Лет над апсурдот

Некогаш, негде, прочитав дека Гете оставил аманет: ако му подигнат споменик, да може во него да приседне, да не стои цела вечност. Не успеав да ја најдам анегдотата за да ја пренесам точно и во целост, но во Виена, меѓу паркови и музеи, сестраниот германски дух, поетот, писател, драматург, научник и државник – Јохан Волфганг Гете ја поднесува својата бесмртност опуштено. Велам опуштено, зашто скулпторот на неговиот споменик Едмунд фон Хелмер навистина го излеал во седечка положба.
Во дебел капут и елегантно пополнет, Гете, поточно неговата статуа, седи во широката бронзена фотелја врз пиедесталот од гранит. Оддава впечаток како да кажал сè во своето време и нема амбиција да се објаснува повеќе. „Мојот простор, тоа е времето“, рекол Гете. Дали мислел на времето на животот како единствен простор за мислење и дејствување или за времето на вечноста во која заслужено спокојно ќе „седи“, не знам. Неговиот посмртен разговор со живите, надвор од своето време, како и на сите споменици, е во тоналитетот на молкот.

Се мисли дека човекот повеќе го одразува она што го премолчува, одошто она што го вели, односно дека токму премолченото го прави поголем во човечноста и очовечувањето. Бидејќи статуите ги одразува единствено молчењето, тие се како предодредени да ни изгледаат секогаш за малку поголеми на тој пат одошто живите, независно од нивните, вообичаено натчовечки пропорции. Умешноста на нивните скулптори, можеби, е да ја излеат нивната тишина во говор.

Близу Крушево, „илинденски“ молчи споменикот на еден востаник со високо подигнат камен над главата, како замрзнат миг од борбата на одредот на Питу Гули во одбрана на Крушевската Република – дело на скулпторот Димо Тодоровски.
Безимениот востаник овде е „осуден“ да стои. Но не спокојно, туку во грч и напор, и не само да го крене и додржи тешкиот, мечкин камен, туку во постојан обид да го отфрли. Да се ослободи од судбинската поврзаност со него. Еден, би рекол, вечно незавршен бунтовен чин.

Неговиот молк не е во тоналитетот на молкот на Гете. Нему, по маката, поблизок му е молкот на Сизиф, осудениот од боговите вечно да тркала голем камен до врвот на една планина, од каде се стркалува удолу, па Сизиф е принуден повторно да го изоди патот со каменот до врвот. И така за навек. Нема поголема казна од бесполезниот труд осуден да се повторува, на што Сизифовиот труд/напор е симбол. Но Сизиф е казнет поради дрскост – откако претходно се огрешил кај Зевс, ја надитрил и оковал смртта за да му се предаде повторно на животот со сета своја страст.

За разлика од него, нашиот востаник е казнет затоа што се огрешил кај поробувачите, ја „надитрил“ страста кон животот и ѝ се предал на смртта. Неговата „дрскост“ е во љубовта кон татковината и подготвеноста за неа да умре. Подготвеност што станала (последен) чин. Вреден да се излее во вечност.

Бил ли нашиот скулптор малку „неправеден“ што и покрај жртвата, му го доделил на востаникот товарот на мечкиниот камен или само го обременил неговото молчење со гласот на саможртвата и бунтот, за разговор со живите надвор од неговото време?
Велат дека скулпторот имал големо срце, па мотивите за оваа „неправда“ подобро е да се побараат во коморите на човечката правда и правдољубивост.
Ниче верувал дека ја имаме уметноста за да не умреме од вистината. Понекогаш уметноста раскажува и како се умира за вистината. Историјата, пак, ја имаме за да не умреме од иднината, а понекогаш историјата раскажува и како се умира за иднината.
И додека уметноста е секогаш по мера на човекот, историјата е мера за тоа како се станува(ло) човек, сеедно што маршираме кон самоодрекување и самоуништување.
„Мојот простор, тоа е мигот на мечкин напор“, како да вели овој востаник од бронза. Просторот околу него е нечист ко нечиста совест и „поплочен“ со ѓубре од чествувањето на празникот. На квечерина, кога сите го напуштаат, востаникот повторно, како да вели: „Не очекував никаква награда за мојата жртва, но не очекував ни погрда по неа“.

Далеку од него, бронзениот Гете гледа во истата квечерина и небаре му ги чита мислите: „За човек да може една голема личност да ја почувствува и почитува, треба и самиот тој да претставува нешто.“

Понекогаш, она што споменикот навидум го премолчува се чини поблиску до човечноста и вистината од она што живиот немушто го говори.
Апсурдните преименувања и преобликувања на историјата во колажна хартија за кроење по желба, церемонијалната и бесправна распродажба на извојуваното и неотуѓивото, бескрајните внатрешни поделби и потреси, носени со ерозивната осека на животниот стандард и човечкото достоинство, го притискаат човек до самиот ѕид на апсурдот.

Кога би зборувале, спомениците (мртвите) би знаеле што да им порачаат на живите за неоправданото молчење во сопствените простор и време, единствените простор и време за некакво дејствување и можност за слобода, за револт и свест. За лет над апсурдот.
Во „Митот за Сизиф“, Ками го бара одговорот на апсурдот што стои наспроти самоуништувањето. „Свест и револт, овие одбивања претставуваат спротивност на откажувањето.“

Сизиф е апсурден јунак, како по своите страсти, така и по својата вечно доделена мака, но Ками го гледа Сизиф за време на враќањето од врвот кон дното, на патеката по својот камен, во мигот на свеста за својата трагична состојба: „Во секој од овие мигови… тој се издигнува над својата судбина. Тој е посилен од својот камен… Нема судбина што не може да се надмине со презир.“ Сизиф поучува на повисока доследност: самата борба да се стигне до врвот, доволна е да го исполни човечкото срце.

„Секој секогаш го наоѓа сопствениот товар“, заклучува Ками, „секогаш доаѓа време кога треба да се избере помеѓу контемплација и акција. Тоа се нарекува станување човек.“

Во меѓувреме, може да се излее фотелја од бронза, за да може востаникот од Крушево да приседне или барем да го спушти мечкиниот камен и да си почине. Дури да узрее времето за (во)станување човек, да го преземе каменот.
Не можат јунаци од напукната бронза да го носат товарот на новото време. Ниту им прилега на живите да го очекуваат тоа од него.

Авторот е магистер по мир и развој и поет