Прецедник

Се јавувам од една непозната земја
…од необјавената книга „Мемоари = сеќавања“

Доволно континуирано време живеам во оваа непозната земја. Ова го препознав според блиските средби со староседелците што во потребен и доволен број ми се обраќаат како кон близок. Средувањето на сеќавањата има еден несуштински но важен недостиг. Подлегнуваат на кристализации, чиј основен предизвикувач е субјективното чувство. Но, историски гледано, без таа кристализација секоја следна сегашност не ќе може без варијанти да го смести секој настан во рамката на својата историја.

Ракопис под заглавие „ПРИВРЕМЕНИ ИЗБОРИ…“
Еден не особено важен гостин на фестивалот СВП престојуваше на престижниот фестивал на градот, од каде што започнува неверојатното патување на саргаската невеста, токму онаа што врачите од древноста му ја препорачаа на Кадмо пред околу 4.000 години. Се запознавме како двајца неоптоварени од протоколот, тој Гејвин Иворт, одговорен уредник на „Лондон магазин“, јас како известител што се претставува соодветно на обврските спрема наредбодавецот. Гејвин постојано го изразуваше своето воодушевување од Струга и вети дека песните што биле предизвикани од овој простор ќе ги објави во своето списание и ќе ми испрати копија… По нецели два месеца поштарот ми донесе убаво списание, формат А3, зелена англиска боја, со репродукција на една слика (ако се сеќавам како што треба, беше „Ангелот на историјата“ од Паул Кле)…, имаше две песни за Струга, едната очигледно напишана во Струга („Време е да се седне на балконот и да се чита Ахмадулина, во овој хотел крај езеро…“), а другата на Викторија стрит стејшн додека чекал да дојде неговиот воз („….секои ебени десет секунди, секои ебени десет секунди…“)…

Во мајсторскиот бел стих по првите читања не ми остави впечаток неговата забелешка, која подоцна одекна во мене како да е моја бидејќи во сите известувања досега неизбежно во вовед или како заклучок сум ја испраќал до администраторот како дел од обврската за мојот престој во оваа непозната земја…. „ПРИОРИТЕТИТЕ СЕ ВО БЕЗРЕДИЕ“… а во реалноста на животот „возбудлив и лелеав танц“… така што “… британската небаре отменост прилега на кошмарно сеќавање…“
Ете, останале како сеќавање некои стихови од множеството напишани за Струга, а необјавени во јавноста на оваа непозната земја. Сеќавања… сети се… сети ја сетнината…

Се извинувам за предолгиот но неопходен вовед. Сега:
…Избори, избори, избори… секакви избори… сѐ избори… избори се…
Овој пат претседателски… ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, но… ДУИ… СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ но… ДУИ… ДУИСДСМ, ВМРОДПМНЕДУИ, но… ДУИ и така натаму но… ДУИ… (клучни зборови и најчести на секои избори во оваа непозната земја).
Народот по демократски ќе гласа. ТОА Е ФИКС.
Партиите имаат мака: КОЈ ДА БИДЕ КАНДИДАТ?!
На прв поглед едноставно: „Че го клајш и Че БИДИ“ (овој цитат е според познат дијалект и според препознатливо уверување на луѓето што се занимаваат со политика)! Но! Треба еден за на избори, а има многу кандидати. Навистина има многу кандидати?! Има: сами се пријавуваат и тврдат МОЖАМ! Има неколкумина ги предлагаат и тврдат: МОЖЕ! Имаат свое мислење и неистомислениците: НАШИОТ МОЖЕ! Има и претседателот на партијата: Од сите, ОВОЈ МОЖЕ! Но (тоа сѐ уште не се знае) има и некој од понадвор што исто така (по)кажува: ОВОЈ МОЖЕ!
За да се разбере оваа заплетканост во прогресија, неопходно е внимателно упростување.

За „КОЈ МОЖЕ“ има пропис: Може ако има минато повеќе од 40 орбити околу Жолтото Џуџе. Може ако има потребно образование. Може ако има „харизма“ (доста лизгав критериум). Може ако е жител… и може и ако каже НЕКОЈ!
За тоа ШТО МОЖЕ има дополнителни прашања.
Што значи глаголот „МОЖЕ“? ШТО ТРЕБА ДА МОЖЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ? ШТО (поточно) ТРЕБА ДА МОЖЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАКЕДОНИЈА? И…
…Овој дел од мемоарите го пренесувам како сеќавање на еден разговор меѓу двајца политички аналитичари (релативно нова но популарна професија) или можеби беше – еден аналитичар и еден што прашува ако му е нејасно… Место: кафеана „ЕСНАФ“. Време: делнично претпладне. Политичкиот аналитичар се вика ПРОТОПИРО, а другиот, кој само поставува прашања, ДИДАСКАЛО…

ДИДАСКАЛО: Протопиро политички аналитичаре, МОЖЕШ ли да се кандидираш за претседател и МОЖЕШ ли да го искажеш пописот на ПРИОРИТЕТИ што ПРЕТСЕДАТЕЛОТ треба да ги наведе како свои главни цели во мандатот? Но, внимавај, не теоретски за секаков претседател насекаде во светот, туку конкретен, за овде и сега, зашто внимавај овде, „овде и сега“ подразбира, пред сѐ твој личен ИЗБОР помеѓу МАКЕДОНИЈА (за која живее, постои и законски полага право македонскиот народ, кој е доминантно мнозинство) и СЕВЕРНА, за што се залага МЕЃУНАРОДНАТА.
ПРОТОПИРО: Секако. Каков аналитичар би бил ако не мислам дека знам како се води држава! Пред сѐ, ти знаеш дека јас сум Македонец и тоа не може НИКОЈ ДА МИ ГО ОДЗЕМЕ! Според меѓународното право, според ООН… (според ТОЈ, ТОА, ТИЕ)…
ДИДАСКАЛО: Момент. Да ги оставиме тие бајати аргументи. Се договоривме за конкретност. Знаеш дека владата потпиша исклучително прецизен договор по тоа прашање. Знаеш дека е донесен спротивно на волјата на апсолутното мнозинство на граѓаните и јавно си го истакнал тоа. Исто така знаеш дека позицијата за која се кандидираш ти дава можност за ИЗБОР, што значи ти дава можност да ја исправиш неправдата. Кажи ШТО мислиш да сториш?

ПРОТОПИРО: Види, во кафеана сме, подобро е да не ги кажувам деталите. Кога ќе седнам на функцијата тогаш…
ДИДАСКАЛО: Оваа кафеана се вика „ЕСНАФ“, самото име ти кажува дека е далеку од фокусот на популарноста. Рано претпладне. Гледаш дека сме сами.
ПРОТОПИРО: Добро. Прво ќе се залагам да ја оспорам спогодбата за преименување на Македонија преку комисија составена од меѓународни правни (и домашни) експерти и ќе ја обжалам на меѓународно ниво. Потоа ќе се залагам за владение на правото, особено за предметите што се однесуваат на кршењето на уставот, злоупотребата на политичките позиции, ќе се залагам за дефинирање на партиите како политички ентитети, но не никако како компании за вработување, со што станаа жаришта на корупција, ќе се залагам за вистински образовно-воспитен систем, а не партиски воспитен систем…

ДИДАСКАЛО: Прости. Но се договоривме да кажеш ШТО ќе направиш, а не дека ЌЕ СЕ ЗАЛАГАШ. Да ја поедноставам задачата: КАЖИ БАРЕМ КАКО?
ПРОТОПИРО: Како КАКО?
ДИДАСКАЛО: Еве, на пример, велиш дека ќе составиш комисија од меѓународни експерти со кои ќе го оспориш на правна основа договорот за промена на името и уставот.
ПРОТОПИРО: Да, тоа апсолутно.
ДИДАСКАЛО: Така. За првата задача што ми ја наброја имам прашања. Кажи колку странски, колку домашни експерти се во тимот. МОЖЕШ ли да ги наведеш имињата? Колку време ќе биде неопходно за да се почне процесот? Колку време за да се добие конечен резултат во меѓународните судски инстанци? Колкава е извесноста да се добие позитивна пресуда? Колку пари ќе бидат неопходни за да се стигне до правдата? За втората од твојот список на приоритети…
ПРОТОПИРО: Чекај, чекај. Си видел ли, на кои било избори досега, дека некој прави таква програма за кампања за претседателски ИЗБОРИ!
ДИДАСКАЛО: Точно така. Во оваа секојдневност постои стереотип за кампања во која целта и формулата за победа не е разумна програма што води кон резултат, туку гнасотија со која што повеќе ќе се изгнаси противкандидатот. Но ти си хипотетичен кандидат, правник и аналитичар. МОЖЕШ ли да бидеш потребно и доволно прецизен барем за вториот дел на твоите приоритети -владеењето на правото. Како мислиш да го решиш проблемот со личната морална одговорност на највисоката позиција каде што се решава судбината на обвинетиот и оштетениот? Дали проблемот е во зградата на судот? Или во школската клупа? Или понадвор? Колку понадвор? Колку време е неопходно?
ПРОТОПИРО: Чекај, чекај… Пет до дванаесет! Имам снимање за можните партиски претседателски… Извини (се извинува). Заборавив (заборава). Брзам (брза). Ти ќе платиш… А за претседател, како досега, ќе стават прецедник што МОЖЕ… (заминува).
Дидаскало: КОЈ… Кој ќе стави… (ја плаќа сметката)…