Една деценија помина откако ЕУ склучи силно партнерство со земјите од Источна Европа во дворот на Русија. Кремљ очајно се обидува да си ја врати сферата на влијание, дури и со нелегални упади во Украина. Но денес е јасно дека неговите напори доживеаја целосен неуспех
Пред пет години, група „мали зелени човечиња“, односно војници без национални обележја, ја презедоа контролата врз полициската станица во Славјанск, мало село во Донецката област во Источна Украина. Така почна втората фаза од руската кампања за поделба на Украина, по нелегалната анексија на Крим во март истата година. Како што јасно покажаа соопштенијата на Кремљ од тој период, целта на Русија беше да формира полунезависна државичка Новоросија (Нова Русија) во јужниот дел на Украина, како и да го сведе остатокот на земјата на еден вид Голема Галиција.
Бунтовниците поддржани од Кремљ претставуваа чудна комбинација на националистички вжештени глави и „волонтери“ од руските специјални сили. Иако Русија ги снабдуваше со „хуманитарна помош“ и со софистицирано оружје, очекувањето беше дека тие на крајот ќе успеат да мобилизираат народна поддршка за завршување на проектот за формирање „Нова Русија“.
Но Украина не потклекна. По претседателските избори во мај 2014 година, таа почна да ги одбива нападите и да го враќа редот. За да спаси барем дел од придобивките, рускиот претседател Владимир Путин распореди редовни припадници на руската армија во Украина. Во септември истата година, политичкиот договор Мински протокол, постигнат со посредство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), всушност ја замрзна состојбата на линиите исцртани меѓу тенковските бригади.
Настаните што доведоа до конфликтот почнаа претходното лето, кога Кремљ го зголеми притисокот врз украинската влада да ги напушти разговорите за договор за слободна трговија и асоцијација со ЕУ. Таа повеќе не сакаше да толерира други соседи како ги продлабочуваат врските со Западот, па Путин сакаше да ја принуди Украина да пристапи во царинска унија со Русија, на патот кон создавање евроазиска унија како контратежа на ЕУ.
Кампањата на притисоци на Кремљ почна со трговски санкции, финансиски стимулации и политички интервенции и заврши со целосна воена агресија за помалку од една година. Но шест години подоцна, јасно е дека ништо од тоа не даде плод. Седум отсто од Украина и понатаму се под контрола на силите поддржани од Кремљ, одбранбените и хуманитарните трошоци за милиони раселени лица во голема мера го оптоваруваат националниот буџет, но Украина успеа да постигне извонреден напредок на голем број полиња. Таа сега има силен договор за слободна трговија и асоцијација со ЕУ. По далекосежните економски реформи, нејзината економија сврте нов лист. Таа одржа претседателски избори што ги задоволуваат високите стандарди на Европа за слобода и праведност.
ЕУ заслужува дел од заслугите за овој исход. Помина една деценија откако ЕУ го почна своето источно партнерство, кое воспостави посигурна рамка за соработка на Унијата со Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и со Украина. Оваа иницијатива, вреди да потсетиме, делумно е реакција на руската инвазија на Грузија претходното лето, кога Кремљ се обиде да ја распарчи таа земја, признавајќи ги Јужна Осетија и Абхазија како независни држави. Во секој случај, дури и најблиските сојузници на Русија не сакаа да ги признаат окупираните територии и да ѝ дадат легитимитет на нејзината инвазија. Грузија не само што преживеа, делумно благодарение на ЕУ, туку и одржа два главно фер избори на претседател.
Се разбира, поголемиот поттик за источното партнерство беше тоа што соседите на Русија во Источна Европа и во Јужен Кавказ изразија желба за посилни врски со ЕУ. Сепак, иницијативата никогаш не претставуваше закана за постојните аранжмани на земјите-партнери со Русија. Тие што имаа договор за слободна трговија со Русија можеа да имаат спогодба и со ЕУ.
Земјите од Источна Европа надвор од ЕУ сѐ уште имаат сериозни економски и безбедносни прашања со кои треба да се справат. Секоја од нив мора да стори повеќе за да се бори против корупцијата, да обезбеди владеење на правото и да ја отвори својата економија. Очигледно е дека замрзнатите или полузамрзнатите конфликти во Грузија и Украина, како и тие меѓу Приднестровје и Молдавија и меѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно-Карабах, треба да се решат.
Но важно е дека е зачувана независноста на секој од „источните партнери“. Иако земјите како Азербејџан и Белорусија се соочуваат со различни домашни предизвици, сите продолжија да се движат на патот кон демократијата. Ова е извонредна победа за ЕУ, имајќи ги предвид напорите на Кремљ да ги принуди овие земји да тргнат во друг правец. Денес украинско знаме се вее во Славјанск, а „малите зелени човечиња“ што пред пет години го предводеа нападот врз полициската станица веројатно се вратиле во Москва, пијани и незадоволни, прашувајќи се што била поентата на целата операција.
Авторот е бивш премиер и шеф на дипломатијата на Шведска