Вреди ли да се одбележува првата годишнина од ланскиот неуспешен референдум, распишан на неуставен и противзаконски начин? Нели го бојкотиравме за да покажеме дека нема да бидеме соучесници на кршењето на Уставот, законот и здравиот разум? Сепак, чинот ќе остане запишан во неславната историја на оваа влада, но и на државата. Тоа што сите политички чинители (првенствено ВМРО-ДПМНЕ), вклучувајќи ги и тие од движењето „Бојкотирам“, ја пропуштија шансата да се обединат и да го спречат она што беше извесно дека ќе следува, остава тешко историско бреме врз сите. Формалноправно, тој референдум (за чие оправдување Уставниот суд користеше политичка фразеологија и евроатлантски пароли, наместо да ги чува принципите на уставност и законитост) беше неуспешен, но какво фајде од тоа. На макијавелистички начин власта, потпомогната од т.н. меѓународна заедница, го жртвуваше принципот на владеење на правото на олтарот на Преспанскиот договор – тие ја остварија целта што им беше зацртана и нацртана. А ниту народ се дигна, ниту опозицијата го напушти парламентот – напротив, им ја држеше свеќата на оние што нѐ онаквеа при здрав памет.
Гледано во ретроспектива, од тој 30 септември до денес и во иднина, генерации ќе се срамат од нас и од себе. Некои велат, ова е ден за славење, зашто народот покажал дека има ’рбет и не потклекнал. Точно е и тоа дека сето она што произлегува од противуставен чин е правно ништовно, а дека Преспанскиот договор може да се поништи поради кршење на одредбите на Виенската конвенција за договорно право, но тоа не е оправдување за инертноста што настапи по еуфоријата на пропаднатиот референдум. Тој чин требаше да се ефектуира, но… Денес ни треба „маж“ (во фигуративна смисла на зборот), т.е. влада што ќе се осмели да го користи меѓународното право за заштита на националните интереси. Тажен е фактот што во оваа монтипајтоновска држава опозицијата го нема „она“ (што е потребно), ниту пак смее да изусти поништување на Преспанскиот договор. Повеќе се загрижиле за датумот, па уште и лобираат токму кај оние што насилно ни ги сменија името и идентитетот. Засега се тешиме со индивидуални чинови, со повикување на индивидуално право на самоопределување, но колективна акција нема.
Потребата да не се дозволи преспанскиот процес да стане лански снег е и единствената причина зошто го спомнувам во оваа колумна. Толку многу важни нешта, а уште повеќе скандали се нанижаа, што референдумот бледнее. Целта на нивната орвеловштина е сѐ да прекрие со копрената на заборавот и со финтите и дефокусирање. Сѐ додека не се најде јунак, т.е. политичка опција што нема да се додворува и поклонува пред „меѓународната“, ќе треба да одѕвонува како ехо дека македонскиот народ не се согласи со промената на името и Уставот, а одлуката од 8 септември 1991 година останува правно обврзувачка! Трамвајот наречен датум/желба е повторно актуелен, и по малку е патетично она изнасилено радување дека Берлин (наводно) дал безусловно „зелено светло“, кога е сосема јасно дека датумот ќе стане најодбележуваниот „успех“ на секоја влада уште долго, долго време. А добивањето датум за ПОЧЕТОК на преговори е едно големо ништо, исправање на една неправда уште од 2005 година. Дури и ако Годо во нашиов театар на апсурдот сепак се појави, тоа дефинитивно не значи ништо во држава што пука по сите рабови, а ни ЕУ не е сосема сигурна за својата перспектива.
Сега, кога ја споменав оваа годишнина, да се свртам кон редовните „годишнини“. За професорите, 1 октомври е почеток на нова академска година, означен со свечен чин на врачување на индексите на новите студенти. За некој на мои години, со стаж од над 37 години, и толкав број средби со нови генерации, тоа е и време на соочување со својата мисија и со прашањето дали воопшто има нешто свечено во тој чин. Дали на тие млади луѓе им го даваме она што го заслужуваат (и што им го ветуваме на модерните „саеми“ и преку комерцијални реклами) или ги користиме како клиенти и на политикантски начин ветуваме нешта што нема да ги исполниме? Од година на година ми станува сѐ потешко, бидејќи знам дека ќе треба да им предавам или бајки („како треба да биде“) или хорор-приказни („како навистина е“) од областа на политичкиот систем, демократијата и човековите права. Им се чудам на колегите што се и министри како мува не ги лази додека жонглираат со наука, концепти, правни институции и уставни принципи, а всушност водат евтина политика.
Секогаш сум се трудела да воспоставам баланс, па уште на првиот час да им кажам дека во предавалната уживаат максимална слобода на мисла и говор и дека поздравувам и критичка мисла и дебата и сомнеж, но и незгодни прашања. Ги учам дека и во науката нема вечни вистини, а дека догмите (особено наметнати од позиција на моќ, без оглед дали нејзиниот извор е политички или религиски или некој трет) значат затворен ум. Им нудам повеќе перспективи за тоа што е демократија, за тоа дека таа не може ниту да се копира ниту да се извезува (со бомби или закани), но и за тоа дали човековите права се баш универзални или треба да се земе предвид и културниот релативизам. По однос на „името“, ќе им ја оставам слободата сами да одлучат дали ќе зборуваме за Македонија или за Северна, но нема ниту да ги наградувам, ниту казнувам за употребата на едното или другото, како што тоа го прават мои колеги од Правниот факултет. Но кога набргу ќе дојдеме до темата за тоа како граѓаните ја остваруваат демократијата (со непосредна или посредна демократија, на референдум и/или на избори), тоа ќе биде најжешкиот костен.
Зашто во Македонија и двете се повеќе во сферата на непостојното (би рекле, нормативното) отколку на стварното. На пример, ако лани се почитуваше Уставот, консултативен референдум немаше ниту да може да се распише; или, по неуспешниот референдум, премиерот ќе дадеше оставка и со распуштање на парламентот граѓаните ќе одлучуваа за легитимна власт. Но овде никој не го шиша граѓанинот – само го стриже. Онаа смешка од уставен суд деновиве се осмелила да зуцне и да донесе одлука дека на бранителите на обвинетите за 27 април им била повредена слободата на мисла и говор (затоа што судијката ги казни во вршењето на нивната одбрана и протестот што тоа им го попречува). Толку сме очајни што дури и ова го сметаме за успех, а забораваме дека на обвинетите им беше повредено уште поважно право – правото на фер и правично судење! Забораваме и дека тој одлучи да ја бутне главата в песок и за изборот на спикер на парламентот и за Преспанскиот договор.
Обвинителот не гледа дека директорот на „Службен весник“ објави закон само со еден потпис, што е кривично дело. Не гледаат зло, не слушаат зло, не говорат/постапуваат против злото. Среде ваков калабалак ќе треба да им предавам на студентите, додека не заминам во пензија.
И кога сме кај пензионирањето, не можам а да не кажам некој збор за мој колега, кој токму денес заминува во пензија, и тоа навидум со „мартинлутеровски“ чин на обелоденување на вистината за УКИМ со заковување некаква негова декларација. Некои велат дека и тоа е храбар чин, затоа што другите молчат. Неговата критика во многу нешта држи вода, но Мартин Лутер не се станува во пензија, од безбедна позиција. Се жали дека УКИМ е не само на распаќе туку и во бездна, а го немало никаде на Шангајската листа! Тоа е факт! Но ако сака да критикува и да ги навредува колегите со непримерен јазик (порачувајќи им дека „тртљаат“), тогаш е чесно да тргне од себе, од она што тој го сторил годините зад себе и што оставил како завет во науката (социологијата, во случајов). Како тој придонел за шангајски рејтинг? Ако го прогуглате неговото име, тешко дека ќе најдете нешто објавено надвор од земјава и на друг јазик. За тоа каков професор бил, ќе си кажат неговите студенти, но во науката има и некои други критериуми. Колку е „дисидент“ зборува и фактот што Блажевска му посвети посебен текст во „Дојче веле“ (трогателно звучеше тоа „Последниот крик на професорот“), но тоа има многу повеќе врска со Северна (која „дисидентов“ ја поддржа) отколку со научните/професорските дострели. Со крекање (и тоа неписмено) може да се предизвика мало бранување во барата, ама ништо за паметење. Крикот на вистинскиот научник урива граници, затоа што тој се спротивставува цел живот и не се поклонува пред моќните. Затоа ова е тажен чин на тажна личност, која сака да замине (во пензија) со пркос, а ќе биде проследена со игнорирање, па и презир затоа што викајќи УАА против универзитетот одбегнува да го дигне гласот против моќните, на кои им дал легитимитет кога требало да протестира.