Просто е неверојатно како други држави знаат да се одбранат од секоја потенцијална опасност, а ние самите сме си најголема опасност. Трамп, на пример, активира правило од 19 век за да ја заштити државата од наплив на мигранти, додека кај нас се газат и не се почитуваат законите и во 21 век. И што прави нашиот правосуден систем. Бара немешање од страна, зашто и самиот однатре не се меша во својата работа!
Од каде ли само да започнам? Пишувачите знаат дека првата реченица е обично најтешка, особено ако живеете во држава како Македонија. Каде што често сте изложени на ризик да ја промашите темата. Не поради друго, туку од едноставна причина што секојдневно има толку многу настани и случки за пишување и коментирање што ве става во искушение што попрво да изберете. Притоа кога велам настани не мислам воопшто на оние баналности и педерастија, кои во принцип и не заслужуваат особено внимaние.
Нивна првенствена цел е да се украде шоуто. По можност да се оттргне вниманието на јавноста од вистинските болни теми и проблеми. Затоа во оваа пригода се одлучив за една суштествена тема, која со години, ако не и со децении, се посочува како рак-рана на државата и која влијае врз животот на сите граѓани. Станува збор за македонскиот правосуден систем. Повод и причини зошто да се пишува токму за ова има повеќе и во продолжение накратко ќе се задржам само на некои од нив.
Имам впечаток дека македонскиот правосуден систем е најгангренозното ткиво на целата држава, кое сериозно го загрозува и нејзиниот опстанок. Дека гнилото и болно ткиво е толку проширено и метастазирано што е неопходна итна, неодложна и прецизна хируршка интервенција. За да се отстрани туморот што надвиснал врз државата зашто досегашната терапија не даде никакви резултати.
Низ годините се правеа редица реформи во оваа сфера за да се осигури независноста, да се засили интегритет и капацитетите на правосудниот систем, но се чини дека вистинските и очекувани резултати изостанаа и никогаш не ги видовме. И кога го велам ова не мислам само на целосното расчистување на големите случаи во кои, на еден или на друг начин, се инволвирани влијателни личности, политичари или бизнисмени. НЕ. Македонскиот правосуден систем (Обвинителството и судството заедно) е јалов и неефикасен и кога станува збор за најобични граѓански случаи и истраги. Еве, на пример, и по повеќе од една година нема резултати до каде е истрагата за загинувањето на младите планинари Калина и Александар на Кајмакчалан. Токму за овој случај нашиот весник многу истражуваше, анализираше, и интервјуираше редица учесници во планинарскиот поход и очевидци и од македонска и од грчка страна. Се разбира, сите наши новинарски наоди ги изнесовме и во нашите изданија.
Од друга страна, официјалната истрага на надлежните органи сѐ уште не е завршена ниту пак досега е излезено со некакви мерки и сознанија. По толку време и во едни вакви околности флоскулата – истрагата е во тек, звучи повеќе на лакрдија отколку на сериозна мерка. Истото може да се каже и за мистериозното бегство на поранешниот премиер Груевски. И за ова истрага е во тек, обвиена со превезот на тајноста. Јавни засега остануваат само сомневањата за уште една бламажа и неажурност.
И, се разбира, останува и горчината во срцата на сите оние што се понадеваа на некаква разврска и правда. Понатаму, по не знам кој пат, пак ќе запрашам – каде е бројчаникот за криминално изнесените пари од државата.
Наместо бројчаник сега се појавија чанти „луј витон“, во кои уредно се пакуваат и носат милионите. И за ова истрагата е во тек. Што да се каже за најновите случувања поврзани со случајот „Рекет“, кој и понатаму ја тресе државата, па дури стана и нов услов за добивање датум за преговори со ЕУ. Тука сме засега во фаза на сослушување сведоци, меѓу кои, за чудо, има повеќе обвинители отколку криминалци. Нели е необична малку оваа, би рекол, парадоксална ситуација. Обвинители се повикуваат како сведоци во еден криминален акт, за да се испита нивната евентуална поврзаност или вклученост во случајот. Во најмала рака, многу извртеност во процедурата каде што споменатите две институции, со различни партиски легитимации, кои во процесот треба да имаат различна улога, сега се ставаат во ист кош?!
Како обвинител,, изнесува и брани докази за криминал, ако самиот не бил вклучен. Самиот поим сведок на некој начин се сфаќа и како очевидец на настанот, односно инкриминираното дело. Можно ли е истовремено обвинителот како гонител, и истражител да биде и очевидец, односно сведок? Да теоретски е можно, но зошто тогаш обвинителите самите не се иззеле од случајот и не се пријавиле како сведоци, бидејќи имале сознанија и можеле да дадат известување за кривичното дело и за сторителот, како и за други важни околности. Тоа им била и професионална и граѓанска должност! Вака испаѓа дека тие криеле нешто. А и тоа е кривично дело!
Или, можеби, се користи терминот сведок за да не се употреби потежок израз -соучесник. И за ова истрагата е во тек.
И додека половина од обвинителите на СЈО се повикуваат како сведоци и целата оваа постапка е тајна, нели во интерес на истрагата, не ми е јасно зошто молчи законодавниот дом. Оние мнозинство пратеници, кои ги поддржаа и ги избраа оваа специјална обвинителка и нејзиниот тим. Зошто законодавниот дом, пред кој единствено одговара и поднесува отчет специјалната обвинителка, сега не побара објаснување за актуелните случувања и постапки.
Тоа се народни избраници и народот го очекува тоа од нив.
Или можеби и тоа може да влијае врз истрагата и да ја наруши нејзината тајност?!
Но претходно ниту еден од случаите што ги отвораше СЈО не беше таен туку беше изнесуван јавно и на спектакуларен начин пред ТВ-камери и микрофони. Театрално содржините на незаконски снимани аудиоразговори или таканаречени бомби се обелоденуваа на преполни прес-конференции. Паметам една таква на која во прв ред беа амбасадорите и дипломатскиот кор во државата.
Трите грации или Чарлиевите ангели тогаш гордо стоеја една до друга пред камерите. Сега читаме дека се плукале, претресувале меѓусебно па дури си упатувале и меѓусебни закани, дека ако падне една ќе ги повлече и другите. И ова сѐ уште се нарекува специјално јавно обвинителство, во кое во моментов изгледа единствено специјално се само скандалите.
Се прашувам зошто сега не се постапи како претходно па обвинителите, односно сведоците, од СЈО да излезат јавно пред македонскиот парламент и македонските граѓани и да кажат што знаат. Но очигледно оваа нивна театарска претстава сега не е за поширока публика.
Сосема за крај неколку збора и за реакцијата на Обвинителство на изјавата на претседателот на државата, кој со последниот настап покажа државнички манири, ставајќи ги на прво место интересите на граѓани, функционирањето на правната држава и иднината на државата.
Но сепак од Обвинителството се најдоа навредени што, ете, некој им замерува за неажурност па порачаа политичарите да не се мешале во нивната работа. Па луѓе божји дали е ова можно.
По сите овие случувања и во ек на голем скандал една од најозборуваните, најкритикувани, да не речам најнеспособни институција во државата, бара некој да не се меша во нејзината работа. Демек тие супер работат нема што друг да им укажува. Ако било така ќе бевме ли денес на ова дереџе на кое сме сега. Зошто тогаш во сите и домашни и меѓународни извештаи се посочува токму нефункционалноста на правната држава како наш најголем проблем.
Ако сѐ е супер зошто самите тие, обвинителите и судиите, дозволија целосно да се урниса угледот на правосудниот систем. Потврда за тоа се и најновите сознанија на антикорупциската комисија дека корупцијата е најизразена токму во судството.
Впрочем, кој дозволи да се создаде сваровски-судството.
Токму таа спрега меѓу политиката и правосудниот систем ја закопа правната држава во Македонија. Просто е неверојатно како други држави знаат да се одбранат од секоја потенцијална опасност, а ние самите сме си најголема опасност. Трамп, на пример, активира правило од 19 век за да ја заштити државата од наплив на мигранти, додека кај нас се газат и не се почитуваат законите и во 21 век.
И што прави нашиот правосуден систем. Бара немешање од страна, зашто и самиот однатре не се меша во својата работа! На времето еден од обвинителите се жалеше дека тој бил последната будала што се нафатил на таа работа. Се памети и случајот кога јавен обвинител тврдеше дека нема пари кауч да си купи.
Изгледа времињата оттогаш многу се промениле. Ресурси, буџет и пари сега има и повеќе од потребното, но сега трендот е некој друг да се направи будала. Ако се може. А и каучите веќе не се во мода.
aleksandar. [email protected]