Прославата на Денот на независноста под мотото „Боите на независноста“ ја потврдува практиката дека ритуалот неретко ја надживува причината.
Во многу прослави, ритуалот продолжува да трае и откако причините бидуваат изоставени и заборавени. Историската дистанца од поводот на една прослава и промената на колективната перцепција на настанот по смената на повеќе генерации, вообичаено водат до заборавност на настанот од мемориско значење. На негово сведување на ритуал.
Меѓутоа, дваесет и осум години од референдумот за самостојна и суверена држава се скромна дистанца и нескромен изговор пред заборавноста да се именува земјата со името избрано од нејзиниот суверен – народот. Овде, заборавноста е уставно загарантирана и забетонирана амнезија.
Волјата на суверенот, вградена во Уставот од 1991 година, по наметнатите корекции легитимирани со насилни средства, а заокружени со рамковниот договор од 2001 година, веќе со Преспанската спогодба (и со некоја „запршка“ помеѓу и потоа) му отстапи добар дел од своето место на друг суверен – грчкиот народ, иако во суштина, суверените се заобиколени и изневерени.
Апсурдот на уставните промени (и покрај континуитетот на волјата посредно потврден со неуспешниот референдум минатата година), и понатаму се збогатува со осиромашување на македонската историја од континуитетот на борбата за самостојност.
Согласен сум – нема поубави бои од боите на слободата и самостојноста, од бојата на сончевината и бојата на крвта што неа ја сонува. Од белиот неиспишан лист каде што се втиснува мастилото на сопствениот избор и се пишува судбината со сопствената срцевина.
Но се откажавме од тие бои.
Под слоганот „Боите на независноста“ (во горниот агол на екранот), парадира една еродирана стварност од бои во нијансите на македонското сивило – бојата на пародирана економска, социјална и политичка зависност на граѓанинот, пред кој продолжено тече една неславна претстава (како во режијата, така во одиграните улоги и продолженијата) од домашно-странска продукција, гротескно безумна како и онаа трилогија на „Педесет нијанси сиво“. И таа, како и „преспанската“ приказна, се промовираше како љубовна приказна, а се сведе на контролирачки, подреден и понижувачки однос за „послабата страна“. И овде и таму, главните ликови водат исцрпувачки (за послабата страна) разговори, ги договараат границите на (не)пристојноста, со редовни сугестии до послабиот за „слекување на облеките“. И како во секој однос што ги надминува границите на волјата на едниот, а се подведува на задоволството на другиот, вербалната согласност е вградена во нивниот говор како лозинка и не подлежи на претпоставки. Така е во холивудската приказна.
Во преспанската, „вербалната согласност“ ги надминува границите на трилогијата. Можеби и на фантастиката. Таа е присутна и кога е неизнудена од договореното. Блика со ентузијазам во секоја пригода, неприлично и до целосно соголување, на задоволство на другиот. Лозинката е – да не се именува себеси со вистинското име, да се премолчи до самопоништување.
Се чини пригодно прашањето што го поставува една филмска критика, дали односот на Кристијан и Ана (главните ликови во трилогијата) може да прерасне во нешто зрело, а притоа да останат доследни на себе. Има ли простор, едновремено за одговорност и безумие, за достоинство и понижувачко подредување?
Иднината на Македонија е замесена со фарисејски квасец, а иднината на ниту еден народ не израснала од фарисејство. Нараснува само неговата суета (на фарисејството), кое однадвор настојува своите постапки да ги претстави како достојни и добродетелни, а самото е исполнето со беззаконие.
Се откажавме од правото на самоопределување загарантирано со Повелбата на ОН, поточно, „се откажаа“ во име на народот.
Во едни други премрежиња за Македонија, големиот Ренџов ќе запише: „Мноштво на немоќни луѓе кои проговорија од моќни места ја заменија татковината со ’Јас-татковина‘, не чувствувајќи ни позор, ни срам“, евоцирајќи ја предупредата од најголемиот пророк меѓу поетите – Блаже Конески: колку е опасно немоќен човек да проговори од моќно место!
Се остварија, како и многупати, стравувањата на поетот од слободата, повеќе одошто од ропството. Врз слободата на изборот на народот, нагазија „избраните“, ставајќи ја сопствената волја и волјата на своите западни ментори над волјата на суверенот – нивниот вистински властодавател.
Во едни нови премрежиња, без преседан, продолжува да трае, по зборовите на Ренџов – „времето на траење (читај: Трајче) на трпението (читај: Трпе) на спасението (читај: Спасе), онака ко што наложија вековите, онака ко што го потврдија… со својата слобода своите“, по патот на сомнежот дека „од нас не бидува луѓе дури си ги носиме имињата што ни прилегаат: Трајче, Трпе, Спасе“ (по зборовите на еден старец од спомените на поетот).
Но познавам еден Трајче, кој не знае да трае пред неправдите кон Македонија и не само што не трае, туку ги прозива на сет глас „заговорниците“ на нејзиното принудно преименување, зашто е верен поклоник на вистината и правдината, зашто ја сака татковината.
Познавам и еден Трпе, кој не може да ги трпи македонските неправдини, па и меѓу најблиските, најсвоите, ја исправа таа неправда.
Познавав и еден Спасе, кој со боите врз платното ги рисуваше убавините на Македонија со светли бои и нè спасуваше од темнината во нас.
Уверен сум дека постојат уште многумина како нив, и различни од нив, кои неславно толкуваниот судбински калем на името (од зборовите на старецот) го исполниле со обновувачка смисла – нетраење и нетрпење пред неправдите заради достоинствено и благородно траење, за спас на човештината, убавината и правдината.
Денес можеби Македонија е спокојна, како пулс кај скоро покојна, но останува надежта дека е во лесна кома.
Сакам да верувам дека овој Осми септември е добар ден за будење.
Сакам да верувам дека Денот на независноста е убава причина да се надживее ритуалот испразнет од смисла, да се измијат боите на зависноста, да му се врати благородната, обновувачка смисла на празникот, како симболиката на Трајче, Трпе и Спасе…
Авторот е магистер по мир и развој и поет