Со внимание следам што се случува со проектот „зближување меѓу Македонија и Бугарија“. Не затоа што не го знам исходот, туку затоа што ме интересира до кога ќе трае тој утописки проект на зближување на две различни историски фокализации. И, се прашувам зарем не извлековме никаква поука од сличните политички утопии од времето на социјализмот и комунизмот.
Да се прашате, во 21 век, дали една веќе „праисториска“ личност како цар Самуил бил македонски или бугарски цар е еднакво бесмислено како да се прашате дали „масичка“ е дрвен или железен – збор. Не предмет, туку збор! Во конкретниов случај, не се прави разлика меѓу националноисториска и трансисториска (наднационална) личност (таков, покрај Самуил, на Балканот е и Александар Македонски). За мене лично нема дилема дека Самуил бил Македонец (според раѓање), но и дека според делата ги надраснал границите на својата национална натализација: тој е балкански и прв јужнословенски цар, кој периодично владеел со повеќе народи. Според делата, значи, тој не е само Македонец. А што бил според лично убедување? И да можете да го прашате, не верувам дека би знаел да ви каже.
Полиисториската припадност е судбина на речиси повеќето важни историски личности на Балканот. Но не е исто: а) како (и зошто) ти самиот ќе се декларираш според националност; б) за кој народ ќе работиш со конкретни дела и в) кој ќе те вреднува како конкретен историчар. Нашите револуционери и преродбеници од 19 век, најчесто од егзистенцијални или образовни причини, се пишувале и како Бугари, и како Срби, и како Грци. Но, според делата, нема никакви докази дека навистина биле тоа за што се декларирале. Григор Прличев (алиас Григориос Ставридис), на пример, иако своето најсјајно дело, „Сердарот“ („О арматолос“), го напиша на брилијантен грчки јазик, никогаш не го перципираме како Грк. Грците, пак, не го ни есапат за свој – не се заинтересирани. Зошто? Зашто со севкупното свое дело, меѓу кои е и одбивањето грчка стипендија, како и утопиското илирско мечтаење за општословенски јазик, покажува дека не е Грк. Иако, сакале Грците да признаат или не, тој е дел и од грчката култура. Исто така, имате дејци родени во Македонија што се бореле за бугарската идеја за Македонија (Иван Михајлов), и обратно – родени Бугари што се бореле за самостојна Македонија (Тодор Паница, на пример). Имате врвни писатели родени во Македонија што се признаен дел од бугарската книжевност, како Димитар Талев. Како сето тоа сега да се АДМИНИСТРИРА во еден проект „на зближување“?
За помнење на јазикот и за помнење на историјата, за среќа, не важат административни и политички одлуки. Јазикот и историјата се палимпсестни феномени во самата суштина: една култура го испишува својот ракопис врз манускриптот на друга (особено соседна и сродна), ја допишува меѓу редови и на маргините, некогаш брише цели „туѓи“ пасуси, па врз нив пишува „свои“. Со историјата и јазикот не можете да постапувате како со државен имот: кога се разграничуваше Македонија од СФРЈ, се направи мешовита пописна комисија што го подели „инвентарот“. Но историјата и јазикот не подлежат на инвентаризација. Тие не се ниту целосно субјективни ниту целосно објективни феномени. Јазикот и историјата се пред сè ИНТЕРСУБЈЕКТИВНИ: нивната вредност е во релацијата на најмалку два субјекта што се согласуваат околу таа вредност. Последица од тоа е: како што не е можно да изговорите збор што претходно не бил во нечија туѓа уста (а сепак, во чинот на изговарањето да го чувствувате како свој збор), така е невозможно да најдете историска личност што ѝ припаѓа само на историјата на еден народ. Особено на палимпсестниот Балкан, тој крвав историски пергамент, струган и натпишуван безброј пати.
Но, ако е така, зошто Бугарите во државните комисии „за зближување“, инсистираат дека одредени личности од Балканот се дел само и само од бугарската историја? Најмалку од две причини. Прво, таквото „доближување“ меѓу две истории или култури секогаш оди на штета на таканаречените „инклузивни“ народи, како македонскиот, кои некогаш остварувале своја култура и историја без своја држава, во рамките на туѓи држави. Но затоа, пак, таквото „зближување“ секогаш е во полза на стародржавотворни народи, како што е бугарскиот – тие остварувале историја и култура во сопствена држава со сите државни атрибути. И второ, тоа „грабање икони“ од македонската историја, во кое со салто мортале дури и еден Гоце Делчев од македонската химна скока во новите бугарски историски книги (со стари амбиции), се случува токму затоа што станува збор за ДРЖАВНИ ЕКСПЕРТСКИ КОМИСИИ. Каде што почнува државата, почнува политиката; а каде што почнува политиката, завршува науката. Завршува поимот за историјата како палимпсест и интерсубјективност, и почнува концептот за историјата како „размена на личности“ (пандан на „размена на територии“) и „поделба на инвентарот“ (грабни сè што можеш). Сите тие полит-проекти за „зближување“ што бараат „компромиси“ во суштина се противнаучни, бидејќи во науката (за разлика од политиката) нема компромиси: не може едно исто нешто (А), ВО ИСТО ВРЕМЕ да биде и А и не-А. Мачката не може во исто време да биде и мачка и пес. Дури и во историската наука нема симултаност на идентитет и алтеритет: Прличев има елинска, бугарска и македонска фаза во својот живот; Цепенков собира македонски приказни уште како млад, но на стари години е принуден да ги печати во бугарски зборници.
Таквите проекти на зближување, дури и зад нив да стои најискрена братска намера, се покажуваат неостварливи во практиката. Имавме таков пример во Титова Југославија: политичко-лингвистички проект, еден вид „генетски инженеринг“ врз примерот на сродни јазици. Проектот беше славно најавуван и „славно“ пропадна. Се викаше СРПСКО-ХРВАТСКИ ЈАЗИК, а целта му беше доближување на традиционално раскараните Срби и Хрвати. Поради „демократија“, јазикот во Хрватска се викаше ХРВАТСКО-СРПСКИ. Умните луѓе во СФРЈ, а особено лингвистите, знаеја дека тоа е политичко насилство врз два различни (иако слични) јазици и дека еден ден ќе пропадне. Со сите такви политички утопии се случува истото: сакајќи да ДОБЛИЖАТ два народа, тие ги оддалечуваат. Сакајќи да промовираат братство и космополитизам, раѓаат национализам. Јавна тајна беше дека во таа Титова Југославија, тој „лингвистички“ проект почна веднаш да пропаѓа: „српско-хрватскиот“ за Србите стана, во секојдневната комуникација, скратено, „српски“ јазик, а за Хрватите – „хрватски“. Рака на срце, Хрватите беа попретпазливи во тоа именување, со што, парадоксално, се однесуваа како инклузивен народ во федерацијата, како да немаат своја самостојна државност. Така, само службено се користеше терминот „српско-хрватски“. Конкретно, овој политичко-лингвистички проект пропадна затоа што не го зеде предвид научниот факт што го пласира најважниот лингвист на 20 век (со сета почит кон Јелмслев, Бенвенист, Мартине или Јакобсон) – Фердинанд де Сосир. Тој во јазикот прв вклучи еден дотогаш запоставен, а пресуден чинител: говорната заедница. Говорителите на еден јазик се оние што пресудуваат за тоа како во моментот изгледа еден јазик, кои архаизми или неологизми ќе се прифатат, а не лекторите или, уште помалку – политичарите. Говорителите или прифаќаат или не прифаќаат определени јазични факти, без разлика дали станува збор за политички проект на ДОБЛИЖУВАЊЕ или ОДДАЛЕЧУВАЊЕ.
Тоа стана особено јасно откако пропадна проектот за „заеднички јазик“ на Србите и Хрватите. Како што до вчера се печатеа речници со иста содржина, „српско-хрватски“ (во Белград) и „хрватско-српски“ (во Загреб), одеднаш почнаа да се јавуваат речници и лингвистички расправи што ги потенцираа РАЗЛИКИТЕ, а не сличностите меѓу двата јазика. Така, се појави знаменитиот хрватски „Riječnik razluka između srpskog i hrvatskog jezika“, каде веќе не стануваше збор само за РАЗЛИКИ, туку и за РАЗЛАЧУВАЊЕ („razluka“, од „razlučiti“) меѓу српскиот и хрватскиот јазик. Реакциите на секој тоталитарен проект се очекувано тоталитарни, па и во овој случај добија орвеловски димензии: една Туѓманова јазична комисија, секој ден, преку медиумите уфрлаше по десетина стари хрватски збора, кои требаше да ги истиснат наводно сосила „наметнатите“ србизми од јазичниот фантом „српско-хрватски јазик“. Во таа налудничава пурификација на хрватскиот јазик (не само од србизми туку и од интернационализми) се извадија и архаизми за кои ретко кој беше чул. Долго време се инсистираше на употребата на зборот „круговал“ (радио), па сите што ќе вклучеа Радио Загреб во тие години, ќе чуеја како гласот на спикерот вели „Круговална постаја Загреб“. Денес никој во Хрватска не вели така, сите велат „Радио Загреб“. Зошто? Затоа што ГОВОРНАТА ЗАЕДНИЦА на Сосир пресуди така. Говорителите на јазикот решаваат за јазикот. Истото тоа важи и за народот и неговиот однос кон понудената историја.
Затоа, се чудам: историските комисии, кои сега работат на „зближување“, веќе утре, ако се смени политиката, ќе работат на РАЗЛАЧУВАЊЕ. Тоа ќе биде многу потешка работа од оваа, која се сведува на пазарење; еве ви го овој, дајте ни го оној. Секој што успеал да „доближи“ топла и студена вода добил млака, ама од млака вода нема јунак што повторно ќе ја издвои врелата од ладната. Е, тоа ќе биде голем проблем. Толку.