Изминатите години во Битола се појавија неколку здруженија и организации што се залагаа за почист воздух, почнувајќи од „Битола сака чист воздух“, кое подоцна се (пре)регистрира како „За нас се работи“, за потоа целосно да се политизира, излегувајќи на локалните избори со независната советничка листа „Поинаку“. Потоа се појави ново здружение, насловено „Геосфера“ итн.
Во настојувањето да се најде решение против загадениот воздух во Битола, неодамна беше промовирана најновата платформа за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух во градот под Пелистер, насловена „Земи здив“. Најновата платформа „Земи здив“ со седум мобилни станици ќе го мери квалитетот на воздухот во Битола. Има многу симболика во името на платформата „Земи здив“, која ќе се залага за почист воздух во Битола. Самиот наслов на платформата „Земи здив“ зборува дека битолчани во последно време, поради енормното загадување на воздухот во градот, буквално се борат не само за (по)чист воздух туку за малку здив.
Но кога станува збор за тоа колку најновата платформа, која ја поддржаа неколку невладини здруженија, ќе помогне во справувањето со нечистиот воздух во Битола, битолчани не се (пре)многу големи оптимисти. Причина за тоа се лошите искуства на жителите од градот под Пелистер од блиското минато, кога се појави невладиното здружение „Битола сака чист воздух“. На почетокот, по промовирањето, ова здружение доби невообичаено голема поддршка и навистина ја разбуди свеста кај битолчани дека треба да го кренат својот глас против загадувањето на воздухот во Битола. Битолчани ги паметат нивните масовни протести, на кои присуствуваа и по неколку илјади граѓани. Покрај поддршката, здружението „Битола сака чист воздух“, кое подоцна се (пре)регистрира како „За нас се работи“, доби и логистика не само од најголемиот број битолчани, кои се задушуваа во нечист воздух, туку и од европски фондации и институтот „Отворено општество“. Но по кратко време ова здружение, откако добро ги наплати „проектите“ што ги промовираше за чист воздух во градот под Пелистер, наместо за (по)чист воздух, почна да се бори за остварување на своите лични политички амбиции и целосно се политизира, излегувајќи на локалните избори со независната советничка листа „Поинаку“, која освои два советнички мандата. Денес здружението „Битола сака чист воздух“ не само што не е активно туку воопшто како да не постои.
И како што обично бидува кај нас, по маргинализирањето на здружението „Битола сака чист воздух“ по смената на локалната власт, во градот се појави ново невладино здружение, кое пројави амбиции да се бори за (по)чист воздух во Битола – „Геосфера“. Иако и ова здружение на битолчани им вети максимално залагање и низа конкретни чекори за подобрување на амбиенталниот воздух во градот под Пелистер, сепак ни тоа многу не се прослави, а мерките што ги понуди за подобрување на воздухот во Битола се покажаа не само како неприменливи туку и како неспроведливи.
Како ќе се покаже најновата платформа „Земи здив“ останува да покаже времето, но доколку и иницијаторите за формирање на оваа платформа се покажат како претходните, битолчани, по сѐ изгледа, уште долго време ќе се борат за малку чист воздух
Како ќе се покаже најновата платформа „Земи здив“ останува да покаже времето, но доколку и иницијаторите за формирањето на оваа платформа се покажат како претходните, битолчани, по сѐ изглед,а уште долго време ќе се борат за малку чист воздух. Инаку, платформата „Земи здив“ е формирана од страна на пет здруженија на граѓани, со основна цел воспоставување и одржување сензорска мрежа за континуирано следење на квалитетот на амбиенталниот воздух, која ќе генерира податоци и информации што ќе бидат достапни за граѓаните. „Земи здив“ следењето на параметрите на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола ќе го врши со седум сертифицирани мобилни мерни станици, кои се набавени од независната глобална светска мрежа „Ерлај“ и се референтни уреди, кои ги поседуваат сите сертификати за квалитет и стандард ИСО ЕН 16450:2017. Сензорите на овие мерни станици мерат концентрации на ПМ1 (единствен уред во Македонија што ја мери концентрацијата на овие честички), ПМ2,5, ПМ10. Покрај овие параметри, тие ги мерат и температурата, воздушниот притисок и влажноста на воздухот, а податоците се графички презентирани на веб-платформата на „Ерлај“, на која може да се пристапи од секој паметен уред. Податоците се прикажуваат во реално време, а вредностите се ажурираат на секои три минути. Очекувањата се дека сето ова, заедно со користењето на алгоритмите за прогноза на загадувањето на воздухот, ќе помогне за наоѓање соодветни решенија што треба да се применуваат при креирањето на политиките во борбата со загадувачите и последиците од загадениот воздух. Податоците генерирани преку мрежата се од јавен карактер и ќе им бидат достапни и на субјектите (општинска власт, инспекции за животна средина, градоначалник, совет на општината Битола) што располагаат со овластувања да преземат соодветни мерки. Податоците од континуираното следење на квалитетот на воздухот, структурирани во месечни и годишни извештаи, ќе бидат алатка преку која граѓаните ќе можат да проценат дали се преземаат мерки за намалување на загадувањето и каква е ефективноста на мерките што ги преземаат носителите на јавни функции.
Покрај тоа, „Земи здив“ треба да им помогне на граѓаните да преземат индивидуални мерки за заштита и намалување на изложеноста на загадувањето на воздухот и подигањето на индивидуалната еколошка свест, која ќе води кон промена на некои навики. Сепак, поучени од претходните искуства на граѓански активисти и организации, кои изминатиот период никнуваа како печурки по дожд и наводно се залагаа за почист воздух, почиста и поздрава животна средина, а потоа само собираа политички поени, граѓаните стравуваат и платформата „Земи здив“ да не биде исто така со краток здив.