Кога пратеничката функција би била само највисока државна почест, би се покажало кој навистина ја разбира функцијата „народен пратеник“ како жртва, а не како добивка. Би се видело кој доаѓа на оваа функција не за да земе, туку за да даде
Деновиве, на една тркалезна маса, говорев за поимот „неверојатно“ и делумно за фантастиката, нужно сврзана со неверојатниот настан. Кога дојде време да дадам пример за неверојатен настан, се послужив со познат пример од книжевноста: почетокот на драмата на Том Стопард „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“, каде што можеби по стоти пат, откако ќе фрлат паричка, јунаците се соочуваат со ист резултат: „глава“. А кога тркалезната маса заврши, си го поставив прашањето што би било неверојатен настан на ниво на стварноста, и тоа – онаа политичката? Грците да го поништат Преспанскиот договор? Да нè ословуваат со Македонија и да го признаат македонско малцинство таму? Бугарите да кажат дека Самуил бил македонски, јужнословенски и балкански цар? Да кажат дека Гоце Делчев бил чист Македонец? Србија да го признае Косово? Трамп и Путин да стапат во истополов брак?
Ама сето тоа не ми изгледа доволно неверојатно; како да има сепак едно зрно на потенцијалитет во сите тие навидум неверојатни нешта, иако изгледаат дека се на границата на бесмисленото. Ако во нешто СИГУРНО нема ниту едно зрно можност, на ниво на политичката стварност, тогаш тоа е – пратеник да стане неплатена функција прво во Македонија, со што Македонија би станала пример и за другите во светот. Замислете: пратеник, функција што му се дава како највисока можна државна чест на некој поединец, повисока од секоја државна награда за животно дело, да речеме.
Што би се случило тогаш?
Прва и логична претпоставка е дека, веројатно, оваа функција би се ослободила од една глутница претенденти, партиски џаболебари, без професии, кои пратеничката функција ја сфаќаат како прво вработување. Така, без занает, стануваат цареви. А народната приказна вели: чевларот не му ја дал на принцот ќерката за жена, зашто кога го прашал што е по занает, овој одговорил – принц. Занаетчијата му рекол дека принц не е занает и му поставил услов: ќе му ја даде ќерката ако изучи најпрвин барем еден занает.
Кога пратеничката функција би била само највисока државна почест, би се покажало кој навистина ја разбира функцијата „народен пратеник“ како жртва, а не како добивка. Би се видело кој доаѓа на оваа функција не за да земе, туку за да даде. Никој што во оваа функција гледа можност за лично богатење или обезбедување привилегии на своите најблиски нема да биде доволно будала да се пријави на пратеничката листа. Впрочем, генијалниот балкански комедиограф Бранислав Нушиќ, во својата прва комедија, расправаше токму за народните пратеници и за тоа како во таа функција отсекогаш се гледала можност за протекции и богатење. Има таму генијални, антологиски реплики, како онаа кога за функцијата разговараат двајца противкандидати, Јовица и Јеврем, па Јовица му вели: „Види, брате Јевреме, јас сум согласен и да поделиме, да ме пуштиш прво мене едно две години, знаеш, колку да се припомогнам, а потоа оди ти, ако сакаш во собранието. Ако сакаш, и написмено ќе го ставиме тој договор.“ Тие реплики на еден особен начин ја гарантираат, од праксеолошка гледна точка, неверојатноста на настанот – пратеник да стане неплатена функција.
Но, од морална гледна точка, тој предлог не само што нема ништо со неверојатното туку станува целосно – веројатен и, дури, императивен. Ако народниот пратеник треба да ги застапува и штити интересите на народот од кој е избран, тогаш тоа е навистина највисока чест што може да му се довери некому. Да се биде БРАНИТЕЛ на народот – тоа значи да се биде еден вид модерен Кузман Капидан. На еден симболичен начин, народниот пратеник (треба да) е подготвен и животот да го даде за доброто на заедницата што му укажала таква чест – да биде ПРВ од сите нив. А се плаќа ли со злато за пролеана крв? Очигледно, онака како што умре митот за воинот што од чест ја брани својата татковина, па се замени со реалната слика на платениот војник, така се случува и со највисоките „функции на честа“ во државите. Впрочем, уште во сенатот на Стариот Рим сенаторите („старци“, од латинското senex) не примале никаков надомест. Се сметало дека е највисока чест што го стекнале тоа звање, кое било доживотно. Кај нас сите би сакале доживотно да трае ПЛАТЕНОТО пратеникување. Против тоа никој не би се побунил. За ова сум сигурен дека е сто отсто ВЕРОЈАТЕН НАСТАН.
Кога сепак би се случило, од утре, да се прогласи дека пратеник е неплатена функција, најверојатно е сепак дека за тоа место би се јавиле богати луѓе, на кои богатството не им значи ништо: впрочем, и во веќе споменатиот римски сенат сенаторите биле главно патриции (благородници), и тоа само оние што исполнувале поставен цензус за големината на богатството што требало да го поседуваат. Дури подоцна во сенатот се вклучиле и плебејци: сиромашни но мудри луѓе. Но колку е веројатно да има МНОГУМИНА во исто време чесни и богати луѓе? И второ – што ако се јават богати (кои „нема да крадат“) ама болни за слава луѓе? Што ако, наместо во името на својот народ, почнат да работат за својата суета и самољубие, па да не може човек да ги симне од говорница? И што ако, само за да постигнат слава по секоја цена, се готови да го предадат и народот што ги избрал? Што ако во секој од нив се крие по еден „црн бисер“, по еден Херострат од Ефес, кој за да стане славен (макар и со црни дела), го запали храмот на Артемида?
Од друга страна, би се јавил ли некој целосно сиромашен? Би се јавил ли некој невработен, само за да стекне чест? Каков орден е честа ако се закачи на гради под кои вие празен стомак? И кој гарантира дека нема, од пратеничката функција, иако неплатена, сепак да направи пазар, за некому да му овозможи привилегии за кои ќе биде „исплатен“ зад очите на јавноста?
Значи – никако не оди. Работава е – нит си да ги платиш, нит си да не ги платиш. Затоа, најдобро е да не се бара пример за неверојатен настан во политиката. Таму и неверојатното прекуноќ станува веројатно. И арно си користиме примери од книжевноста, и за веројатните и за неверојатните нешта. Стварноста е доста понестварна од уметноста. Толку.