Без лутење, но се чини беспрекорно ја игравме „Не лути се човече“. Можеби еднаш ќе разбереме дека сме фрлени сосе коцката, а за судбината на државата одлучуваат „среќните“ раце што си играат со неа. Дека се слави „шестката“ наместо стратегијата
Шахот е измислен како замена за војната, поточно, како нејзина стратегиска претходница. Единствената без колатерални штети и доследна на цивилизациското потекло – убавината на таа „војна“ ги слави интелигенцијата и логиката на човечкиот ум.
„Војната“ завршува кога едниот крал е беспомошен (шах-мат), пат (кога играчот што е на потег не може да мрдне) или со реми (без победници, но сепак делат по половина поен).
Наспроти шахот, „Не лути се човече“ е игра на трпение и среќа. Поучува да се прифати можноста да се биде „турнат“ во редот или (не дај боже) пред куќичка. Таква е играта, нема лутење. На прв поглед, се чини практична – ги учи децата на трпение, поточно – ги учеше. Сега ги учат родителите. Тоа и да се крстат во „шестката“. Не е страшно дури се деца, напротив е забавно, барем за среќната рака. Лошо е кога децата ќе пораснат со неуморна верба во образецот – да се крстат во веројатноста на шестката (и онаа на лотото) и фатална допуштеност да се биде (от)турнат, не еднаш или двапати, туку сеедно колку и каде – во редот, на шалтерот, пред матичен, пред работодавецот, пред законот, во Уставот, во сопствената држава, а притоа за сите пропуштени можности и недопуштени падови да се обвинат коцката и лошата среќа.
Играта, како и во животот, се смета за успешно завршена, ако се прибереш дома, без да бидеш турнат. Освен ако си избран од народот. Тогаш може и трипати да те приземјат руските комичари, дури и во „куќичката“, а сепак да си насмеан како победник, со тебе и цела нација. Или да подигнеш дивоградби на „полиња“ каде што не смееш да градиш, а да ти пресечат свечена лента народните избраници, зашто таква е играта: шаховска табла на политички профитери без чувство за шах, а по правилата на „Не лути се човече“ – балканска шах-табла… Оваа синтагма ме потсети на еден загрозен вид.
Во туристичкиот центар на националниот парк Маврово, меѓу експонатите во изложбеното пано, се наоѓа пеперутка често среќавана на ливадите, со латински назив Melanargia Larissa. Над неа, со големи букви пишува: „балканска шах-табла“ – името под кое е заведена во номенклатурата на овие простори. Некако ја сожалив оваа форма на живот на која ѝ „пресудиле“ да ја носи врз кревките крилја комплексноста на балканското име, дополнително оптоварено со тежината на една реалполитичка конотација. Необично за една пеперутка, навидум слободна, да се именува по строгата игра на шахот, згора и да се балканизира. Како по грешка. Се разбира, постои сликовито и логично објаснување за ваквата судбина – нејзините крилја се прошарани како шаховска табла, во црно-бели полиња, а географскиот простор на кој живее е Југоисточна Европа, односно Балканот, иако може да се сретне сè до северот на Иран. Па сепак, загребува „рибината коска“ во името и дополнително (од) сознанието колку е самиот Балкан неправедно именуван „балкански“, како негативна и погрдна асоцијација.
Во своите почетоци, именувањето на опфатот на Балканот се должи на просто кажано географска грешка: поради немање увид во пространоста на планинскиот масив на Балканот во антиката познат како Хемус, западните патописци (некогашни „инфлуенсери“) и не само тие, ги преувеличуваат неговите граници (како и сè што потекнува од антиката), па се верувало дека Хемус се протега од Јадранско до Црно Море. Со доаѓањето на Османлиите е преименуван во Балкан, со значење планина или планински венец, но етимологиите наведуваат и други значења: според едни Балканот е изведенка од „балк“ (кал) и суфиксот „ан“, според други (Ферид Мухиќ) тој е синтагма составена од зборовите „баал“ (мед) и „кан“ (крв)…
Сепак, „жешкиот“ збор не е Балкан туку неговата изведенка „балканизација“, термин што ќе означи процес на фрагментација на поранешни географски и политички единици во нови, проблематични држави. Терминот настанува по Балканските војни и Првата светска војна, и тоа доминантно со негативна и погрдна конотација, со насилството како негова главна одлика. Бугарската авторка Марија Тодорова во својата книга „Замислувајќи го Балканот“ го расчленува феноменот на Балканот од географска одредница во еден од најраспространетите пејоративи во поновата историја. „Балканот“, пишува Тодорова, „послужил како складиште за негативните карактеристики наспроти кои е конструирана позитивната и самобендисана слика на ’Европеецот‘ и на ’Западот‘“. Меѓутоа, терминот е искован по Првата светска војна, откако завршил процесот на формирање на голем број национални држави на Балканот, а поттикнат од распаѓањето на Австроунгарското и Руското Царство, кои потсетувале на распадот на Отоманската Империја. Оттогаш, балканизацијата влегува во јавниот дискурс и сè уште не го напуштила. Пред три години поглаварот на римокатоличката црква, папата Франциск предупредуваше на можна „балканизација“ на Европа по одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија, додека европскиот комесар за миграција предупредуваше за нова балканизација на Балканот и враќање во „мрачното минато“. Накратко, Балканот, поточно балканизацијата сè уште е живо плашило за (сè)наменска употреба во европската јавност.
Погрешното мислење за Балканските планини како за северна граница на полуостровот довело до тоа целиот полуостров да се именува како балкански, додека романтизмот и реалполитиката од деветнаесеттиот век „кај дел од набљудувачите создала поларизиран пристап кон лобирање за, односно демонизирање на балканските народи“ заклучува Тодорова. Разбрана на овој начин, историјата на балканизацијата е своевидно враќање на местото на „злосторството“ – мешањето на странските сили во поделба и зачувување на сферите на влијание на Балканот, како на шаховска табла.
Сепак, не сме сосема невини на таа табла. Од ден на ден, се разграбуваат останките убавина на оваа држава и се граби во нејзиното погрдување. Допуштајќи го растот на дивото ја храниме погрдноста на балканскиот епитет, наместо неговата питома убавина, во која е навидум слободна како онаа загрозена пеперутка.
Без лутење, но се чини беспрекорно ја игравме „Не лути се човече“. Можеби еднаш ќе разбереме дека сме фрлени сосе коцката, а за судбината на државата одлучуваат „среќните“ раце што си играат со неа. Дека се слави „шестката“ наместо стратегијата.
На оваа табла сè уште секој пион сонува да биде кралица. На оваа табла, граѓанинот е во пат-позиција, а политичките елити договараат реми. Само на „кралот“ нема кој да му каже дека е беспомошен. Дека е шах-мат.