Нерешените инфраструктурни зафати во повеќето новоизградени населби најчесто се должат на нереалните ветувања на локалните власти, кои брзајќи да ги наполнат општинските каси наплатуваат комуналии за изградба на објекти, а потоа граѓаните со години ги оставаат без вода, струја, канализација и патишта и со купишта ѓубре
Каливи патишта, септички јами, нередовно снабдување со електрична енергија и со вода, небезбедни бунари се вообичаена слика на повеќе локации низ државата каде што масовно никнуваат нови населби. Изградени се голем број куќи и во нив се живее со години, а луѓето, и покрај тоа што уредно ги платиле комуналиите, во 21 век сè уште немаат основни услови за живот, како пристапни патишта, водовод и канализација.
– Кога ја започнав постапката за изградба на куќа, до општината ги поднесов сите потребни документи, како имотен лист, извод од план, проект и сè друго што требаше, а по два-три месеца ме информираа дека треба да ги платам комуналиите во градот Скопје. Тоа и го направив, по што ми беше издадена градежна дозвола. Куќата ја изградив за една година и се вселив набргу, но речиси шест години по вселувањето, сè уште немам асфалтиран пристапен пат, ниту, пак, канализација – вели Блаже Трајковски од Скопје.
Тој додава дека и во изводот од план што го има постоела маркичка за неговиот објект, како и пристапна улица, а комуналиите што ги платил биле токму за таа намена – изградба на инфраструктура.
– Мојот објект не е дивоградба, постои во планот, а си извадив и градежна дозвола. За објектот платив комуналии од околу 7.000 евра во денарска противвредност.
Навистина, локалните власти се многу ажурни кога треба да ги наплатат комуналиите, но забораваат кога треба да го исполнат својот дел од обврските – вели револтирано Трајковски.
Нерешените инфраструктурни зафати најчесто се должат на нереалните ветувања на локалните власти, кои брзајќи да ја наполнат општинската каса, наплатуваат комуналии за изградба на објекти, а потоа не можат да ги исполнат обврските.
– Изградив куќа во Сопиште пред неколку години. Си платив комуналии и ми ветија дека наскоро целиот простор ќе биде урбанизиран, односно со изградбата на водоводот за Сончев Град, ќе добиеме и вода и канализација. Од водоводот засега нема ништо, за канализација воопшто и да не споменувам, додека самоиницијативно се организиравме неколку куќи, собравме пари и сами си асфалтиравме пристапен пат со стар гребен асфалт – вели Аце Стојковски од Сопиште. Од оваа општина се правдаат дека граѓаните се тие што некогаш ја забавуваат реализацијата на проектите, а оправдување бараат и во неажурноста на изведувачите.
– Стихијно налетуваме на проблеми кога треба да реализираме некој проект. Конкретно, при изградбата на водоводот, иако претходно беше утврдена трасата, повторно се појавија некои спорови за нивите каде што требаше да се поставуваат цевките. Едноставно луѓето застанаа пред багерите и не дозволуваат да се работи. Покрај тоа, не знаеме зошто и изведувачот доцни со претходно предвидените работи – вели извор од општината Сопиште.
Изградбата на водоводот во Сопиште беше најавувана со години, но тоа никако да се случи. Во 2016 година конечно требаше да започне изградбата на примарната мрежа од овој водовод и да заврши за 18 месеци, но освен што беа поставени цевки на одредени делници, поголемиот дел од работата остана незавршен. Проблеми имаат и фирмите-изведувачи, кои се жалат дека локалните власти, како и државата, го прекројуваат буџетот и ги скратуваат средствата претходно предвидени за изведба на инфраструктурните проекти.
– Најпрво државата ќе определи извесна сума што треба да ни ја префрли, потоа тоа се менува, па ни се префрлаат помалку средства. Со таква динамика не можеме да работиме континуирано. Згора на тоа, се соочуваме со илјадници проблеми на трасите. Она што било утврдено пред две-три години, сега не може да се спроведе, оти во меѓувреме на утврдената траса некој поставил бандери, некој си ја проширил нивата, а некаде се изградиле и објекти – вели претставник на компанија што изведува инфраструктурни проекти низ целата земја.
И не само граѓаните и градежниците, со слични проблеми се соочува и бизнис-секторот, генерално. Со години бизнисмените апелираат да им се изгради неопходната инфраструктура, но, речиси по правило, пари во буџетот за таа намена нема.
– Бараме да ни обезбедат минимални услови како во индустриските зони во кои работат странските компании. Ги плаќаме уредно сите придонеси кон државата, вработуваме луѓе, а за возврат не добиваме ништо, немаме ниту водовод, ниту канализација. Пред секои избори ни ветуваат, а потоа нè забораваат – вели Јоцо Милошевски, стопанственик.
Токму ваквите нерегулирани односи овозможуваат постојано да се ветуваат нереални проекти, на граѓаните да им се наплатуваат комуналии за изградба на инфраструктура, а потоа ништо да не се исполнува.
Ребалансите на буџетот не го намалуваат интензитетот на работа на проектите, особено оние што се однесуваат во делот на нискоградбата, тврдат од Министерството за транспорт и врски.
– Кога се одвиваат градежни дејства, често се случуваат и непредвидливи работи. Може да се јават свлечишта, да се прекине некој подземен кабел, се прави измена на проектот. Сето тоа може да доведе до доцнење при изведбата на проектите – вели Кире Коцевски, портпарол во Министерството за транспорт и врски.
Тој додава дека договорите за изведба на проектите се склучени, средствата се обезбедени и не може да се отстапува од договорените обврски.