Стигна и извештајот на ЕК со „чиста“ препорака. Оваа треба да биде 10-та едноподруго, а, горе-долу, сите се исти или многу слични освен за време на кризата. Тоа е периодот кога се подготвуваше рушење на претходната влада бидејќи не беше подготвена да капитулира за името и идентитетот на народот и затоа државата ја сметаа за „заробена“. За Брисел, „ослободувањето“ значи наша капитулација. И сега, кога сѐ тргна на тој пат, користениот речник е попријатен ама тоа не е никаква компензација за капитулантските стратегиски и историски отстапки што веќе ги (на)прави новата власт. Убаво звучи кога те фалат ама мудроста е правилно да се оцени што се крие зад тоа или, поточно, што си дал и што си добил. Не смееш да се гордееш со нешто што си го платил прескапо. Во конкретниов случај, за жал, се реализираат интересите на Брисел ама не и на Македонија. Доколку навистина се најде решение за името, тежок камен ќе му падне на Брисел бидејќи начинот на кој сите овие години ја третираа Македонија, воопшто не им служи на чест. Го игнорираа меѓународното право (привремената спогодба со Грција и хашката пресуда), користеа сила (блокада, уцена и ултиматум – прво прекрстување, потоа членство)… Заглавија до гуша во калта и ако нашата власт ги спаси со капитулантски договор, Брисел и веднаш да не прими во членство нема да ги компензира последиците што неизбежно ќе следуваат за нашиот народ и држава. Ова е само опомена да се внимава на секој чекор бидејќи можеме неповратно да се саморазнебитиме.
Нашата радост од пофалбите од Брисел и непотребната еуфорија беа веднаш фрлени во аут. Претседателот Макрон изјави дека нови проширувања нема да има, а приоритет е продлабочување на Унијата и нејзино реформирање. Јункер, шефот на ЕК, нагласи дека препораките за Македонија и за Албанија се само почеток на долг процес и дека одлуките ги носи Европскиот совет. Германски „Билд“, пак, најавата за преговори со Албанија и со Македонија ја оцени како „застрашувачки наивна“. Не премолчи ни Атина што потсети дека без решение на името – нема ништо.
Новата стратегија на ЕУ за балканските држави, објавена во февруари 2018 година, веќе стави до знаење дека нивниот прием ќе трае долго. По Хрватска, која влезе во 2013 година, вратите на Унијата беа ширум затворени, а нивното скромно отворање е планирано дури во 2025 година. Тоа се најмалку 12 празни години. Се чини дека и тој чин ќе биде симболичен бидејќи ќе биде примена само Црна Гора, иако и Србија се спомнува како кандидат. Тоа се двете држави што веќе ги почнале преговорите. Од чиста куртоазија, која е секогаш бесплатна, беше најавено дека овој датум не исклучува никого ама условите што ги поставија значат дека и 2030 година ќе биде тешко достижна за другите. Брисел сигурно ќе направи сѐ Црна Гора да влезе во 2025 бидејќи, со 600 илјади жители, нема ништо да им промени, а ќе ја потврди политиката на отворени врати. На Србија ѝ посакуваме успех ама можностите да успее заедно со Црна Гора се – никакви.
Со стратегијата, Унијата потврди дека нашиот регион беше целосно запоставен ама тоа што го предлага не остава простор за никаков оптимизам. Црна Гора ги почна преговорите на 29 јуни 2012 година и Брисел очекува да ги заврши во 2023 година, значи по 11 години. Со две години процедура на прием, вкупно – 13. Србија преговара од 21 јануари 2014 година и Брисел не е искрен кога најавува дека и Белград може да ги заврши во 2023 година, по десет или вкупно 12 години. Тоа е празна психолошка поддршка. Србија нема обележени граници со БиХ и со Хрватска, што е сериозен хендикеп; во преговорите ќе добива сопки од Загреб и без тоа; непреодни пречки ќе им создава и договарањето со Косово… Односот на Белград кон Москва, пак, ќе биде дополнителен предизвик. Конфронтацијата меѓу САД и Русија ќе се заострува, а сервилниот Брисел ќе ги следи интересите на Вашингтон. Србија тешко ќе им се приклучи на санкции…
Ако на Црна Гора ќе ѝ бидат потребни вкупно 13 години, на Србија веројатно повеќе, каде е тука Македонија? Ситуацијата не е многу надежна: ако уште утре ги почнеме преговорите за членство, ако тие се одвиваат без никакви пречки и ако траат 13 години, по примерот на Црна Гора, Македонија не може да влезе во ЕУ пред 2031 или 2032 година. Меѓутоа, апсолутно е невозможно да немаме опструкции во процесот на преговори, и тоа сериозни. Ќе се преговараат 33 поглавја и во (скоро!) секое од нив, најмалку Бугарија и Грција, ќе имаат свои интереси. Особено по договорот потпишан со Софија и тој што треба да следува со Атина. Дадените отстапки на Бугарија скапо ќе ги плаќаме во процесот на преговори. Сѐ што е прифатено околу јазикот, идентитетот, историјата… тогаш ќе биде финализирано. Истото тоа, дури и повеќе, ќе важи и за евентуалниот договор со Грција.
Никој нека не помислува дека со овие два договора ќе завршат нашите маки. Напротив. Нашите вистински голготи ќе следуваат по нив. На јогуртот на „Здравје“ пишува дека е од „квалитетно македонско млеко“ што, во преговорите за членство ќе мора да се избрише. Ништо македонско нема да може да остане, почнувајќи од народот. Ако сме прифатиле дека веќе не сме Македонија, нема да можеме да користиме никакви придавки од тоа име. И млекото ќе може да биде само „горномакедонско“ и тоа заедно! Да потсетиме дека, според информациите од „Викиликс“, американскиот план беше дека идентитетот на македонскиот народ треба да се оспори во текот на преговорите за членство во Унијата, што значи и да се урниса, без да се чепка сега. Атина, меѓутоа, инсистира и на тоа бидејќи виде какви аматери има од другата страна, дека по секоја цена им се брза за во НАТО и во ЕУ… и затоа уценуваат. Со право заклучуваат дека сега му е мајката да ги реализираат сите свои максималистички барања.
Токму затоа, преговорите целосно заглавија и излез практично – нема. Најавените средби на министрите на 2 мај во Солун и потоа, на 11 мај, во близината на Атина, се мултилатерални настани и немаат врска со преговорите. Средбата во Охрид, пак, беше дел од грчка турнеја. Тоа значи дека преговорите практично се прекинати. Откако Коѕијас најави дека нема решение до јуни/јули, очигледно во паника, нашите наметнаа средба во Виена пред крајот на април сигурно подготвени за нови непристојни отстапки. Најавата дека ќе се концентрирале на „временската рамка“ потврдува дека тука се крие зајакот и затоа повторно се приклучува Нимиц, сега како резервен играч, кој продолжува да го спроведува американското сценарио. Изгледа дека се подготвува некаков ужас без крај што ќе се случува во текот на преговорите со ЕУ.
Грешките во договорот со Бугарија се веќе стварност и последиците ќе се редат. Арно ама, ако се дојде до некаков договор со Грција секој збор ќе мора пет пати да се мери. Со сигурност може да се тврди дека нашите грешки и наивност ќе експлодираат при преговорите за членство. Затоа ни се итно неопходни врвни странски експерти. Не само сѐ што сме потпишале или ветиле, туку и сѐ што ќе си толкуваат другите како наша обврска – ќе мора да се исполни. Или – нема членство. Милост од другите, како што сега постојано бараме од Грција – не треба да се очекува. Тоа е чист волунтаризам.
Сѐ заедно, неоспорен факт е дека членство во ЕУ е далечна перспектива. Многу е веројатно дека сегашните новороденчиња ќе бидат матуранти или веќе на студии, а Македонија сѐ уште ќе биде пред вратите на Брисел. Длабоката криза во Унијата создаде силен отпор против проширувањето. Следните десетина години тој најверојатно ќе се продлабочува и тоа од повеќе причини. Внатрешните недоразбирања ќе растат, по разни основи и ќе бидат сѐ почести и пожестоки. Затоа и се инсистира новите членки да не внесуваат нови проблеми. Премногу ги имаат и без тоа. По должничката криза од 2009 година и по брегзит, ЕУ не е ни слична на тоа што беше. Сепак, Унијата и еврото се цивилизациски достигнувања и секако ќе опстанат ама формата, начинот на дејствување… па и проширувањето – нема да бидат исти.
Идејата на Макрон за продлабочување на Унијата мора да загрижува. Во таква унија тешко ќе има место за државите од Балканот, освен во некаква втора лига. Брисел досега немаше стратегија за развој и, како што изгледа, сега Франција се обидува да го преземе водството. Идеите за некаква (кон)федерација не треба да се оживуваат бидејќи нема да донесат ништо добро. Разликите меѓу членките се такви што продлабочувањето на единството нема перспективи. Треба, секако, да се шират еврото, шенген-зоната и сите практични погодности, ама со усул. Треба да се намалат и регулативите што навлегуваат и кај треба и кај не треба. Бирократите немаат многу смисла за прагматизам и практичност, а во Брисел има илјадници такви што ја рушат егзистенцијалната основа на ЕУ.
Ова се рамките во кои Македонија треба да ги планира своите политики и да ги калкулира можните жртви. Добро е да се биде член на Унијата ама не по секоја цена. Еуфоријата што (ќе) се потпалува за некакво брзо членство, е чиста манипулација. Владата практично прифати прекрстување, што е чиста капитулација, и мора да инсистира Брисел веднаш да ни даде датум за преговори бидејќи ултиматумот е исполнет. Тоа што Грција тактизира и го бара невозможното, не смее да се толерира. По нашите непромислени отстапки, не добиваме никаква сатисфакција. „Чистата“ препорака ништо не значи. Таа никого не обврзува.
Нашата еднострана најава дека прифаќаме географска додавка на името е неразумен потег на штета на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Дадена е клучна и до вчера незамислива отстапка – за џабе. Без ништо за возврат. Таков погубен потег е можен само при финално пазарење и доколку другата страна направи сличен гест.
За живо чудо, опозицијата – молчи. Никаде ја нема. Тоа значи дека го прифаќа прекрстувањето. Зарем е можно толку да е дезориентирана? Ако власта го брише македонскиот народ, опозицијата мора жестоко да го осуди тоа и да преземе соодветни активности да се спречи тоа, а не само да констатира дека „одговорноста е на Владата“ (по средбата во Клубот на пратениците). Нивна обврска е да ги оневозможат разнебитувачките замисли на власта. Ако не знаат како да се однесуваат само нека следат што прави опозицијата во Грција.
(Авторот е поранешен амбасадор)