„Вонземјаните“ меѓу нас

Во отсуство на навремени и прецизни информации, Македонија деновиве одново е преплавена со теории на заговори, кои се однесуваат на разни трагедии, исчезнати лица, криминални или политичкоправни случувања во земјата итн. Секогаш ќе се најдат такви што со теории на заговори или со лажни вести ќе се обидуваат да сеат паника и страв во општеството. Имаме ли одбрана за тоа?

Деновиве разговараме со сопругата за неколкуте исчезнати лица што беа најдени мртви, а нивните трагедии потоа беа поврзани со наводна трговија со органи. Се изредија низа прашања и толкувања, што верувам си ги поставуваат и многу други граѓани во државата. Што точно се случило? Каде и како исчезнале? Кој дал информации? Кога ги дал? Требало ли порано да ги даде? Дали се работи за поврзани или за изолирани случаи? Во тој момент покрај нас помина седумгодишниот син, кој слушна дел од разговорот за исчезнатите, па извика: „Можеби ги грабнале вонземјани“. Детето е во фаза кога го интересираат вонземјаните, а тие, пак, се најподатливи за феноменот на теориите на заговори.

Во отсуство на навремени и прецизни информации, Македонија деновиве одново е преплавена со теории на заговори, кои се однесуваат на разни трагедии, криминали и на клучните политичкоправни случувања во земјата. Теории на заговори се проширија при неколкуте исчезнувања на лица што подоцна беа пронајдени мртви, шпекулации имаше и за трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, а истото тоа се случи и при инцидентот во затворот во Шутка со бившите министри, како и при бегството на поранешниот премиер во Унгарија. При недостиг од информации, разни приказни се проширија и во врска со неодамна осуетениот напад на терористи од Исламска држава врз Македонија. Секако, најмногу теории на заговори има за бурните политички настани во изминатиот период во Македонија, кои предизвикаа крупни промени во целата држава. И за нив главна карактеристика беше отсуството на точни и прецизни информации. Земете кој било аспект – договорите со Бугарија и со Грција, т.н. тиранска платформа, промената на името и отстапките кон соседите, препукувањата околу СЈО, политичките пресметки меѓу власта и опозицијата. За сите има разни теории на заговори, бидејќи во сите случаи се бараше поголемата слика зошто нешто се случило. На сите овие настани дополнителен сомнеж фрлија и странските медиуми, кои политичкоправните промени во државата ги претставија преку вечната битка за влијание на големите сили. Оттука веднаш се наметнаа лавина прашања – кој вршел притисок да се склучат договорите, кој најмногу ќе добие од нив, кој се пазарел за да се случи промената, кој ќе биде најголемиот губитник итн.

Граѓаните сакаат одговори на овие прашања и ако не ги добијат од соодветните институции, тогаш објаснувањата може да ги побараат во теориите на заговори. Тие, пак, не се карактеристични само за една изолирана група – на пример, средовечни мажи што живеат во подрумите на родителите, како што најчесто се претставуваат заговорниците во филмовите. Напротив, демографските податоци од едно истражување на „Кембриџ“ од 2015 година покажуваат дека во теории на заговори веруваат припадниците на сите општествени слоеви, без разлика на возраста или на полот.
Една од причините зошто повеќето луѓе веруваат барем во една теорија на заговор е затоа што ги има многу, па некоја сигурно ќе се поклопи со начинот на кој ги објаснуваме случувањата околу нас. Втората причина е поврзана со психологијата на човекот, односно со капацитетот да бара и препознава обрасци и регуларности во светот што го опкружува. Постојано се фаќаме себеси како бараме причинско-последични врски меѓу настаните и доаѓаме до заклучоци дека нешто се случило зашто нешто друго го предизвикало. Во настаните откриваме коинциденции и плетеме приказна околу нив, бараме значења и ги издвојуваме „позитивците“ и „негативците“, а вторите секогаш ги означуваме како виновници за работите што не ги сакаме. Понекогаш, се разбира, претеруваме во барањето врски меѓу случувањата, но, како што велат психолозите и социолозите, ние едноставно повеќе сакаме да се чувствуваме удобно со објаснувањата што си го даваме отколку да сме во право.

Сепак, ова не значи дека вината е кај граѓаните и не значи дека луѓето се наивни или подложни на теории на заговори. Тие едноставно бараат објаснување од институциите за случувањата околу нив, а тие се должни навремено да ги информираат. Во отсуство на прецизни и навремени информации, нормално е да се појавуваат теории на заговори и лажни вести. Тие не се нова појава. Нив ги имало и ќе ги има, но поважно прашање е како да се намалат поради негативните ефекти. Еден од најголемите негативни аспекти на теориите на заговори и на лажните вести е што тие го делат општеството на спротивставени групи, меѓу кои подоцна може да избијат и многу поголеми тензии.

Медиумите имаат голема одговорност во спречувањето на ширењето теории на заговори и лажни вести, кои креваат паника кај населението и ги зголемуваат тензиите. Во потрагата по читатели, гледачи или слушатели, многу медиуми често забораваат на професионалните стандарди во новинарството и на етичкиот кодекс, па, наместо да ја смират ситуацијата, тие само долеваат масло на огнот. „Нова Македонија“ деновиве објави една статија, со пригоден наслов „Вистината најдобро ги демантира лажните вести“, во која се нагласува дека „граѓаните се соочени со флагрантно кршење на професионалните принципи на јавното информирање и со кршење на етичкиот кодекс на работење на некои од претставниците на оние што себеси се сметаат за седма сила. Мониторингот и анализите на експертите од областа на новинарството и на правото забележуваат голема злоупотреба од некои медиуми, кои се ставаат во функција на деструктивни агенди на поединци и групи“. Тоа мора да се сузбива.

Конечно, уште поголема одговорност имаат самите државни институции и носители на јавните функции, кои често забораваат дека работат во служба на народот. Овој проблем со отвореноста и со транспарентното работење произлегува од поголемиот проблем на функционирање на државата, каде што некои политички одлуки се носат вонинституционално, меѓу т.н. политички поглавари, или се чека тие да бидат поддржани или отфрлени од „пријателите“ однадвор. Сетете се колку шпекулации имаше околу Преспанскиот договор, кога, во отсуство на официјални информации од државните институции, се појавија милион толкувања, од кои повеќето доаѓаа од самите грчки институции и медиуми, па потоа се тврдеше дека се чиста пропаганда. Истото тоа важи и за сите други сегменти од општественото живеење, бизнис, здравство, образование… За чаршијата да не плете приказни колку тендери се склучени во четири очи наместо јавно?

Ваквата практика потоа се пренесува и на секојдневното функционирање на институциите и на должноста навремено да ја информираат јавноста. На пример, кога се случуваат крупни политички промени или има трагични настани, институциите и носителите на јавните функции мора да претпостават дека треба што побрзо да излезат со точни и прецизни информации за да ја смират јавноста. Институциите досега повеќе реагираа на меѓупартиските препукувања и обвинувања отколку што ја информираа јавноста. Во една таква атмосфера не треба ни да чуди фактот што виреат толку теории на заговори и лажни вести. Секогаш ќе се најдат некои што ќе се обидуваат со лажни вести да сеат паника и страв во општеството. Имаме ли одбрана за тоа? Навремени и точни информации се веројатно првиот чекор во таа насока.