Американските правни експерти посочуваат дека и според најопортунистичкото читање на меѓународно право, САД се во војна со Исламската држава, а не со сириската влада, поради што немаат основа да ја присвојуваат сириската нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп, којзнае по кој пат, покажа дека во душата е голем шоумен, но и „итар“ бизнисмен. Знае да шокира и да ѝ го привлече вниманието на јавноста. Па, така, ликвидацијата на озлогласениот лидер на Исламската држава, Ал Багдади, му дојде како кец на десетка за да прогласи голем надворешнополитички триумф, што не е мала работа, бидејќи го очекува тешка изборна година. Но кога станува збор за Трамп секогаш има едно мало, важно „но“, шефот на Белата куќа успеа буквално да го уништи овој медиумски триумф со ПР-салто мортале, најавувајќи дека одреден број американски војници сепак ќе останат во Сирија за да ја „чуваат“ сириската нафта. И додека експертите и новинарите се чешкаа за глава, обидувајќи се да сфатат од кого ќе се чува нафтата, Трамп побрза да одговори за кого ќе се чува сириското црно злато – „Ексон мобиле“ или некоја друга голема американска нафтена компанија…
Трамп е познат по избрзани и (непромислени) отворени изјави, но со оваа изјава се надмина и себеси, за што се согласуваат и многу американски експерти и политичари од двата краја на партискиот спектар во Вашингтон. Па, така, во 40-минутниот говор за убиството на Ал Багдади и причините за тоа зошто американските војници и натаму се во Сирија, тој само двапати го спомена тероризмот, додека, пак, на нафтата се осврна дури 22 пати.
Но ова не е првпат тој да ѝ фрли око на арапската нафта. Уште пред да стане претседател, Трамп во неколку наврати изјави дека САД би требало да ја земат нафтата од Ирак и од Либија, а сега овој аргумент го прошири и на Сирија. Дури и отворено посочи дека за експлоатацијата на сириската нафта би биле задолжени американските нафтени гиганти.
Секој пат кога САД се мешаат и ангажираат на Блискиот Исток, американските непријатели го обвинуваат Вашингтон за империјализам, дека воопшто не му е грижа за демократијата и човековите права, и оти единствена цел е грабеж на арапското богатство. Сега шефот на Белата куќа и отворено им даде повод за оправданост на таквите обвинувања
Ваквата идеја е проблематична од повеќе аспекти. Прво, ваквата шема е нелегална. Таа е спротивна на повеќе меѓународни договори и конвенции, вклучувајќи ја и Четвртата женевска конвенција. Во оваа конвенција јасно е наведено дека земањето добра (вклучувајќи и природни ресурси) во текот на војна без дозвола на сопственикот претставува грабеж, и е рамно на воено злосторство. Американските правни експерти посочуваат дека и според најопортунистичкото читање на меѓународно право, САД се во војна со Исламската држава, а не со сириската влада, поради што немаат основа да ја присвојуваат сириската нафта. Покрај тоа, американските војници воопшто немаат легален авторитет од Конгресот за да бидат во Сирија, а камоли да ги присвојуваат нејзините ресурси. Тешко ќе помине и сугестијата на Трамп дека американските војници ќе ја чуваат нафтата од џихадистите на ИД, а во корист на „сојузниците“ Курди, или, пак, идејата дека со нејзината продажба ќе се наплати американскиот ангажман во Сирија…
Вториот аспект се однесува на проблематичната порака што ја испраќа Трамп со ваквата идеја. Па, така, секојпат кога САД се мешаат и ангажираат на Блискиот Исток, американските непријатели го обвинуваат Вашингтон за империјализам, дека воопшто не му е грижа за демократијата и човековите права, и оти единствена цел е грабеж на арапското богатство. Сега шефот на Белата куќа и отворено им даде повод за оправданост на таквите обвинувања. Па, така, од ПР-гледна точка, штетата е веќе направена. Руското министерство за одбрана го обвини Вашингтон за меѓународно државно бандитство. Иранските државни медиуми оценуваат дека крајна цел на распоредувањето на американските војници околу сириските нафтени полиња е преземање на контролата врз приходите од продажбата на нафтата во сопственост на Сирија.
Времето ќе покаже дали и како Трамп ќе успее да се извлече и од оваа мешаница, притоа минимализирајќи ја штетата врз интересите и имиџот на САД и тоа во период кога мислењето на меѓународната јавност и на глобалните актери не е многу наклонето кон актуелната администрација во Вашингтон.