Антиупатства за лична употреба
Интересно е дека во 1931 г., кога иновативноста и смелоста на конструктивистичките и футуристичките замисли се веќе насилно задушувани од шематскиот академизам на соцреализмот, на интернационалниот конкурс за Палатата на Советите во Москва, со свои проекти конкурираат Ле Корбизје, Гропиус и авангардниот советски архитект Бертолд Љубеткин. Нивните динамични, функционални проекти како да ја поткрепуваат оптимистичката енергија на новото време. Така, Ле Корбизје проектира градба што личи на испружена рака што завршува со дланка со раширени прсти, поврзани со реката Москва и пловните канали чие меандрирање го следи. Како и во замислата за Паметникот на Татљин, се слават движењето, протокот, функционалноста. Во проектите на Гропиус и Љуботкин, пак, таа „напредност“ е искажана преку централната сферична маса што се надоврзува и функционално се шири (Гропиус) или се пренесува во бранови (Љубеткин). Симболиката е очигледна. Центрифугалната и центрипеталната сила на машината и тука, како кај Паметникот, алудира на постојаната и свежа енергија на револуцијата.
За жал, како што најчесто се случува, стварноста ги крши идеалите. Ниеден од проектите не е прифатен на конкурсот: динамизмот на револуцијата се задушува во студените канцеларии на политичката бирократија. Теророт, порано оправдуван како средство на борба против класниот непријател, станува бирократизирана машина на стравот, со која државата ги држи стаписаните трудбеници во покорност. Во „Мајсторот и Маргарита“, во хумореските на Зошченко, во остапбендеровските јунаци на тогашните книжевни дела, опстојуваат последните упоришта на отпорот против тиранијата – иронијата и сатирата. Во краткиот предговор на „Златно теле“ (еден од првите преведени романи печатени во Титова Југославија, уште во 1946!), Иљф и Петров портретираат еден таков новокомпониран комунистички ревизор:
– Кажете – нѐ праша некој строг граѓанин од оние што советската власт ја признаа нешто малку по Англија, а нешто малку пред Грција – кажете, зошто пишувате смешно? Каков е тој потсмев во реконструктивниот период? Полудевте ли?
Потоа долго и луто нѐ убедуваше за тоа дека смеата сега е штетна.
– Грев е да се смееш – ни зборуваше. – Да, не чини да се смееш! Ни да се смешкаш не чини! Кога го гледам новиот живот, сета таа преобразба, јас не добивам желба да се смешкам, туку да се молам!
… Дајте му на таков граѓанин-фанатик слобода, и тој дури и на мажите ќе им навлече фереџе, а самиот од утро до вечер ќе труби химни и псалми, сметајќи дека токму на тој начин ја помага изградбата на социјализмот.
Ваквите партиски бирократи, слепо и дословно служејќи му на стравовладеечкиот Водач, се намножуваат насекаде низ огромната советска држава. Пространствата не се доволно пространи за да го спречат населувањето на партиската бирократија, чија главна улога е да обвинува, забранува и казнува.
Многу подоцна, по смртта на Сталин, Илја Еренбург ќе напише во мемоарските „Луѓе, години живот“: „Нашите музеи имаат одлични колекции на ’левата уметност’ од првите години по револуцијата. Голема штета е што тие колекции не се достапни за посетителите. Кариката не може да се извлече од синџирот. Јас познавам млади советски сликари што во 1960-тите ја откриваат Америка: го создаваат (поточно кажано, би сакале да го создадат) она што во свое време го создадоа Маљевич, Татљин, Попова и Розанова“.
Ќе поминат уште многу децении додека делата на советската авангарда не станат достапни за пошироката домашна публика. А креативниот, иновативен, динамичен, блескав дух на авангардата што се чинеше незапирлив во раните триесетти на минатиот век, ќе исчезне, ќе се закопа во мемливите подруми речиси „прекуноќ“.
Како што вели Мајаковски во една песна напишана пред самоубиството: „Чамецот на љубовта се здроби од карпите на секојдневниот живот“.
Паметникот на Татљин останува во макета.