Македонија сѐ повеќе старее, а со тоа се зголемуваат потребите за посеопфатна грижа за старите лица. Кога овој секојдневен проблем се анализира, во фокусот треба да се имаат сознанијата од демографските појави кај нас и во светот и какви се остварувањата на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година. Според демографските податоци во нашата земја, границата меѓу бројот на стари и млади сѐ повеќе се намалува. Како илустрација ќе наведам еден битен спореден податок.
Додека во 2010 година, како живородени деца се регистрирани околу 24.300, во 2018 г. тој број е намален на 21.300. Истовремено, бројот на починати е зголемен од 19.100 во 2010 година на 19.700 во минатата година. Дека Македонија станува земја на стари лица го потврдуваат и најновите податоци од пробниот попис што годинава се спроведе во 13 општини, при што е констатирано дека учеството на возрасното население над 65 години е зголемено од 11,5 на 14,1 отсто.
Годинава се заокружува една деценија од спроведувањето на Националната стратегија за стари лица. Главна стратегиска цел беше подобрување на квалитетот на животот на оваа значајна категорија граѓани. Во овој период за подобрувањето на нивната положба се преземени повеќе активности од страна на Министерството за труд и социјална политика со ангажирање и на други министерства и институции и на локалните самоуправи, но и на невладините организации како што се Црвениот крст и здруженијата на пензионерите и нивните четири сојузи. Од вкупниот број стари лица најмногубројни се пензионерите. Во нашата земја живеат околу 308.000 пензионери од кои околу 271.200 доброволно се изјасниле да бидат членови на СЗПМ, за Сојузот на здруженија на трудови инвалиди и корисници на инвалидска пензија 15.150, потоа за Националниот сојуз на трудови инвалиди 9.350 и за Сојузот на инвалидите на Македонија околу 5.350. Истовремено, според евиденцијата на Фондот на ПИОМ, има и околу 11.000 корисници на пензија кои не се членови на пензионерската организација и тоа 7.000 кои не сакале да бидат и 4.000 се деца. Покрај тоа, се смета дека во Македонија живеат повеќе илјади земјоделци, нерегистрирани занаетчии, диви продавачи, домаќинки и други стари лица главно во рурални средини кои официјално немаат ниту еден ден работен стаж. Една од главните заложби на стратегијата беше подобрувањето на стандардот на пензионерите и на другите стари лица. Интересни се фактите за децениското зголемување на пензиите. Тие во 2010 година биле усогласени со 1,40, во 2011г. со 2,87, 2012г. со 1,71, а 2013г. со вкупно 7 отсто. Во 2014г., 2015г. и 2016 година имаше фиксно линеарно зголемување од 600, 621 и 654 денари. Во 2017 и 2018 година усогласувањето е остварено со по 50 проценти од просекот на зголемените животни трошоци и плати, при што се добиени зголемувања од 1,70 и 1,69 отсто. За 2019 година законот е изменет со тоа што усогласувањето се врши само според порастот на индексот на порастот на животните трошоци. На 1 јануари усогласувањето изнесуваше 0,7 отсто, а се цени дека и од 1 јули износот ќе биде блиску на таа висина.
Во овој извештаен период е извршена адаптација на неколку пензионерски домови за подобрување на условите за престој, отворени се околу 30 клуба за пензионери и неколку центри за дневен престој на стари лица, воведен е бесплатен автобуски и железнички превоз, над 50.000 корисници на пензија користеа бесплатна бањска рекреација, усвоени се реформи за социјална заштита и почна спроведувањето на Законот за социјална сигурност на старите лица. Преземени се мерки за подобрување на здравствената заштита, за зголемување на лекови со партиципација, воведено е бесплатно болничко лекување за пензионери со помал износ на пензии и слично.
СЗПМ заедно со здруженијата на пензионерите во изминатите осум години успешно ги организираа масовните дружења на зелено во Ореовица, Еленец, Лесново, Дојран, Пелинце и Кочани, како и мултиетничките средби во Тетово, Гостивар и Липково. На сите нив годишно учествуваа по околу 45.000 лица од сите возрасти и секогаш беше вистинско задоволство, пред сѐ од ширењето на меѓугенерациското и мултиетничкото пријателство. Тоа слободно може да се каже и за Регионалните и Републичките пензионерски спортски натпревари, како и за ревиите на песни, музика и игри. Овие значајни пензионерски манифестации се одржуваат под покровителство на Министерството за труд и социјална политика и Министерството на култура.
Републичката ревија на песни, музика и игри се одржува девет години и поради својот квалитет се прогласени како проект од национален интерес. Најдобрите ансамбли девет години учествуваа на меѓународниот фестивал „Трето животно доба“ во Љубљана, Република Словенија, при што успешно ги афирмираа изворните и староградските фолклорни вредности и мултиетничкиот идентитет на нашата земја. Во овој временски интервал од речиси десет години на спроведувањето на Националната стратегија за стари лица, исто така, значително е подобрен системот на информирањето на повозрасното население. За информирање на старите лица и на јавноста за стратегиските насоки голем придонес имаа бесплатниот весник „Пензионер плус“, кој ја одбележа десетгодишнината од излегувањето, како и „Пензионерски видици“, прилог во весникот „Нова Македонија“, страницата за пензионери на албански јазик во „Коха“ и други медиуми.
Сето тоа е констатирано и во извештајот на Националното координативно тело за остварените мерки на стратегијата во 2018 година и во Оперативниот план за 2019 година што ги прифати Владата со заложба за подобрување на координацијата на сите сектори во спроведување на мерките коишто директно или индиректно ги засегаат старите лица.
Оваа популација поради своето значење и несомнениот придонес во минатиот развој на земјата не треба да биде третирана како товар на општеството, туку како негов составен дел. Со оглед на тоа што повеќе проблеми на оваа категорија граѓани остануваат нерешени, сметам дека надлежните фактори треба благовремено да преземат мерки за изготвување на нова по европски терк Национална стратегија за стари лица 2020-2030 година. Дотолку повеќе што според процените на Обединети нации, кај нас населението над 65 години до 2030 година ќе достигне 18,8 отсто, но е реално да се очекува да биде и над 20 отсто.
Посебен приоритет треба да се даде на покренување интензивна соработка со владини и локални претставници за изградба на домови за стари лица и за пензионери на државно и регионално ниво. Притоа треба се има предвид и податокот дека според европските стандарди, од вкупниот број стари лица 5 отсто треба да имаат можност за сместување во државни старечки и пензионерски домови. Кај нас сме многу далеку од овие стандарди, бидејќи засега ваквите капацитети овозможуваат сместување само на 0,30 отсто. Поради тоа, голем број стари лица со години чекаат да го најдат потребниот мир во ваквите домови. За ублажување на овој проблем треба да се размислува и за воведување на субвенции за намалување на високите цени за сместување во приватни старечки домови. Се налага и потребата да се настојува старите лица да бидат ослободени од партиципација за лекови и за болничко лекување како што е во повеќе земји на Европската Унија. Не треба да изостане и натамошното поттикнување на меѓугенерациската солидарност за поквалитетен живот во третата доба, како и на семејните вредности, на роднинска и соседска волонтерска помош во градските и во руралните средини, каде што има голем број осамени и изнемоштени стари лица.
Македонија според Уставот е социјална држава и приоритет на секоја Влада треба да биде подобрување на грижата за старите лица за водење независен, активен и квалитетен живот. Во никој случај оваа масовна популација не треба да се остави во неизвесна перспектива. И не само тоа. Според мене, поради нивното искуство и знаење, старите лица во спој со силата и еланот на младите треба да бидат активни чинители на општеството и да учествуваат во сите процеси. Тоа тие го заслужуваат.
(Авторот е новинар и публицист-експерт за трета доба)