За стопанството и пазарот на трудот сѐ уште останува недоумицата дали овие реформи во високото образование ќе им донесат кадар што веднаш може да го примени знаењето што го стекнал во текот на студиите… А македонското општество треба во најбрзо време да се увери дека високото образование навистина е функционално, независно и автономно од какви било влијанија и изнедрува кадри што не само што имаат теоретски знаења туку ќе поседуваат и мноштво практични вештини стекнати токму низ процесот на својата наобразба
„Учењето е како веслање спроти текот на реката. Штом престанете да веслате, веднаш се враќате назад“ е мисла од древната кинеска филозофија на Лао Це, односно на таоизмот. Без „товарот“ на филозофскиот пристап, оваа мисла сосема сликовито го објаснува предизвикот на образованието во секое време и во секое општествено уредување. Зашто едно друго, веројатно посовремено, искуствено сознание вели дека ако се посакува напредно општество, треба да се вложува во образованието. Но и ако постои намера да се уништи некое општество, повторно треба да се инвестира во образованието – но погрешно. Во секој случај, иако често реално запоставувано во политичките програми за развој, но и (зло)употребувано за политички манипулации и калкулации, образованието неоспорно е почетокот, процес во кој се создава изворната енергија на развојот и подигнување на интелектуалниот стандард на општеството. Колку и да звучат како клише-фрази сите мудрости за учењето, секогаш непогрешливо се докажува дека она што ќе се посее во процесот на образованието, за еден образовен циклус на една генерација, ќе се жнее како општествена култура.
Според традиционалните образовни стандарди, кои сѐ уште не се надминати и во современите теории, стекнувањето високо образование треба да претставува зрела одлука на една личност да продолжи со надградба на своето знаење во рамките на образовниот систем воспоставен во една држава, за сопствен интелектуален и егзистенцијален просперитет, со кој би придонела и за напредок на општеството. Или, поедноставно кажано, високото образование претставува личен избор, со цел и личноста и општеството да постигнат заемен напредок и да го одржат чекорот со современиот развој во сите сегменти. Таквите односи на личните интелектуални амбиции што треба да се изградат и надградени во општествено-образовни системи бараат да бидат регулирани со закони. А законите би требало да се формираат во интерес на современите принципи на стекнување знаење и потребите на пазарот на трудот, каде што треба практично да биде применето специјализираното стекнато знаење во високото образование.
Новиот закон за високо образование, кој беше изгласан во Собранието на Република Македонија речиси пред една седмица, во политички контекст претставува исполнето ветување на актуелната влада, која додека беше во опозиција, голем дел од својата битка за доаѓање на власт водеше токму преку критики на недостатоците и погрешните чекори во образованието, особено во високото образование. Се говореше за недостиг од академска слобода, загрозена слобода на мислата, за загрозена автономија на универзитетот.
Според предлагачот на Законот за високо образование, Министерството за образование и наука, главните цели за негово донесување се токму квалитетот на образованието и автономија на универзитетите. Се говори за три основни начела вградени во новото законско решение: почитување на автономијата на универзитетот, дизајнирање нов начин на управување со универзитетот, како и решавање на суштинските прашања, квалитетот и финансирањето во високото образование.
Новините што ги донесува законот се формирање агенција за квалитет на високото образование, која ќе ги опфати како два раздвоени органа Одборот за акредитација (кој ги одобрува студиските програми) и Одборот за евалуација (кој го контролира квалитетот на одобрените акредитирани програми). Со новиот закон се намалуваат мандатите на ректорите и деканите – од четири на три години. За деконцентрација на моќта на ректорите се воведува нов модел на нивниот избор – со непосредно гласање на професорите на факултетите и на институтите за предложените кандидати. За ограничување на моќта на министерот за образование и наука, пак, ќе се формира национален совет за образование, наука и истражување, кој ќе преземе надлежности од министерот во сферата на високото образование. Како дел од пакетот реформски закони, универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во рок од три месеци треба да направи промени на статутот, со што ќе се усогласи со Законот за високо образование…
Сепак се чини дека и понатаму најголем предизвик на високото образование и останува решавањето на суштинските прашања, квалитетот и финансирањето во високото образование, што најмногу ги засега студентите.
И понатаму како предизвик за студентите (па и за професорите) остануваат начинот на полагањето испити, што секако не треба да биде со по стотина студенти во амфитеатар, обнова на руинираните студентски домови, многу поголемо учество на практичната настава во споредба со теоретската, редовна исплата на стипендиите… За стопанството и пазарот на трудот сѐ уште останува недоумицата дали овие реформи во високото образование ќе им донесат кадар што веднаш може да го примени знаењето што го стекнал во текот на студиите… А македонското општество треба во најбрзо време да се увери дека високото образование навистина е функционално, независно и автономно од какви било влијанија и изнедрува кадри што не само што имаат теоретски знаења туку ќе поседуваат и мноштво практични вештини стекнати токму низ процесот на својата наобразба.