Европскиот парламент треба да добие моќ да ги споделува одлуките со владите во клучните области, како што се фискалната политика, повеќегодишниот буџет или воспоставувањето сопствени ресурси на Унијата
Јосеп Борел
Пред 69 години, кога била промовирана Шумановата декларација, Европејците помислиле дека доколку заеднички ги менаџираат јагленот и челикот, на тој начин ќе ја запрат можноста за меѓусебни војни. Така, всушност, Европската Унија се роди од стравот да не се повтори минатото.
И покрај сите недостатоци и грешки, историскиот биланс на европската интеграција е, глобално гледајќи, позитивен. Така мислат 68 проценти од Европејците. Тоа е највисок процент од 1983-та до денес, со Шпанија (75 отсто), која се ситуира во највисокиот дел на еврозадоволните. Но 50 проценти сметаат дека ЕУ не оди во вистинската насока. И повеќе од 60 проценти со загриженост го гледаат подемот на националпопулистите, чија цел е да го свртат во спротивна насока интеграцискиот процес.
Денес, кога постигнатиот мир се смета за редовна и природна состојба, кога Германија е обединета, Советскиот Сојуз победен на мирен начин, ни недостигаат причини за повеќе Европа. Но светот е радикално изменет од оној биполарен поредок од 1950-тите години, различен е и од тој од пред десет години, кога се случи финансиската криза, различен е и од оној од 2014 година, кога Трамп не беше претседател, Британците сѐ уште не го изгласале брегзит, немаше криза со бегалците од Сирија и сѐ уште не ја сметавме Кина за „системски ривал“.
Во овој меѓузависен и испреплетен светски поредок, со нови геополитички тензии помеѓу држави со континентални димензии, големината е важен фактор во смисла на влијание, владеење и безбедност. Особено што, како што нѐ предупредуваат, Европа веќе не може да ја гледа својата безбедност под американскиот воен чадор. Германската канцеларка Меркел има право кога вели дека ние Европејците мора да си ја земеме судбината во сопствените раце.
Конфликтот во Украина нѐ потсети на моќта на Москва во нејзината поранешна сфера на влијание. Се отвора една нова етапа во нуклеарното вооружување помеѓу Русија и САД и едно хипотетично атомско вооружување во Иран. Кина се обидува да ја проектира својата економска моќ во воена и технолошката сфера, го шири влијанието на своите фирми во Индија, Африка и во некои европски земји и претендира геополитички да го исцртува светот на утрешнината со новиот пат на свилата.
ЕУ, со своите 500 милиони жители, денес претставува само седум отсто од светското население. Од денес до 2030 година, нашата популација нема да се зголеми, но ќе остари, додека Индија и Кина ќе стигнат до 1,5 милијарда жители. Во 2050 година, Африка ќе има 2,5 милијарди жители, а ниту една европска економија нема да биде меѓу првите седум со највисок БНП во светски рамки.
Соочена со ваква перспектива, само една пообединета Европа може да влијае врз светското владеење, кое треба да се базира врз мултилатералната соработка и заемно прифатените норми, за да ги обезбеди својот идентитет и својата безбедност, мирот и еколошката одржливост, градејќи отворени општества, но истовремено поврзани во вид на противотров наспроти тоталитаризмот.
Треба да ги дефинираме сферите во кои ќе дејствуваме заедно и како ќе ги носиме одлуките во однос на новите европски иницијативи. И второто (институциите), како и првото (политиките), се еднакво значајни доколку сакаме да постигнеме адекватен демократски легитимитет на европскиот проект за интеграција, во голема мера оштетен поради кризата на еврото и мигрантската криза во 2015 година.
Потребно е да ја засилиме нашата заедничка надворешна и безбедносна политика. За тоа е потребно да се напушти, доколку е можно, правилото на анонимноста за да се постигнат заеднички позиции и да се развие стратегиски и автономен капацитет компатибилен со НАТО, каде што ние Европејците треба да имаме повеќе влијание. Европа треба да научи да настапува со логика на сила и да одговори со пропорционални мерки на агресивните и унилатералните одлуки, од каде било да доаѓаат, и да обезбеди заемни инструменти за заштитата на нашата безбедност и демократија.
Безбедноста, која критично зависи од технолошкиот капацитет во мошне осетливи сфери како што е Г5, вештачката интелигенција, биотехнологијата или квантната математика. Денес не постои ниту една европска фирма помеѓу 15-те најголеми и највлијателни протагонисти на дигиталната револуција. Европа треба да ги промовира иновацијата и индустриската политика, која ќе им овозможи на нашите фирми да бидат компетитивни со мултинационалните компании од Америка и Кина.
Од суштинско значење е постоењето на една силна европска агенција за азил во рамките на една ефективна миграциска политика на заедницата. Со отстранувањето на внатрешните граници, потребно е да се делат трошоците за управување со надворешната граница. Потребна ни е Европа што ги усогласува хуманитарните визи и ја регулира економската имиграција, во соработка со земјите на потекло и транзит.
За да се соочиме со овие надворешни предизвици, мора да ја консолидираме нашата унија во своите монетарни, фискални и социјални димензии. Не можеме да бидеме силни во светот ако европската интеграција не гарантира споделен просперитет. Монетарната политика не може да реши сè; макроекономските услови се многу поинакви од оние во 1990-тите години, кога беше потпишан договорот од Мастрихт. Тогаш дури и Германија се соочи со каматни стапки од 5 отсто. Додека денес истата таа се финансира со негативни реални стапки, а инфлацијата веќе неколку години е под целта од 2 отсто.
Со толку ниски трошоци за финансирање, има простор за инвестирање во долгорочни проекти со голема социјална профитабилност. Меѓу нив, и Грин дил, кој ја декарбонизира економијата, го поттикнува порастот и генерира нови работни места. Но не е можно да ги замолите да се грижат за крајот на светот, за многумина што се грижат за крајот на месецот. Затоа, Европа мора да ги комбинира политиките за климатски промени со оние на борбата против сиромаштијата и нееднаквоста.
Сега, кога економијата на еврозоната се забавува, потребен ни е буџет на еврото, финансиран од заеднички даноци поврзани со единствениот пазар (финансиски трансакции, дел од основицата на корпоративниот данок, придобивките на големите технолошки компании…) и придобивките од ЦЕБ.
Исто така, од суштинско значење е да се зајакне европската социјална димензија, дополнувајќи ги националните осигурувања за невработеност, или усогласување за еден систем на минимални плати базирани на националните традиции и колективните договори. Ако сакаме Европа да биде прифатена како заштитник од страна на нејзините граѓани, мора да му ставиме крај на моделот во кој ЕУ е одговорна за макроекономска регулација и фискалната редистрибуција останува исклучиво во рацете на државите.
Но нема да биде доволно да се понудат решенија доколку тие не се доволно демократски легитимирани. Мора да се осврне и на институционалните реформи, избегнувајќи чисто меѓувладини решенија што проектираат идеја за технократска, елитистичка и далечна Европа од секојдневните проблеми поради кои страдаат луѓето. Европскиот парламент, институцијата што директно нѐ застапува сите нас, мора да има овластувања за коодлучување со владите за клучните прашања, како што се оданочувањето, повеќегодишниот буџет или воспоставувањето на сопствените ресурси на Унијата.
Егзистенцијалното прашање на кое ние Европејците ќе одговориме со нашето следно гласање е кое место сакаме да го имаме во светот, пред и помеѓу новите блокови застапени од Кина и САД. Како да спречиме стравот од иднината да ја разградува нашата Унија и да се поттикне враќањето на една сенишна идеја на нацијата, заштитена со ѕидови што никогаш не можат да бидат толку високи колку што ќе нѐ изолираат од остатокот од светот?
Авторот е министер за надворешни работи на Шпанија