Ќутенката

Ме викаат Ќутенката, од завист. А не знам зошто ме мразат, кога јас само си молчам и им се иставам од патот на сите. Си се гледам и вардам самиот себеси, никому не му пречам. И не поднесувам луѓе што се гласни. Еве, оној Андоновски на пример: заедно израснавме од куси панталони, а ништо не научи од мене. Педесет и кусур ги начука, шест деца има за гледање, а уште јаде трици по колумни и си прави непријатели, ко пубертетлија на корзо. Ништо не научи за мудроста, а јас со него цело време бев. А сум му рекол: мудроста молчи, глупоста зборува. Макар и најпаметно зборувала. И затоа, кога мудроста ќе дојде на стари години, жолтици си брои. А не како него – еден квадратен метар имот нема на планетава на свое име. И уште блуе ли блуе, знае да му се слоши среде текст од мудрување. Па, згора на сѐ, за овој број ме замоли и да го заменам, не бил нешто во добро расположение. Па, како и ќе бидеш, си мислам, кога животот си го промаши, бре, пријателе: триесет и три години изигруваш будала по колумни. Кажуваш како треба и како не треба. Како да не гледаме ние, па ти мораш да кажеш. А бе, болест е таа желбата да се поправа светот, ама ајде. Туку, да го заменам јас овој број, да ви раскажам за клучот на мојот успех.

Многу работи можеше да научи од мене пријателот што го менувам, ама не научи. Прво: затворена уста џебот го полни, отворена го празни. А пријателите на полни џеб и трпеза доаѓаат, на празни – не. Како ластовички се: кога е кај тебе пролет доаѓаат, а со првиот студ те напуштаат. Па пак се враќаат ако ти затопли среќата. А уште кога заодевме на училиште, се виде дека пријателот ќе си го промаши животот: тој одбра последна, а јас прва клупа. Зошто? Тој за да може гласно да зборува за системот (демек објективно и од дистанца), јас да молчам, субјективно. Сум сфатил уште од мал дека молчењето погласно се слуша кога си поблиску до власта. Во случајов, до учителката. А јас, бидејќи мудар, си знам: ни предалеку, ни преблиску до власта. Како оган е таа: ако си предалеку, ќе се смрзнеш, ако си преблиску – ќе изгориш.
Што сум по професија? Па, бидејќи имам многу лица, сум бил сѐ: од ситен референт, преку обичен шалтерски службеник, до стажант-лепач на плакати во партија. Ама сум стигнал и до највисоките височини во секоја професија, со што и да сум се занимавал. Сум бил и професор, судија, академик, што не сум бил. Јас сум невидлив и нечуен човек, зашто добивам таква форма каква што бараат од мене: не давам ни интелектуален, ни физички отпор. Како жива гума сум. Стави ме на фотелја и нема да ме видиш, зашто добивам форма на фотелја. Стави ме на под, пред вратата на шефот, станувам чергиче за бришење чевли. Стави ме во машинерија, станувам шрафче.

Невидливо и тивко, ама ефикасно. Тој мој растеж во сите професии главно се должи на молчењето. И сите мислат дека тоа мое молчење е дефетизам и дека нема филозофска заснованост. Се лажат: јас не читам многу, и не учев многу, ама помнев сѐ што ќе се кажеше на часовите. И се сеќавам дека некој мој даскал еднаш ни рече дека Аристотел рекол: оди си по средниот пат човеку, за да не страдаш. Биди си ни најдобар ни најлош. Златна средина: никој не те гледа, никој не се занимава со тебе. Најдобрите ги урнисуваат, најлошите ги казнуваат. А ти – безбеден, како бубрег во лој. И уште знам дека некој рекол: човек првин учи да зборува, а дури потоа да молчи. Сите ќе научат да зборуваат, ама не секој ќе научи да молчи. Е па, нека ме викаат погрдно Ќутенката. Ако. Важно е мене да ми е добро. Другите не ме интересираат, не сум малограѓанин. Си гледам само за моето дворче.

И затоа, велам, успеав. Реков дека сум бил и професор. И никогаш ни збор не сум кажал против никого, ни против колегите ни пошироко. А сум гледал сѐ и сешто: сум гледал како на ачик политичарите ја уништуваат автономијата на универзитетот. Сум гледал какви тешки интелектуални фелер-стоки ни продаваат од Запад, како онаа образовна декларација од Болоња, а ние ги прифаќаме како дијаманти. Сум гледал странски гостувачки професори што кај нас ни средно овчарско не би завршиле (кај нас и за овчар треба веќе магистерска), како ни предаваат незнаење мешано со ароганција и нѐ учат на модерните западни вредности, а всушност нѐ туркаат во пропаст. И машки сум издржал, молчејќи. Молкум и простум. Овој мојов, пак, исправа криви дрини, а од друга страна ми се прави некој божји човек. Па, ти ли си ја направил Дрина, за да ја исправаш, човеку? Не е христијански да поправаш нешто што не е твое дело. Јас, на пример, ги знам сите виновници во државава, па ниту ги кажувам, ниту ги поправам. Знам и кој го украде дневникот во шесто одделение од бес поради кецот по хемија, знам и кој врвен интелектуалец крадеше книги и стари ракописи од МАНУ и ги носеше дома и кој местеше тендери за поправка на покривот каде што работев, и кој препиша докторат, и кој ограби држава… ама не сум зуцнал. Јас сум божји човек, не мојот пријател. Не се борам против никого, зашто мојот принцип е да не се занимавам со туѓи слабости. Се занимавам само со себе, и тоа доста конкретно. Затоа сум бил и амбасадор и министер. Дури и премиер. Еднаш или двапати, не се сеќавам. Не е тешко ни тоа. Си молчиш, главно, иако формално многу зборуваш. Се правиш дека не гледаш што прават другите околу тебе. И толку. По можност градиш држава. Ако нема што да се гради, прво ќе урнеш, за потоа да градиш. Како што прават и градоначалниците: секој нов го раскопува тротоарот на стариот, за да распише тендер. Без многу кревање џева.

Е сега, не е баш точно дека сѐ сум постигнал со молчење. Знаел Ќутенката да каже и понекој збор. Ама, за разлика од будалите како другар ми, знаел кому, кога и што треба да му каже. Обично, сум кажувал пофалби, зашто сит човек за пофалба е гладен. Не случајно општеството од градинка до пензија дели награди и пофалници и грижливо, како во инкубатор, негува суети. Благодарение на тие мили зборови, секогаш ја знаев иднината. Кога бев работник, година однапред знаев кој ќе биде новиот директор. И со него зборував навреме, кога беше никој и ништо. Кога бев професор, два семестра однапред знаев кој ќе биде декан и го дружев во мојата канцеларија, со бајадери и виски. Истото тоа важи и за политиката: иако никогаш не гласам, секогаш знам кој ќе победи на избори. Не како овие будалетинки колумнисти: изигрувајќи независни интелектуалци – дрдорат, и притоа секогаш се на погрешната страна. Најинтимно, сум посакувал и јас да кажам што не чини дури и кај најдобриот, и што заслужува пофалба дури и кај најлошиот, ама опасно е тоа. Кажи што не му чини на добриот, и лошиот веднаш мисли дека си на негова страна; кажи што му чини на лошиот, добриот те отпишува како сојузник на ѓаволот. Што има нејасно тука? Затоа, си молчам. Ама тоа не значи дека не си ги терам планот и програмата. Особено кога бев политичар: девизата ми беше „ја си ќуту и си праву“, што велат кумановци. Нека лаат сите околу, ја си ќуту и си праву.

И затоа: додека сите дрдорат и извикуваат гласно „Јас, Клаудиј“, јас тивко велам: „Јас, Ќутенката“. Светот е мој! Домот ми е простран, светол и топол, во него луѓе од сој и углед поминуваат, што ме ценат и почитуваат. И жената и децата ми се сите дома, на трпеза. Тие што се надвор, на студии, доаѓаат за Нова година и Божиќ. Китиме елка. Си даваме подароци. Имам имот како феудалец, и ергела џипови и цел возен парк коњи. Што барате повеќе, безумни? Каков подобар свет? Каков подобар човек? Па, да требало човек да биде подобар, Господ би го направил нем, како мене.
Зашто, и ова го помнам од некаде го имам чуено: господар си само на зборовите што не излегле од твојата уста. На оние што излегле си им роб. А јас сакам да владеам, не да робувам. Ете, толку. Морам да завршам со тој збор. За да не помислите дека некој друг, а не авторот ја пишувал колумнава. Значи, толку.