Според некои статистики, во светот годишно се одржуваат околу 3.600 филмски фестивали, што значи дека постои филм за секој фестивал и фестивал за секој филм. Да си го најдеме нашето место со добри, инспиративни и креативни филмови, наградите ќе си дојдат сами по себе, не треба да ги измислуваме
Да се добие „златната арена“ во Пула некогаш било рамно на тоа да се добие американскиот „оскар“. Наградата во филмскиот свет сѐ уште има високо реноме, а само најдобрите филмови и автори во регионот, од 1954 година, кога е основан Пулскиот филмски фестивал како смотра на југословенскиот филм, а подоцна како најважниот филмски фестивал на подрачјето на поранешната држава, имале среќа да ја освојат.
Низа македонски филмови во 1960-тите и 1970-тите години ја имале таа привилегија да ја имаат „арената“ како најголем адут во стекнувањето на пошироко меѓународно признание. Уште во далечната 1955 година вториот македонски игран филм „Волчја ноќ“ во Пула ја добива наградата за сценарио (Славко Јаневски), во 1958 година за „Мис Стон“ Петре Прличко и Олга Спиридоновиќ добиваат „златни арени“ за главна машка и најдобра женска улога, во 1966 г. беше награден сценаристот Симон Дракул за филмот „До победата и по неа“, за „Македонска крвава свадба“ Никола Лазаревски доби награда за сценографија, за „Време без војна“ Бранко Гапо доби специјална диплома за режија во Пула, за „Црно семе“ стигнаа две „златни арени“, во 1972 г. „Македонскиот дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица доби „арена“ за сценарио… Во Пула биле наградени имиња, како она на композиторот Томислав Зографски за музиката во „Колнати сме Ирина“, на снимателот Љубе Петровски за „Јад“, Бранко Гапо за „Најдолгиот пат“, Столе Попов за „Црвениот коњ“ и „Среќна Нова ’49“, Владимир Блажевски за „Хај – Фај“, кој на фестивалот во Пула доби две „златни арени“…
Да се биде во вакво друштво, се чини, сѐ уште е престиж. Веројатно тргнувајќи од желбата да се остане запишан во филмската историја на еден фестивал од ваков ранг во регионов, и продукцијата „Сестри и брат Митевски“ одлучи од своето соопштение, по повод неодамна завршеното 66. издание на Пулскиот филмски фестивал, да го изостави фактот дека филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска доби награда за режија во категоријата „Хрватска програма – малцински хрватски копродукции“, која ни оддалеку нема исто значење како главната награда – „златна арена“ во Пула, која сѐ уште е синоним за висок квалитет на еден филм. Филмот на Митевска е снимен во копродукција на пет земји и тоа Македонија, Хрватска, Словенија, Белгија и Франција. На ниедно место во соопштението не е споменато за каква награда станува збор, односно се алудира на главната награда – „златната арена“. Соопштението не е лага, затоа што и другите награди носат ист назив „арена“, но не е ни прецизна и комплетна информација, каква што медиумите заслужуваат да добијат. Можеби е само маркетиншки трик, кој во случајов нема да му донесе ништо добро на филмот, напротив. Слични пиар-текстови беа објавени и по завршувањето на годинашното Берлинале, кога филмот на Теона Митевска доби две награди, онаа на екуменското жири и онаа што ја доделуваат управители на арт-кина, награди од кои ни едната всушност не е „мечка“. Доволно беше и тоа што филмот се најде во официјална конкуренција, самиот тој факт беше одлична реклама и без да се добие награда.
Инаку, главните награди во Пула, „златна арена“ за најдобар филм, режија, музика и за монтажа, му припаднаа на хрватскиот филм ,,Дневникот на Дијана Будисављевиќ“ во режија на Дана Будисављевиќ. Филмот во кој е раскажан животниот пат на Австријката со српско потекло, Дијана Будисављевиќ, која кон крајот на Втората светска војна од усташките нацистички логори во Хрватска спасила 10.000 српски деца, ја доби и наградата на публиката за најдобар филм. Сосема оправдано и во арената во Пула завладеал тотален молк кога одел документарниот дел со автентични црно-бели снимки од попишувањето на српските деца логораши од кои најстарото немало повеќе од 10 години.
Факт е дека да се работи со ограничени средства, без континуирана поддршка, со слаба опрема и лоши услови на монтажа и преостаната постпродукција, без прикажувачка стратегија, промотивен план и вложување (додека во Европа и во светот има сѐ повеќе филмски работилници, талент кампуси, летни школи и разработена стратегија на финансирање…) е најтешкиот пат по кој може да оди еден филмски производ, нешто слично на борбата на Дон Кихот со ветерниците. Но тоа што македонскиот филм оди по својот трнлив пат, соочувајќи се со многубројни тешкотии, е судбина не само на нашиот, туку и на филмот во регионот и тоа ни малку не го оправдува манипулативниот маркетинг, со каков што екипата на „Петрунија…“ се послужи преку соопштението за наградата во Пула. Филмаџиите од регионот работат под тешки околности, но со неверојатна енергија и страст спрема филмското творештво, и често на таа нова генерација автори не ѝ се битни граници и ограничувањата, правилата и средствата, затоа и успева да се наметне на некои од европските фестивали како успешна, притоа не служејќи се со затскривање или премолчување на фактите, како што деновиве го направи тоа тимот на македонскиот филм.
И покрај сите проблеми, во регионот се раѓаат визуелно впечатливи, автентични и оригинални филмови во начинот на кој го гледаат светот. Оттука регионалната кинематографија не е мит, туку почеток на процес што дефинитивно ги менува перспективата и естетиката на европскиот филм. Не е претерано да се каже дека кинематографијата на овој регион, всушност е кинематографија што поминала низ најдраматичните промени, не само во структурата на продукцијата, туку и во својата содржина. Би било убаво ако и Македонија е дел од тоа раѓање, но имајќи предвид дека на европските и регионалните фестивали едвај учествуваме со понекој филм, ретко долгометражен, па дури и кога ќе земеме каква било награда, без намера да го намалуваме нејзиното значење, тоа го правиме на погрешен начин, тешко дека ќе постигнеме нешто повеќе отколку краткотрајна, еднодневна слава на домашните портали и социјални мрежи.
Во светот годишно се одржуваат околу 3.600 филмски фестивали, што значи и дека постои филм за секој фестивал и фестивал за секој филм. Да си го најдеме нашето место со добри, инспиративни и креативни филмови, наградите ќе си дојдат сами по себе, не треба да ги измислуваме!