По малку иронично, додека македонската јавност е фокусирана на блокадата на патот кон ЕУ, Европа одбележува/ше 30-годишнина од падот на Берлинскиот ѕид. Она што малкумина го знаат е куриозитетот дека 9 ноември 1989 година коинцидира со три претходни историски јубилеи: тоа беше годината во која се одбележа 200-годишнината од Големата француска револуција, но 9 ноември е и датумот на нејзиниот крај (10 години подоцна, токму на тој ден се случува превратот на 18 Бример, кога генералот Бонапарта станува прв конзул на Франција). Кристалната ноќ (Kristallnacht) од 1938 година се случи на истиот датум, означувајќи го чинот во кој од политичка можност, нацизмот се претвори во стварност.
Она што на почетокот на 1990-тите беше предмет на восхит, па и „доказ“ за наводен конечен триумф на либералната демократија, сега е предмет на анализи, од кои видливо отсуствува оптимизмот. Едната страна на приказната се однесува на Европа (па и на светот) и на државите што се променија и/или стекнаа независност во тој наводно „рајски контекст“ на демократија од западен тип. Некои од тие држави сега се „внатре“ (во НАТО и во ЕУ) – што значи и дека има такви што се „надвор“. Тие се соочуваа(т) со видливи и невидливи ѕидови: од шенгенскиот, до многубројните државни граници што претходно не постоеја, но и скриена дискриминација и стереотипизација.
Кога станува збор за другата страна на приказната, онаа за обичните луѓе, доминантна теза е дека падот на ѕидот донел слобода и благосостојба. Но кога нешто паѓа, урнатините мора да паднат врз некого. За тој аспект не се зборува многу, иако падот на Берлинскиот ѕид сѐ уште се одбележува свечено од западните политичари. Ова, велат, не е време за зборување за сите изгубени илузии, за свртувањето кон десно, за нелибералните демократии и за превисоко платената социоекономска цена од страна на најсиромашните. Во Германија се зборува за „осталгија“ – кованица составена од зборот „исток“ (Ost) и „носталгија“ (Nostalgie). Уште пред десет години, за време на одбележувањето на 20-годишнината, мнозинството (поранешни) Источни Германци сметаа дека животот во социјализмот имал повеќе позитивни одошто негативни страни. Процентот се намалува само поради стареењето на генерациите што се сеќаваат на ДДР, но интересно е што цвета производството на артефакти со сентиментална вредност што потсетуваат на старото време. Помладите не се задоволуваат со вакви симболи, се вртат или лево или десно. Ваквото расположение неодамна беше преточено во изборен резултат во источната покраина Тирингиа (со популација колку Македонија): Меркел (ЦДУ) доживеа тежок пораз, позиционирајќи се зад партијата на крајната левица (Линке) и таа на крајната десница (АФД). (Социјалдемократите едвај дојдоа до 9 отсто.) Она што загрижува е тивкиот процес на приближување на ЦДУ кон крајната десница, која станува „општествено прифатлива“ и „демократски избрана опција“.
Падот на Берлинскиот ѕид, по домино-ефект, доведе и до распад на држави. Постоењето на СФРЈ стана вишок кога веќе немаше блокови. Спектакуларниот чин не беше причина, па дури ни повод за она што беше веќе започнат процес на деградација на социјализмот поради внатрешните противречности, замената на искомпромитираната комунистичка идеологија со национализам, но и поради обидот за либерализација на економијата и излегувањето на глобалниот пазар (што извонредно го опиша Сузан Вудворд). СССР не можеше да се справи со трката во вооружување, меѓу другото. Во 1989 година, Полска веќе беше длабоко разнишана од „Солидарност“, Унгарија го отстрани стариот лидер Јанош Кадар, балтичките држави наголемо бараа независност, а до крајот на годината „револуцијата беше пренесувана на ТВ“ од Букурешт. Во живо следевме протести, но и егзекуција на брачната двојка Чаушеску, нешто што во годините подоцна стана редовен морбиден ритуал и спектакл. Пораката беше: нема милост, ни правично судење, за оние што демократијата ќе ги нарече диктатори! Трансформацијата беше брза – и болна. Демократијата не дојде без висока цена во социјална смисла и човечки животи. Всушност, самата помисла дека демократијата доаѓа прекуноќ, во еден (спектакуларен) чин е нонсенс. Во еуфоријата по падот на ѕидот, кој ја делеше не само Германија туку и светот на Запад и Исток, редовно се забошотува/ше прашањето врз кого падна ѕидот. Ниту една драматична промена на меѓународниот или некој државен систем не минува без урнатини. Во геополитичка смисла, урнатините паднаа врз тогашна СФРЈ (и најмногу Босна и Херцеговина).
Всушност, 9 ноември е денот кога во 1993 година беше урнат стариот прекрасен мост во Мостар. Германската нација се обедини, Југославија се распадна – урнатините добија дијалектичка форма. Слаба утеха се приказните за новостекнати политички слободи, слободен пазар и претприемаштво, изборна демократија, цивилно општество и слободни медиуми – бидејќи тие главно (о)станаа приказни и карикатури. За темната страна на демократизацијата не се зборува многу, бидејќи зборува за држави распаднати во крв, сиромаштија, задолженост и компрадорски елити што се збогатија на сметка на „транзицијата“ и сега се лојални на глобалниот корпоративен капитал и моќ. Во војните во СФРЈ и СССР загинаа над 200 илјади луѓе, половина милион беа ранети, десетина милиони раселени, а над 30 милиони искусија невработеност и социјална беда. Во „Доктрината на шокот“, Наоми Клаин го опишува овој процес беспрекорно, но прогресивците, во стилот на Медлин Олбрајт, велат „цената мораше да се плати и не беше толку голема“. Падот на ѕидот не беше револуционерен чин: народот не бараше нешто радикално ново, ниту од нова идеја/идеологија, туку обратно – се прифати другиот/спротивниот идеолошки, политички и економски систем, кој стана „единствената алтернатива“. Ветувањата на демократијата завршија во ерата на едноумие со западен стил, а слободата во политичка коректност. Луѓето од Истокот што тукушто напуштија утопија, која се претвори во дистопија, логично беа привлечени од светлата на велеградот (на Западот). Кога сфатија дека сјајот е резервиран само за богатите, веќе беше доцна – длабоко загазија во нелибералната квазидемократија, во која елитите им нудат нова „утопија“: НАТО (воена алијанса!) и ЕУ (корпоративен и империјален клуб).
Јубилејот се одбележа различно, а некаде мина и нечујно. Какво значење има тој за Македонија? Па, таа стои пред невидлив ѕид или, поточно, гледа во ЕУ како теле во шарена врата. Никако да сфати дека поканата за членство никогаш не била реална опција, затоа што на богатата трпеза не се канат невоспитаните, сиромашни и валкани Балканци – освен ако немаат геополитички габарит (како Романија и Бугарија).
Утопијата (погрешно) наречена „Европа“ одамна е „Тврдина Европа“, особено за најранливите (сиромашните и мигрантите). Транснационалниот институт (ТНИ) деновиве објави студија што открива дека најпрофитабилен и најбрзорастечки е бизнисот на градење ѕидови: не само во вид на бодликави жици туку со дронови, хеликоптери, бродови, електронски системи за биометриски податоци и сл. – односно високоразвиени и софистицирани „ѕидови“ за запирање на „инвазијата“. Доминираат неколку големи европски корпорации (Thales, Leonardo, Airbus, Indra, European Security Fencing итн.). Западот е најдобро чуваната затворена заедница (gated community). Во ваква констелација, земјите на периферијата, како Македонија, ја имаат улогата на „бранители на европејството/христијанството“, како што понекогаш и самите се квалификуваат во своите јуначки историски наративи (во однос на продорот на Отоманите, на пример).
Ако го прашате Париз, ова е идеално место за нивно „соседство“, место што може да ги вдоми оние што тие таму ги сметаат за терористи. Сепак, најголемиот невидлив ѕид што никогаш не падна, ни во 1989-та ни денес, ниту пак има намера да дозволи да биде урнат, е ѕидот на социјалната неправда и поделба на богати и сиромашни. Во лична преписка со колешка од Словенија дознав дека нејзината единица, брилијантна студентка, дипломирала биотехнологија. Додава: „Овде нема работа за неа. Се бараат само луѓе со ниско образование за да бидат искористувани во најлошиот облик на капитализам. За минималец. И ова е Словенија.“ Така, се наметнува пинкфлојдовска дилема: што е со тулите во ѕидот? Дали е подобро да си тула вградена во (друг) ѕид (на системот) или да си отфрлена тула што бара да биде вградена во некој ѕид, но никој не ја прифаќа? Но тоа е друга приказна, се разбира…