Стресот и сите трауматични доживувања оставаат неизбришлива трага кај хуманиот род. Ова е особено битно за раниот период, за децата, кај кои мозокот е во развој, па последиците се уште понагласени
Во еден од минатите броеви на весников пишував за тоа како стресот влијае врз функцијата на мозокот. Видовме дека стресот не е само непријатно психолошко доживување, туку докажано тој влијае врз мозочното функционирање и затоа треба да се сфати сериозно. Како продолжение на тој напис, денес ќе пишувам за најновите податоци добиени од истражувањата посветени на влијанието на доживеаниот стрес кај преживеаните од холокаустот. Иако поминаа повеќе од 70 години од стравотиите на Втората светска војна, последиците сѐ уште го окупираат вниманието на научниците и јавноста. Нема зборови за доживувањата на луѓето во концентрационите логори, на нивната физичка и душевна болка. Оние што се спасиле, сепак носат силни трауми, кои не се само складирани во сеќавањата, туку имаат влијание и во функционирањето на мозокот.
Истражувањето објавено ова лето во Осло покажува дека преживеаните жртви на холокаустот имаат долготрајни негативни последици во мозочната структура што се пренесува и кај нивните наследници, дури и на внуците. Истражувањето, чии резултати се прикажани на 5-от конгрес на Европската академија за неврологија, потврдува дека преживеаните од холокаустот имаат долгорочни психолошки и биолошки ефекти во смисла на редукција на сивата материја во делови на мозокот што се одговорни за стресниот одговор, помнењето, мотивацијата, емоциите, учењето и поведението.
Со користење скенирање на мозокот со магнетна резонанса, студијата е посветена на мозочната функција кај 56 луѓе на возраст 79-80 години при што резултатите се споредувани помеѓу оние што биле жртви на холокаустот со контролна група што немала никаква поврзаност со овие трауматични настани. Преживеаните покажале сигнификантно смален волумен на сивата материја во мозокот, споредено со контролната група, а биле на слична возраст.
Сивата материја претставува најголемата компонента на централниот нервен систем. Таа се состои од невронски тела, малку од нивните продолжетоци (аксони и дендрити), глија-клетки, синапси и капилари. Сивата материја се разликува од белата маса на мозокот по тоа што содржи главно тела на неврони, и релативно многу малку миелин (обвивка на нервните продолжетоци). За разлика од неа, белата маса главно ја чинат нервните продолжетоци, кои се миелинизирани. Бојата произлегува токму од миелинот, кој е светол. Во живите ткива, сивата маса актуелно под микроскоп има изразита светлосива боја, која доаѓа од капиларните крвни садови и невронските тела. Сивата маса ги покрива регионите на мозокот што се одговорни за мускулната контрола, сензорна перцепција (вид и слух), помнење, емоции, говор, донесување одлуки и самоконтрола. Според тоа, сивата маса е всушност интелектуалната снага во мозочната функција.
Студијата што ја спомнав погоре особено покажува разлики во наодите кај оние што во периодот на стрес (во 1945 година) биле помали од 12 години, кај кои редукцијата на сивата материја е многу повеќе нагласена. Тоа значи дека колку страдалниците биле на помлада возраст, многу повеќе е изразена вулнерабилноста кон стресни околински влијанија врз развојот на мозокот. Соодветно на поранешните истражувања во истата насока, студијата потврдува редукција на сивата маса во оние мозочни ареи што се асоцирани со ПТСД (посттрауматично стресно растројство) кај ветерани од војната, но и оние со искуство на доживеан друг вид стрес во раното детство. Она што е интересно, е дека иако доживеале огромен стрес за време на војната, преживеаните ветерани изјавиле дека сепак тие биле многу задоволни од личниот живот и професионален успех по војната.
Во оваа најнова студија, истражувачите се посветиле на последиците кај децата и внуците на преживеаните жртви на холокаустот. Наодите кај наследниците на жртвите потврдуваат дека кај нив постои помала редукција на структурите на мозокот инволвирани во процесирање на емоциите и меморијата отколку кај самите преживеани, но сепак се присутни. Слични вакви истражувања треба да покажат кои се биомаркерите за стрес и посттрауматично растење на мозокот и да детерминираат како се пренесуваат тие кај наследниците, т.е. генетската поврзаност со факторите, кои понатаму ги одредуваат однесувањето и психологијата на поединецот.
И, еве, дури и по повеќе од половина век од холокаустот кај луѓето се сигнификантни промените во мозочната структура и функција. Тоа е особено изразено во процесирањето на емоциите, меморијата и социјалната когниција. Она што е многу значајно е дека слични промени се наоѓаат и кај наследниците на овие жртви. Надежта дека истражувањата ќе помогнат да се разберат ефектите е за да се најдат соодветни стратегии за терапија.
Генерален заклучок би бил дека стресот и сите трауматични доживувања оставаат неизбришлива трага кај хуманиот род. Ова е особено битно за раниот период, за децата, кај кои мозокот е во развој, па последиците се уште понагласени. Затоа, родителите, воспитувачите, учителите и поширокото опкружување треба многу да внимаваат во однесувањето спрема децата, ако сакаме да имаме здраво поколение.
(Авторката е педијатарка и психолог)