Кога сме кај проширувањето, мора да бидеме реални дека дури и најдобрата методологија не може да ја замени политичката волја. Видовме дека таква во моментов не постои. Особено не гледам простор за оптимизам по зборовите на претседателот Макрон дека ЕУ е на „работ на амбисот“. По една ваква изјава, иднината на проширувањето на ЕУ станува сѐ подалечна за Македонија.
Ама, затоа, премиерот сѐ уште се надева. Надеж на очајник
Несомнено дека крајот на 2019-та беше апокалиптична година за македонската надворешна политика. Очекувано, ако нејзините креатори ја сведоа на прашање на „пенкалото“ и „вратоврската“, однесувајќи се безгранично сервилно кон меѓународната заедница. Излетот на премиерот Заев во надворешната политика го плаќаме со сериозна ерозија на националните интереси, променето име на државата и добрососедство на неприспособена ранливост на земјата од „иредентистички“ упади во нејзината историја и сувереност.
Премиерот и другите креатори на надворешната политика во Македонија докажаа дека НАТО и ЕУ немаат цена, но немаат ни алтернатива. Станавме безалтернативни во глобализиран свет. Од луѓе што се неодговорни, интелектуално мрзливи, опседнати само со резултати по секоја цена, со длабоко погрешна визија за надворешната политика, друго и не можеше да се очекува. Мислам дека не се свесни за последиците од своите одлуки во надворешната политика за во иднина. А и како би биле кога „испорачуваа“ без никаква одговорност. На чесен збор. И на лош, одвратно лош англиски.
Кога немате идеја и стратегија како и каде понатаму, власта побрза да го поздрави францускиот нон пејпер за новата методологија за проширување, нагласувајќи дека „добредојдена е секоја идеја што ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни“. Оној пак „алтернативен“ министер за надворешни работи Бујар Османи се надева дека со одобрувањето на новата методологија за проширувањето важно било да се определи датум за почеток на преговори. Душичка. Да го прочитал документот ќе знаеше дека Франција низ него нуди трансформативен процес, преку кој земјите на Западен Балкан би научиле како да функционираат во рамките на сложениот систем на креирање политики на ЕУ. Со други зборови, Франција воведува „практикување членство“. Без јасен датум за преговори.
Битно Владата истрча на терен, гледајќи во францускиот предлог зрак надеж за својот политички опстанок и каква таква алтернатива за својата безалтернативност, по дебаклот во Брисел. Но не е доволно само да се почувствува „ветерот у леѓа“ (што би рекол фејсбук-министерот за надворешни работи, кој сѐ помалку се смее), за да можеш да сурфаш на ЕУ-интеграциите. Кога си сведен на обичен безначаен консумент во надворешната политика, ниту се прашуваш за нешто, ниту некој бара твое мислење. Затоа, што и да се случува со нон пејперот, ние може само да гледаме и евентуално да анализираме. Ако имаме капацитет како држава да го направиме тоа. За сѐ друго остануваме консумент. И ништо повеќе.
Се обидувам да ги разберам возбудата и оптимизмот кај власта, особено ако знаеш дека францускиот предлог не е јасен во врска со правниот контекст на предложениот „постепен пристап“.
Велат, ѓаволот лежи во деталите. Па, така, ако останеме земја-кандидат до крајот на процесот на пристапување и исполнувањето на сите пропишани (и строги) критериуми, се плашам дека, наместо да „практикуваме членство“, ќе ни биде дадена играчка со која ќе се занимаваме со години, ако не и со децении. Исто така, документот е далеку од конечен предлог за јасни и објективни индикатори за напредок на патот кон ЕУ, нејасен е во „реверзибилноста“ на пристапниот процес, како и во поддршката за конвергенцијата на регионот со главните приоритети на политиката на ЕУ (на пример, животната средина, климатските промени и миграциската политика, меѓу другите). Очигледно дека нон пејперот нуди премногу широка методолошка рамка за проширување, за која ќе попричекаме да биде операционализирана. Нуди тешки и далекосежни реформи уште на почетокот на процесот, само за мали награди. Како ќе помогне ова да се поттикнат реформите во Западен Балкан, ќе видиме. Повеќе ми личи дека на овој начин ќе се забави процесот на проширување на Унијата, а многу лесно може и да се згасне.
Отсекогаш ме бендисувал мирисот на „француска ароганција“ во политиката, особено надворешната. Па, така, најпроблематичниот дел од нон пејперот за проширувањето е дека ефективното пристапување ќе дојде само откако ЕУ ќе се реформира. Бидејќи никој не може да предвиди кога ќе се случи тоа, сите потенцијални строги услови за пристапување во ЕУ паѓаат во втор план. Затоа овој документ повеќе ми личи на фрлена „коска за глодање“, отколку на кредибилна перспектива за проширување на ЕУ. Или, ако сакате, начин да се абдицира Унијата од одговорноста за непостигнувањето консензус околу проширувањето со земјите на Западен Балкан, особено со Македонија.
Кога сме кај проширувањето, мора да бидеме реални дека дури и најдобрата методологија не може да ја замени политичката волја. Видовме дека таква во моментов не постои. Особено не гледам простор за оптимизам по зборовите на претседателот Макрон дека ЕУ е на „работ на амбисот“. По една ваква изјава, иднината на проширувањето на ЕУ станува сѐ подалечна за Македонија.
Ама, затоа, премиерот сѐ уште се надева. Надеж на очајник. Тоа е кога имате недостиг од визија во надворешната политика и искривена интерпретација на временската рамка на нејзината ЕУ-агенда, не ви останува ништо друго освен да се „кршите одвнатре“. Особено е тешко да чекаш кога знаеш дека, додека дочекаш, може да те снема од политиката и власта. А тоа уништува лично и психолошки. Си дал сѐ, а си добил едно големо ништо. Читам, премиерот бил загрижен. И треба да биде сериозно загрижен. Зашто нема голем избор околу иднината на нашето асоцирање во ЕУ. А тоа го прави ранлив во политиката на внатрешен план. Кога многу ветуваш затоа што веруваш, последиците се неизбежни. Во политиката може да бидат погубни. Ама, премиерот си знае.
Авторот е универзитетски професор