Настани, симболи, алузии
Да не се лажеме, имињата на улиците во секоја држава зависат од официјалното сфаќање, гледање и толкување на историски настани и личности на оние што се актуелна политичка власт, а се знае дека политичката власт е и државна власт. Во такви околности за една власт некои херои се злосторници, за друга власт злосторниците се прогласуваат херои. Некои многу важни личности, од разни причини, се забораваат или ним им се дадени имиња на слепи улици. Други, анонимни, безначајни личности, благодарение на моментни владини или партиски врски, добиваат главно централни улици. Едни се бришат, други се пишуваат без целосна стратегија, некогаш без ред, без логика, без историска оправданост, без пристојно објаснување, без рационален пристап, дури и без памет
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, распиша општонароден повик за нови имиња на улиците. Нормално беше да се очекува таков потфат. Не е за чудење, секаде каде што драстично се менуваат историските општествено-политички околности, така се менуваат и имињата на улиците, плоштадите, мостовите, парковите, знаменитите објекти, државните институции. Прашањето за имињата на улиците отсекогаш го привлекувало вниманието на обичниот граѓанин. Особено кај нас тоа предизвикува посебно внимание, имајќи предвид дека за овие триесетина години независност тоа се поставува неколкупати.
Во држава каква што е Република Македонија (денес Северна), која доживува исклучително динамични преобликувања, во земја во која се случила револуција (макар и шарена), во земја што си го смени името и во која на секои пет години драстично се менуваат уставите, не може да не биде направена поширока политичка и културна ревизија во согласност со новите околности и новото име. Се разбира, и во склоп на новата политичка доктрина содржана во слоганот „едно општество за сите“ и во согласност со барањата (условите) што ги поставуваат соседните држави, како и факторите од НАТО и ЕУ.
Се менуваат властите, се заменуваат победниците, а знаејќи дека историјата ја пишуваат оние што победуваат, станува јасно дека се менува и историјата, при што своевидна „жртва“ се и имињата на улиците. Сѐ зависи кој е на власт и кој прави нешто од вистинска потреба, а нешто злонамерно и манипулативно. Не треба многу објаснување – сѐ е просто како грав.
Секоја држава, секој град, секое село и улица, еден сокак, дури и една самотна куќа, имаат своја историја. Имињата на објектите, топонимите на местата, прекарите на маалата, имињата на улиците на еден локалитет молчешкум зборуваат за самото место, за самата држава, за нејзините граѓани, за историјата, културата, традицијата. Тие се сведоци за војни, за востанија, за победи и порази, за национални јунаци и фигури, за просветители и учени, за славни народни дејци. Се разбира, и за актуелниот политички миг, за ставовите и намерите на актуелната власт, за нејзините определби кон историјата и личностите во неа, поаѓајќи од идеолошки, национален и културолошки контекст. Во таа смисла имињата на улиците, освен како адреса, би требало да служат како спомен за минатото, сознание за сегашноста и опомена за иднината.
Да не се лажеме: имињата на улиците (освен географските) во секоја држава зависат од официјалното сфаќање, гледање и толкување на историски настани и личности на оние што се актуелна политичка власт, а се знае дека политичката власт е и државна власт. Во такви околности, за една власт некои херои се злосторници, за друга власт злосторниците се прогласуваат херои. Некои многу важни личности, од разни причини, се забораваат или ним им се дадени имиња на слепи улици. Други, анонимни, безначајни личности, благодарение на моментни владини или партиски врски, добиваат главно централни улици. Едни се бришат, други се пишуваат без целосна стратегија, некогаш без ред, без логика, без историска оправданост, без пристојно објаснување, без рационален пристап, дури и без памет. Такви примери се намножија во Скопје, а најверојатно ги има и во другите градови низ Македонија. Но тоа е нормално кога се знае дека власта пише – власта брише.
Самите имиња на улиците, поранешните и новите, оние што се паметат и оние што се актуелни, се своевиден времеплов и сведоштво, што луѓето ги потсетува низ какви турбулентни времиња поминувал народот и што сѐ преживувал, во какви системи живееле жителите на тие улици, сегашните и нивните предци безмалку стотина години. Кога човек прошетува некој град и ги гледа таблите со имињата на улиците (ако има табли, а не како во Скопје што ретко се среќаваат), стекнува одредена претстава за градот и државата. Затоа секоја сериозна држава води сметка за имињата на улиците и на институциите во своите населени места, не дозволува именувањето да личи на анархија, својата метропола да ја претвори во метропола на адресантни апсурди.
За таквата сериозност би посочил еден пример. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век, во Будимпешта, водев интервју со претседателот на Унгарија, Арпад Генц, писател и многу почитувана личност во државата, кој ја преживеал комунистичката диктатура. Унгарија, по падот на Берлинскиот ѕид, беше меѓу првите што направи мирна политичка и демократска транзиција и од еднопартиска стана повеќепартиска, целосно го смени уставниот систем. Во многуте донесени нови одлуки беше и одлуката за промена на имињата на улиците, кои главно носеа комунистички предзнак.
Целата операција била изведена со големо внимание. Имено, низ центарот на Будимпешта на многу згради можеа да се забележат една до друга по две улични табли. Јас и моите пријатели се прашувавме што може да значи тоа? Иако погодувавме, не бевме сигурни во конечниот одговор. Со писателот Паскал Гилевски, кој беше близок пријател со претседателот Генц, во приватниот дел од разговорот го прашавме зошто насекаде има по две улични табли. Претседателот, по кратката, благородна насмевка, ни објасни дека едната табла била со старото, а другата табла со новото име на соодветната улица и дека тоа ќе трае до три години, период во кој би се регулирале сите административни формалности. Владата и градот се одлучиле на таква постапка за да не се внесе општа забуна меѓу граѓаните, да не се измешаат адресите на месните жители и да може да се снајдат оние што доаѓаат во него. Значи, таблите со новите имиња на улиците не само што ја задржале основната функција, да бидат ориентири за снаоѓање, туку биле објава на новото време и на новиот систем, биле и соопштение и информација за граѓаните. Таблите со старите имиња биле некаков долг кон минатото и како знак на помирување меѓу старото и новото. Никој да не се лути, никој да не се буни.
Имињата на улиците, како и имињата на другите сегменти на градската топонимија и топографија, не само симболично, ги презентираат процесите на изградбата на еден град, трансформациите што тој ги доживува, но и историското паметење на неговите жители. Тие се израз на неговата историја, на економскиот и социјалниот развој, на културните издигнувања и задржаните традиции. Тие сведочат за промените на идеолошките системи и политички дејства, за своевидно „прочистување“ на историјата, но и за создавање и зачувување на националниот идентитет на населението. Не само државата туку секоја улица си има своја шареноликост, свој идентитет. Името на една улица не е само обична адреса.
П.С. (Посочениот пример од Унгарија може да им послужи како искуство на градските скопски власти. Него го давам и како официјален предлог до нив, не само да го имаат на ум туку и да го спроведат при преименувањето на улиците.)