Во минатите три децении сите македонски влади ветуваа дека ќе направат „бум“ во економијата. Меѓутоа, наместо најавениот „бум“, државата постојно назадува во сите сфери на општествено-економскиот и политичкиот живот! Наспроти оптимистичките ветувања на македонските власти, светските меродавни институции настапуваат со мошне песимистички оцени за економскиот развој на нашата држава! Ваквите оцени се базирани првенствeно на раширената корупција, на недостигот од владеењето на правото, на недостигот од паметна економска стратегија, на недоволните инвестиции и на лошиот образовен систем во државата!
Македонската политика, наука и образование систематски создаваа мит за огромните природни и минерални богатства со кои располага нашата држава (лорандитот од Алшар, големите рудни ресурси, нафтата на Овче Поле и слично). За да се дефинира паметна економска стратегија треба да се направи анализа на реалните ресурси со кои располага државата! Она што со сигурност може да се каже е тоа дека нашата држава располага со големи површини (необработена) земја, со мошне ограничени енергетски ресурси, со ограничени и нерационално искористени водни ресурси, со мошне ограничени, поточно исцрпени минерални/рудни богатства, со солидни ресурси на некои неметални руди, како што се мермерот, лапорецот и сл. и со сѐ уште евтина работна сила, која, пак, не соодветствува со потребите на државната администрација, на реалната економија и на странските инвеститори!
Динамиката на економскиот развој на поодделните земји во голема мера зависи и од нивната географска и геополитичка положба. Развојот на нашата економија е битно ограничен и поради тоа што нашата држава нема излез на море, ниту, пак, е членка на воено-политички и економски организации како што се НАТО и ЕУ. Колку е важна географијата може да се види во случајот со државата-град Сингапур, кој поврзува две мориња и два океана и се третира како „дете на географијата“.
Додека Хрватска, Албанија, Грција и Србија во последните две-три децении изградија модерни автопати, Македонија градеше споменици, станови, деловен простор, катни гаражи и слични објекти и на тој начин, поради непродадените станови умртви капитал до 1 милијарда евра, а во поглед на комуникациите се доведе во состојба на изолиран остров!
Многу развиени земји во светот се соочуваат со сериозни проблеми околу недостигот од животен простор, па водат спорови, вклучувајќи и воени закани за ненаселени острови, градат аеродроми на морињата, окупираат туѓи територии и слично. Во историјата мошне добро се познати големите преселби на народите. Актуелните мигрантски кризи со кои се соочуваат Европа и САД би можеле да бидат само увертира на евентуални големи преселби што би можеле да се случуваат во иднина! Без амбиции да бидам некаков Нострадамус, мислам дека со текот на времето ќе се појави хегемон кој ќе го постави прашањето за неправичната поделба на животниот простор во светот! А постојат сериозни индикации за тоа кој би можел да се појави во улога на иден светски хегемон!
И во времето кога беше во рамките на Југославија, СРМ водеше целосно погрешна економска политика. Погрешната регионална политика доведе до рапидно зголемување на бројот на жители во Скопје и до опустошување на цели региони, како што е случајот со Мариово или сега со источните предели на нашата држава. Во поглед на регионалниот развој треба да се пристапи со добро промислена програма за радикални промени кои би воделе кон оживување на опустошените предели! Може ли Мариово или кој било друг регион во државата да се прогласи и да се приспособи, со соодветна инфраструктура, за бизнис-зона на нашите иселеници, кои би биле подготвени да се вратат и да започнат свој бизнис во „стариот крај“? За таа цел треба максимално да се либерализираат условите за отворање фирми од страна на иселениците кои би биле подготвени да се вратат!
Со закон би требало да им се овозможи да регистрираат свои фирми преку Интернет, а не да одат по шалтерите и да бидат уценувани од корумпираните државни чиновници за разни одобренија, потврди, решенија и слични документи! За отворање свои фирми повратниците треба да наведат само некои основни податоци, како на пример адреса на фирмата, дејноста со која ќе се занимава, терминот на отпочнување со работа на фирмата и слично. Во законот треба да се внесат одредби за ослободување од плаќање на данок во рок од 3 години за фирми кои би се занимавале со трговска или со угостителска дејност, па до 5 и до 10 години за фирми кои би се занимавале со земјоделска или индустриска дејност.
Во законот треба да се внесат и одредби за бесцарински увоз на машини и опрема за потребите на фирмата! Едноставно, треба да се примени моделот на Полска за враќaње на иселениците. Владата би требало да вложи напори за враќање на нашинците кои се занимаваат со земјоделски дејности во Италија, Швајцарија и во други развиени земји, особено и поради тоа што тие кај нас ќе донесат нови агротехнички искуства од спомнатите развиени земји, посебно во областа на овоштарството, лозарството и градинарството.