Синдромот на недостиг од внимание, со или без хиперактивност, скратено означен како АДХД беше и останува на врвот по зачестеноста на проблемите во менталното здравје кај децата, но и кај возрасните. Ова растројство се карактеризира со неможност за концентрација и фокусирање на вниманието, импулсивност, лесно вознемирување и хиперактивност. Кај децата се проценува дека е присутен во 8-10 отсто од популацијата, но останува актуелен проблем и кај возрасните, со тоа што хиперактивноста полека се смирува и се контролира. Ова растројство е многу често здружено со други ментални проблеми, а најновите истражувања во невронауката покажаа дека во неговата основа стои иста генетска промена како и кај аутизмот и опсесивно-компулсивното растројство.
Приодот во третманот на АДХД многу се разликува од регион во регион, така што денешниот напис ќе биде посветен на најдобриот избор што денес се смета како најсоодветен за каде било во светот. Во најновото соопштение издадено од Националниот институт за здравје во САД и од Педијатриската асоцијација се препорачува комбинација од минимална медикаментозна и бихевиорална терапија како најдобар избор. Истовремено, учењето социјални, бихевиорални и академски вештини е неопходно во текот на целиот живот кај луѓето што страдаат од АДХД. Во подолниот текст ќе ги набројам по редослед најдобрите современи приоди за третман на АДХД.
1. Бихевиоралната терапија, или третман на однесувањето претставува прв избор. Таа подразбира: засилување на доброто однесување со помош на наградување; декуражирање на негативното однесување со игнорирање; забрана на некои привилегии ако игнорирањето не е доволно, како и отстранување на најчестите тригери за лошото однесување. Колкав ќе биде успехот од бихевиоралниот третман зависи од упорноста на родителот во стриктното спроведување на пропишаните правила.
2 Когнитивно-бихевиорален третман кај возрасните со АДХД подразбира мозочен тренинг што е краткотраен, ориентиран кон целта, психотераписки третман, кој има цел менување на негативните обрасци на мислење и нивно реструктурирање на начин преку кој пациентите ќе се чувствуваат лично одговорни за себе и спрема сопствените симптоми (недостигот од внимание и хиперактивноста). Всушност, овој вид терапија не ги менува најбитните симптоми (невнимание, хиперактивност и импулсивност) туку помага да се смалат нарушувањата во живеачката со кои луѓето со АДХД се сретнуваат особено во менаџирање на времето и одложување на реакцијата. Когнитивно-бихевиоралната терапија може да биде единствен избор или во комбинација со мали дози медикаментозна терапија. Когнитивно-бихевиоралната терапија ги менува следните ставови кај болните:
Мислење сѐ или ништо – имено, дека или сѐ е добро или сосема лошо и ако не се направи нешто перфектно, тогаш си неуспешен.
Прекумерно генерализирање на некоја негативна случка како дел од образецот, на пример, „Ти секогаш забораваш да ги платиш своите сметки!“
Читање на мислите – или дека ти знаеш што луѓето мислат за тебе или за она што си го направил и тоа е главно лошо.
Лоша среќа – или дека некои работи кај тебе секогаш се завршуваат на лошо
Зголемување или минимализирање – т.е. преценување на значењето на минорни проблеми при извршување на задачите.
Состојба на „треба“ – насочувањето постојано на она што треба да се направи води до самокритикување како и на чувство на незадоволство кон себеси и кон другите.
Компаративно мислење – мерење на себе наспроти другите и чувство на инфериорност што всушност не е реално.
3. Дијалектична терапија кај возрасните со АДХД – претставува вид бихевиорална терапија насочена на социјалните и емоционални предизвици кај пациентите со АДХД и други невропсихијатриски растројства. Насочена е кон надминување на анксиозноста и емоционална регулација на болните, особено кај бордерлајн-личности или оние со аутизам, а се изведува групно, при што клиентите учат одредени полезни вештини на однесување.
4. Тренингот кај АДХД помага и кај децата и кај возрасните во развивање на следните вештини:
менаџирање со времето, со задачата и просторот;
мотивација и исполнување;
развој на системи за успех;
здрави комуникации и односи со околината;
стратегиско планирање и перспективи;
избор на свесни и мудри одлуки;
поедноставување и обезбедување посреден живот;
постигнување балансиран и здрав животен стил.
5. Мозочен тренинг и неурофидбек – претставува вид третман што и ние во нашава земја го променуваме веќе над 20 години и претставува учење вештини за контрола на мозочните и други физиолошки функции. Искуството на мојот тим со овој вид терапија е многу позитивно и сме го применила кај илјадници деца.
6. Музикотерапија – како современ и докажан вид третман. Музиката обезбедува структура и ритам во мозокот на оној со АДХД обезбедувајќи му да остане на една линеарна патека; музиката ги пали синапсите преку стимулирање на лачењето допамин, невротрансмитер неопходен за регулирање на вниманието, работната меморија и мотивацијата (кои се ниски кај болните со АДХД). Музиката е социјална творба, а мислењето е како оркестар, кога недостига еден инструмент пиесата не може да се изведе, затоа се неопходни сите гласови или инструменти.
7. Терапија со уметност – цртање, боење, скулптура, може да помогнат да се решат емоционалните проблеми, да се развиваат интерперсонални вештини, го менаџира однесувањето, го смалува стресот и ја зголемува самосвесноста. Преку оваа терапија децата со АДХД градат ментална флексибилност, вештини за решавање проблеми и комуникација и го изразуваат она што не можат вербално да го изразат било на родителот или другарите. Овозможува позитивни социјални интеракции, давање комплименти, заедничка употреба на материјали и сугестии.
8. Јавање на коњ – овозможува регулирање на телесната енергија, насочување на невербални начини за искажување особено кон коњот, кој дава имедијатен одговор на акциите на клиентот што не е случај со луѓето.
9. Терапија со игра (плеј терапија) се користи кај помали деца со АДХД за да се обезбеди поврзување, учење, смирување на анксиозноста, поттикнување и подобрување на самопочитувањето. Играта е индиректен начин преку кој терапевтите ги регулираат детските перцепции, когницијата и однесувањето.
Во овој напис нема да зборувам за медикаментозната терапија, која се употребува во развиените земји, зашто јас лично не сум поборник за неа. Таа има брзи ефекти, но и многу странични штетни последици, кои се дури и животозагрозувачки. За жал, медикаментите (психостимуланси) се даваат и се давале многу, како резултат на рекламите на фармацевтската индустрија, но истите тие создаваат зависност и треба да се препишуваат многу внимателно исклучиво кај мала група пациенти, кои се добро испитани и кај кои има убедливи индикации за таков третман врз база на невроимиџинг-техниките. За жал, во нашава земја, освен когнитивно-бихевиоралната терапија многу малку постојат стручни едуцирани лица за другите видови терапија. Еве, написов нека биде поттик и апел да се обрне внимание на ваквите можности за лекување, особено кај најмалите пациенти.
(Авторката е педијатарка и психолог)