„Човекот не може да живее само од леб“, порачува Исус во Библијата. Но, по сѐ изгледа, организаторите на економската конференција во Бахреин, на која зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, конечно го претстави неговиот план „Мир до просперитет“, ја заборавија оваа библиска мудрост. Разговорите во Манама беа фокусирани само на „економската димензија“ на планот, односно, со други зборови, на политиката „стап и морков“. Планот предвидува во наредните десет години во регионот да бидат инвестирани 50 милијарди долари, од кои најголем дел треба да бидат покриени од заливските земји. Потешката, политичка страна на планот се очекува да биде претставена наесен, откако новата израелска влада ќе го почне мандатот по изборите, закажани за 17 септември.
Некои американски аналитичари блиски до администрацијата на Трамп ја споредуваат иницијативата на Кушнер со американскиот Маршалов план по Втората светска војна. Па, така, откако ја спаси Западна Европа од комунизмот и советскиот империјализам во текот на Студената војна, Америка сега ќе направи нешто слично храбро и на Блискиот Исток, за справување со исламистичкиот фундаментализам и иранскиот империјализам. Со претставувањето на планот, САД по сѐ изгледа бараат услуги од сунитските арапски држави, кои долго време ги заштитуваат. Уште повеќе, решавањето на израелско-палестинскиот конфликт е во интерес и на овие земји, бидејќи ќе отстрани голем извор за дестабилизација на домашен терен.
Станува збор за одличен договор. Решението изгледа рационално, искушувачко и едноставно неодоливо. Со вистински пари сега на масата, учесниците наредно ќе дискутираат за политичките услови, односно цената што ќе мора да ја платат Палестинците за да добијат толкава голема економска помош. Но токму тука лежи опасноста.
Со Маршаловиот план Европејците беа охрабрени да се обединат, за да ги добијат американските пари. Во тој период, комунистичките партии, директно поддржани од Советскиот Сојуз, беа на добар пат да ја преземат власта во повеќе земји во Западна Европа. Наместо да се случи тоа, визионерскиот Маршалов план ги засили националните идентитети на овие западноевропски земји и го зајакна нивниот суверенитет. За разлика од Маршаловиот план, иницијативата на Кушнер ќе го направи токму спротивното, бидејќи во суштина го игнорира прашањето за палестинскиот суверенитет. Уште поважно, американскиот план поставува егзистенцијално прашање – дали може да се купат емоциите и емотивната приврзаност што лежат во срцето на колективниот идентитет на народот?
Тоа е малку веројатно да се случи, по сѐ, на владите им е доволно тешко да го поткупат својот народ. По завршувањето на Арапската пролет во Тунис и Египет, алжирските власти потрошија огромни суми за да се заштитат од нешто слично. Но иако режимот успеа со тоа да си купи малку време, структурните проблеми, како што се корупцијата и некомпетентноста, воопшто не исчезнаа. Тие станаа само уште поакутни, додавајќи понижување на постојниот гнев на јавноста, што на крајот доведе до оставка на претседателот Бутефлика, кој беше на власт цели 20 години. Ако купувањето на лојалноста на сопствениот народ е тешко, тогаш уште потешко е купувањето на лојалноста на другите народи. Палестинските власти одбија да учествуваат на самитот во Манама, а како резултат на тоа не учествуваа ниту претставници на Израел. Арапските држави често ја предаваат палестинската кауза, но никогаш толку спектакуларно како сега.
Очигледно е дека Кушнер никогаш не го гледал палестинскиот филм „Сол од ова море“ од 2008 година, во кој е опишан повикот на млада американска жена со палестинско потекло, која го бара домот на својот дедо во Јафа, во денешен Израел. Пораката е дека голема сума пари не може да ја компензира загубата на суверенитетот. Можно е администрацијата на Трамп и воопшто да не верува во својот мировен план. Можеби иницијативата на Кушнер затоа е само увертира за можното повлекување на САД од Блискиот Исток, ослободувајќи ја администрацијата да спроведува нов облик на неоизолационизам или, алтернативно, да ги фокусира сите свои напори за задржување на сѐ поголемото глобално влијание на Кина.
Речиси сигурниот неуспех на планот на Кушнер ќе му овозможи на Трамп да им порача на американските гласачи пред претседателските избори во 2020 година дека сторил сѐ што е во неговата моќ за да биде постигнат мир помеѓу Израелците и Палестинците. Тој може да додаде дека успеал да ја зацементира долгогодишната соработка помеѓу Израел и Саудиска Арабија, двата основни столба за регионална безбедност на Западот. А со американска помош во заднината, овие држави можеби ќе бидат доволно силни за да го запрат подемот на Иран, ако најновите економски санкции на Трамп не се доволни за соборување на режимот во Техеран.
Сегашното статус кво едноставно е прифатливо за голем број Израелци, за да може да заживее решението со две држави. Спротивно на тоа во кое верува Трамп, неговите политики само ја прават попроблематична иднината на Израел. Во меѓувреме, Палестинците не ја губат надежта дека демократските трендови се во нивна корист. Но шансите за мир во регионот изгледаат бледо како никогаш досега. А неодамнешната презентација на Кушнер во Бахреин не стори ништо за да биде променето тоа.
Моиси е експерт и специјален советник при парискиот институт „Монтењ“