано дека нема стандарди за овие прашања. На секој паметен му е јасно што значи тоа. Не можат да се оценуваат решенија што не се меѓународен стандард – пишува професорката по уставно право и членка на Венецијанската комисија, Тања Каракамишева, на што реплицира вицепремиерот Османи.
– Тврдам дека употребата на банкнотите и воените униформи е практика во некои земји низ светот и е здрава и за нашата земја. Аргументите за потребата од законот, конкретните одредби и неговото спроведување се направени во координација со локални и регионални експерти – напиша Османи.
Како своевиден заклучок во однос на почитувањето на препораките на Венецијанската комисија како услов за членство во ЕУ, може да се наведе и статусот на поранешната министерка за култура Ганка Цветанова.
– Нема датум за преговори?! Нема ни да има кога вицепремиер во Владата индиректно се заканува со дестабилизација на државата како онаа во 2001 г. или со други зборови – меѓуетнички оружен конфликт. Кој сака потенцијално конфликтна држава во своите редови? Џабе името го сменивте – пишува Цветанова, како реакција на изјавата на вицепремиерот Бујар Османи за (не)почитувањето на препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.
Министер за ЕУ бара начин како да се заобиколи ЕУ?!
Размислувањата и изјавите на високите претставници од коалициските партнери во Владата, по објавувањето на извештајот на Венецијанската комисија со сериозните забелешките за Законот за употреба на јазиците, се движат во насока на наоѓање решение „како да се имплементираат препораките, но законот да не се менува“. Таков е предизвикот што го постави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, чие исполнување треба да ги задоволи и предизборните позиции на неговата партија ДУИ пред албанскиот електорат, и принципот на владеење на правото во Македонија, односно имплементирање на европските регулативи, на кои се повикува Венецијанската комисија.
– Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг од капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциски планови да создаваме капацитети за двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава – рече Османи одговарајќи на новинарско прашање, по промоцијата на програмата „Европски корпус на солидарноста“ во ЕУ-инфоцентарот.