Паѓањето на Сириза во Грција најверојатно ќе донесе потежок партнер за Македонија, Нова демократија, што секако ќе се случеше порано или подоцна
Дента по завршување на изборите за Европската Унија, многу медиуми осамнаа со наслови за проевропско мнозинство во идниот состав на Европскиот парламент. Секако, во зависност од потребите и аголот на гледање се славеше и победата на десницата.
И тука, пред анализата на резултатите на изборите за ЕУ, за забуната што ја предизвикува терминологијата како проевропски и десница. Какво друго мнозинство би можело да има во Европски парламент ако не (про)европско? За која десница се зборува? Зошто Северната лига и Салвини од Италија се десница (десничарски популисти, антиемиграциски, антиисламски), во споредба со ЦСУ и Маркус Содер од Баварија, Германија, кои се опишуваат како десен центар. А овие вторите, на пример, во 2012 година обезбедија 500.000 евра да се издаде критичка верзија на „Мојата борба“ (Mein Kampf) од Адолф Хитлер, или се спротивставија на миграциската политика на Меркел, или во 2018 година одлучија да се постават крстови во сите јавни згради во Баварија, не како знак на христијанство туку на баварскиот културен идентитет. Да, во Европскиот парламент има повеќе десни фракции од главната Европска народна партија (ЕПП), или Европа на нациите итн. и да, можеби има одредени идеолошки разлики, но се чини дека главната разлика меѓу Северната лига и ЦСУ е во фактот дека првата е антиестаблишмент, која за првпат практикува власт, а втората е во естаблишмент партија која е власт од Втората светска војна. Оттука е прашањето дали кога се говори за победа на проевропските групи, се говори за победа на главните партии или естаблишментот?
Најголем успех на овие избори е зголемениот одѕив на граѓаните на ЕУ, над 50 проценти, највисок одѕив во последниве дваесетина години. Високиот одѕив придонесува кон зголемен легитимитет на Европскиот парламент, што секако е значајно во период на важни одлуки за ЕУ. Од друга страна, толкувањето дека одѕивот е реакција за одбрана на ЕУ од десниот популизам може да е погрешно. Одѕивот може да е зголемен и поради незадоволството од двата главни блока, центар десниот ЕПП и центар левиот СиД, и зголемената понуда на други и нови опции. Поглед во одѕивот открива големи разлики по држави, од над 88 проценти во Белгија до едвај триесетина проценти во Словенија, Хрватска, Чешка и други посткомунистички држави. Високиот одѕив во Белгија можеби се должи што истовремено се одржуваа и национални избори, но од интерес за нас е зошто е низок одѕивот во Хрватска, најновата членка на ЕУ?
И главните блокови ЕПП и СиД, иако за првпат немаат мнозинство во парламентот, може да прогласат успех, бидејќи сѐ уште се најголеми и водечки блокови. Посебно задоволни можат да бидат Зелените и Либералите (АЛДЕ) кои постигнаа подобри резултати од претходните избори. Се чини дека незадоволните од ЕПП главно преминаа во АЛДЕ, а на другата страна незадоволните од СиД во Зелените. Овие четири блока, кои се сметаат за „проевропски“, заедно имаат 505 пратеници од 751, и четирите заедно имаат загубено помалку од дваесетина пратеници во однос на претходниот состав. Тоа е основата на тврдењето за победа на проевропското мнозинство.
Успех може да прогласат и десните групи, бидејќи десни партии како Фидес во Унгарија, Право и правда во Полска или Северна лига во Италија се партии со најубедлив број на гласови во нивните земји. Можат да бидат задоволни со тоа што две од трите најголеми членки на ЕУ, Северна лига во Италија и Национален фронт во Франција се први партии, иако далеку од мнозинство. Трите десни блока имаат 175 пратеници, ама се три блока, не се еден, со битни меѓусебни разлики. На пример, полската Право и правда има голема недоверба кон Северна лига и Национален фронт, поради нивните симпатии и врски со Путин. Допрва ќе следуваат обиди за градење пошироки коалиции во десницата, но тоа нема да биде доволно за клучно влијание во одлучувањето во Европскиот парламент.
Иако изборите беа европски, доведоа до промени на национално ниво во повеќе земји. Во Грција тие доведоа до најава за предвремени избори поради убедливиот пораз на владејачката Сириза. Во Велика Британија гласачите упатија јасна порака на конзервативците и лабуристите дека наместо нив ги претпочитаат партиите како Брегзит и Либерал демократите, кои имаат јасен став во однос на Брегзитот. Падна владата на Курц во Австрија, лидерот на социјалдемократите во Романија замина во затвор.
Какви ќе бидат реперкусиите за Македонија, општо и по резултатите во Франција и Грција. Победата на Националниот фронт во Франција ќе ја држи Франција во антипроширување позиција. Паѓањето на Сириза во Грција најверојатно ќе донесе потежок партнер за Македонија, Нова демократија, што секако ќе се случеше порано или подоцна. Тоа нема да промени многу за членството во НАТО, но може да ја усложни примената на Преспанскиот договор. Сепак, севкупно воздржан оптимизам, бидејќи можеше да биде и полошо.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek