На 23 јануари, претседателот на националното собрание Хуан Гуаидо положи заклетва за привремен претседател на Венецуела пред илјадници граѓани, јавно оспорувајќи го легитимитетот на катастрофалниот режим на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Политичката криза што следуваше потоа, како и поделбите во меѓународната заедница околу тоа кого да признае како легитимен лидер на Венецуела, откриваат многу работи.
Тврдејќи дека се лажирани изборите во мај 2018 година, на кои Мадуро доби уште еден мандат, Гуаидо се повика на уставната одредба што му дозволува на спикерот на националното собрание да ја преземе од претседателот функцијата што тој не е способен да ја извршува или е отсутен од разни причини, сѐ до одржувањето нови избори. Речиси веднаш американскиот претседател Доналд Трамп го призна Гуаидо како легитимен лидер на Венецуела, потег што може да укаже на појавата на вистинска Трампова доктрина. Голем број латиноамерикански земји и регионални институции го следеа неговиот пример, што укажува на дистанцирање од левичарскиот популизам во регионот.
Што се однесува до ЕУ, одговорот е хаотичен. Неколку членки, меѓу кои и Германија, Франција и Британија, на крајот го признаа Гуаидо во координирана акција. Но други објавија само соопштенија со поддршка, а Италија ја блокира заедничката изјава на ЕУ во врска со ова прашање. Овој неуспешен обид за спроведување унифицирана политика само ја нагласи нефункционалноста на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Режимот на Мадуро, исто така, има свои меѓународни поддржувачи, почнувајќи од Русија. Во изминатите две децении, Кремљ потроши милијарди долари за заеми и инвестиции во Венецуела, каде што јавниот долг се проценува на над 150 милијарди долари. Во 2017 година, руската државна енергетска компанија „Росњефт“ ја презеде контролата од 49,9 отсто од рафинеријата „Ситго“, која е во сопственост на Венецуела, а со седиште во САД. Ваквите инвестиции се од витално значење за потпомагање на режимот на Мадуро.
Откако Гуаидо се прогласи за претседател, рускиот претседател Владимир Путин стана најистакнат бранител на Мадуро, искористувајќи ја секоја пригода да ја осуди „промената на режимот“ наметната од Западот. Овие изјави се повторување на оние од пред интервенцијата на Русија во Сирија, нагласувајќи го степенот до кој Кремљ, охрабрен од успехот таму, ја нагласува својата улога на главен светски замешател.
Кремљ користеше и други тактики од својот прирачник за Сирија. Во декември, во услови на зголемен притисок врз Мадуро, два руски стратегиски бомбардери што можат да носат нуклеарно оружје пристигнаа во Венецуела на мисија за обука објавена од руското министерство за одбрана, предизвикувајќи ја стратегиската доминација на Америка во западната хемисфера. Неколку дена подоцна се појавија гласини за руските планови за формирање воена воздухопловна база во Венецуела, што би било најголемо позиционирање на руски воени сили во Латинска Америка од кубанската ракетна криза.
Активностите на Русија во Венецуела треба да служат како предупредување до САД, и имплицитно до Европа, да не се мешаат во области од руски интерес. Кремљ сака јасно да даде до знаење дека Русија има капацитет да создаде хаос во близината на Америка.
Путин одамна притиска за враќање на моделот од 19 век, кој се заснова на сфери на влијание. Мавтајќи со стапот во Латинска Америка, односно нишајќи ја кошницата со пчели, тој се надева дека ќе ги убеди своите западни ривали за желбата за таков поредок. Можеби, уште поважно, тој сака да му покаже на остатокот од светот дека поредокот предводен од САД е разнишан. Зарем има подобар начин да се постигне тоа од оспорување на најстарата и најосновна компонента на американската надворешна политика, Монровата доктрина од 1823 година?
Поддршката на Русија за Мадуро, како и помошта за сирискиот претседател Башар ал Асад, испраќа сигнал и до други лидери: Русија, за разлика од САД, е сигурен партнер. Сепак, нарушувачката моќ на Русија и лојалноста кон нејзините сојузници имаат свои граници, кои полека почнуваат да се покажуваат. Како што се развлекуваше политичката криза, поддршката на Русија за Мадуро опадна. Кремљ сега отворено ги поддржува повиците за дијалог помеѓу режимот и опозицијата, а има гласини дека руски функционери тајно контактираат со Гуаидо и со опозицијата.
Промената на позицијата на Русија нуди важни индиции за тоа што е потребно за справување со нејзините разурнувачки активности. Решителноста на Кремљ делумно слабее поради факторите специфични за конкретниот случај, како што е логистичкиот предизвик за спроведување каква било воена интервенција од постојните руски воени бази и инфраструктура.
Но поддршката на Русија за Мадуро се намалува и затоа што соседите на Венецуела и релевантните регионални организации зазедоа унифицирана позиција во врска со ова прашање. Ова е спротивно на сирискиот конфликт, каде што има длабоки поделби меѓу Турција, Саудиска Арабија, Катар и Иран, кои создадоа многу можности за нарушување.
Уште поважно, многу од големите светски сили покажаа поголема решителност за Венецуела отколку за Сирија. Можеме ли да ги заборавиме прегазените „црвени линии“ на американскиот претседател Барак Обама? Во Сирија, како и во Украина, Русија го пополни вакуумот што го остави Западот, кој не сака да дејствува.
Во Венецуела, пак, САД сигнализираа дека ќе реагираат агресивно на провокација. Кога Мадуро им нареди на американските дипломати да ја напуштат земјата, Стејт департментот на САД одби да послуша, принудувајќи го Мадуро на крајот да го промени своето барање. Неколку дена подоцна, воинствениот Елиот Абрамс беше назначен за специјален пратеник за Венецуела. Американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, потоа „ненамерно“ им откри на камерите белешка со „5.000 војници во Колумбија“.
Нема вакуум во Венецуела и затоа Русија се повлекува. Европа треба да ги учи лекциите. Како што се смирува сирискиот конфликт, Асад повторно ја консолидира моќта, па Европа мора да внимава на натамошните разурнувачки потези на Кремљ. Русија веќе има присуство во Либија, а рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, неодамна ги посети Тунис, Алжир и Мароко, каде што, меѓу другото, се фокусира и на регионалните конфликти.
Сега не е момент за паника, туку е момент за подготовки. Европа мора веднаш да дејствува, да ги зацврсти врските со регионалните партнери и да изгради внатрешен консензус. Во спротивно, може да повторно да биде изненадена и неспособна да се спротивстави на мешањето на Русија.
Ана Паласио е бивша министерка за надворешни работи на Шпанија