Од една страна, регионалниот филм е своевидна егзотика за пошироката европска и светска публика, но од друга, темите со кои се занимава укажуваат на една поразителна стварност – дека и триесетина години подоцна, тука, на ова парче земја не успеваме да се избориме со демоните од минатото, дека не тргнавме ни чекор напред во смисла на економски развој, дека сѐ уште тврдоглаво се држиме за традицијата, дури и кога е крајно контрапродуктивна, и дека новите генерации сѐ уште го носат товарот на минатото, па единствена шанса им е преселба во друг, подобар свет
На неодамнешниот филмски фестивал „Мотовун“ во Хрватска беа прикажани низа остварувања од поранешните југословенски држави, од што критичарката на „Јутарњи вјесник“ изведува некои интересни заклучоци. Правејќи анализа на филмовите од поновата продукција во овој регион може да се научи по нешто за секоја земја одделно, па и да се заклучи дека „дури ни Словенците денес не живеат којзнае како“.
Иако во програмата беа вклучени и филмови од другите делови на Европа, како полскиот „Клер“, кој црквата ја гледа како мафијашка организација, руско-францускиот „Фабрика“, кој говори за олигархијата, бедните работници и транзицискиот капитализам, прикажаните дела од поранешните југословенски простори, главно настанати во регионален авторско-продукциски микс, најмногу го привлекоа вниманието на публиката. Регионалниот филм, според критичарката на „Јутарњи вјесник“, на сегашноста гледа низ една црнохумористична, дури цинична призма така што го претставува животот на генерациите млади и високообразовани луѓе како „од Триглав па до Гевгелија бараат подобра иднина“.
Па, така, српскиот црно-бел филм „Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ е сведоштво за прогонот и спасувањето на српските деца од усташките логори, а словенечкиот „Никогаш повеќе лузерка“ се занимава со социјалните демони и иселувањето, што покажува дека иако Словенија во регионот води по БДП по жител сепак тоа не е најдобар опис на тамошната стварност. Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Претрунија“, пак, кој исто така беше прикажан на „Мотовун“, според хрватскиот весник исто така се занимава со некои овдешни прашања како патријархалниот модел на однесување, женските теми и отпорот кон традицијата, во случајов црковната. Апсурдноста на ситуацијата во која се наоѓа Петрунија е блиска тема во балканскиот контекст, кој сѐ уште опстојува во свет кроен по машка мера, провинцијализмот и религијата, која сѐ уште цврсто се држи на својот трон. Хрватскиот „Туста“, пак, е приказна за починатиот лидер на пулскиот панк-бенд „КУД Идијоти“, Бранко Чрнац-Туста, филм за најголемиот лидер на поранешната панк-рок сцена, човек што стана симбол на слободното мислење и здравиот разум. Филмот, настанат во регионална копродукција, како срамежливо да порачува „Панкот не е мртов“.
Оттука балканската (регионална) кинематографија, нејзината продукција и дистрибуција, се занимаваат со истите или барем слични прашања, додавајќи и извесна препознатливост, каква што ја има, на пример, скандинавската кинематографија. Таквата специфика на филмовите создавани во регионот е добар адут за пробив на овдешните кинематографии надвор од него. Од една страна тие се своевидна егзотика за пошироката европска и светска публика, но од друга укажуваат на една поразителна стварност – дека и триесетина години подоцна, тука, на ова парче земја не успеваме да се избориме со демоните од минатото, дека не тргнавме ни чекор напред во смисла на економски развој, дека сѐ уште тврдоглаво се држиме за традицијата, дури и кога е крајно контрапродуктивна, и дека новите генерации сѐ уште го носат товарот на минатото, па единствена шанса им е преселба во друг, подобар свет.
Дури и Словенците, кои отсекогаш предничеле во економска смисла, особено генерациите во своите доцни 20-ти и рани 30-ти години, се измачуваат околу одлуката за останување дома или емиграција, за начинот на кој ќе загазат во животот по завршувањето на студиите. Режисерката на „Никогаш повеќе лузерка“, Урша Менарт, припадничка на словенечкиот млад бран, инспирацијата како што признава ја наоѓа во сопственото искуство, кога сфаќа дека сите нејзини пријателки се иселиле во странство. Главната хероина во филмот сепак одлучува пркосно да остане дома, па филмот остава зрак надеж дека е можен пресврт во општествата од кои обично сите се иселуваат, а никој не се доселува.
Заклучокот од оваа социјално-филмска анализа е дека е добро што конечно почнаа да заживуваат регионалните филмски копродукции што е показател за сѐ поуспешна соработка во регионот, и што регионалниот филм носи некои карактеристики со кои полесно може да се пробие кај пошироката публика, но дека сите потајно посакуваме филмските творци да почнат да се занимаваат со некои универзални човечки теми, во какви што одамна загази европскиот филм, што би било знак дека конечно сме се ослободиле од демоните на минатото и дека сме зачекориле напред.