Граѓаните штотуку ги видовме на дело, по трагичната сообраќајна несреќа кај Ласкарци. Покажаа восхитувачко ниво на човекољубие, па дури и завидно ниво на способност за самоорганизирање и акција. Ги оставија во сенка дури и службите за спасување, иако во јавноста упорно се форсира тезата дека нивната реакција, овој пат, била навремена. Без тенденција, од пред монитор да се фрла некаква сенка врз дејствувањето на службите, сепак треба да се каже дека загрижува билансот со голем број починати на патот од местото на трагедијата до болниците или веќе во првите моменти по нивното хоспитализирање. Дали тие можеле да бидат спасени е прашањето што ќе остане неодговорено исто како што останаа неодговорени слични прашања по сите поголеми сообраќајни несреќи и елементарни непогоди со несфатливо голем број жртви во изминативе неколку години
Кој ќе спаси еден човечки живот, сигурно нема да го спаси целото човештво, како што се вели во талмудскиот стих изгравиран во прстенот од Шиндлеровата листа, но дефинитивно ќе ја спаси иднината на цело едно семејство, што е доволно благороден чин за човекот да се гордее со него до крајот на својот живот, а ќе им го остави како драгоцено наследство и на своите потомци. Особено кога притоа ќе го изложи на ризик сопствениот живот или егзистенција. И додека за поединецот тоа, сепак, најчесто е прашање на слободна волја и на сопствен избор, за државата тоа е обврска. Уште повеќе за држава со изграден систем за заштита и спасување, како што во моментов се декларира Македонија, барем пред високите гости од странство, кои даваат грантови и секаква друга материјална помош. Граѓаните штотуку ги видовме на дело, по трагичната сообраќајна несреќа кај Ласкарци. Покажаа восхитувачко ниво на човекољубие, па дури и завидно ниво на способност за самоорганизирање и акција. Ги оставија во сенка дури и службите за спасување, иако во јавноста упорно се форсира тезата дека нивната реакција, овој пат, била навремена.
Без тенденција, од пред монитор да се фрла некаква сенка врз дејствувањето на службите, сепак треба да се каже дека загрижува билансот со голем број починати на патот од местото на трагедијата до болниците или веќе во првите моменти по нивното хоспитализирање. Дали тие можеле да бидат спасени, е прашањето што ќе остане неодговорено, исто како што останаа неодговорени слични прашања по сите поголеми сообраќајни несреќи и елементарни непогоди со несфатливо голем број жртви во изминативе неколку години. А ги имаше. И несреќи и жртви. Да не се повторат!
Но само со добри желби не се спречуваат несреќи и не се спасуваат животи како во некои детски приказни. За тоа не е доволно само да се има на хартија, туку е потребно и да биде добро организиран и функционален системот за предупредување, информирање и реакција, што приближно би требало да ги опфаќа службите за помош на патиштата, полицијата, итните медицински служби, противпожарната заштита и, во зависност од ситуацијата, соодветна механизација, нуркачи, служби за горско спасување… И сето тоа треба да функционира без блокади и импровизации. Во случајов зачудува, на пример, изјавата на таткото на еден од полесно настраданите, кој веднаш по несреќата за медиумите раскажал дека син му, веднаш по превртувањето на автобусот, бидејќи бил во свесна состојба, му се јавил за помош. Тој седнал во автомобил и од Гостивар пристигнал во Ласкарци пред да дојдат противпожарните возила од Тетово и од Скопје. Имаше потоа и сведочење дека пожарникарите од Тетово биле побрзи од нивните колеги од станицата во Ѓорче Петров, чија оддалеченост е многу помала. А токму улогата на пожарникарите била клучна за извлекувањето на настраданите од автобусот. Тоа е само една, досега позната, несреќна околност во случајов, кој како и сите големи трагедии, секако е комплексен.
Затоа секогаш е и тешко директно да се лоцира одговорност, дури и кога ќе се одземат баналните оправдувања, како што се немање возила и опрема, кои често се користат во вакви ситуации.
Некои можеби нема да се согласат со констатацијата дека дури и најбаналните несреќи во земјава резултираат со неразбирливо голем број жртви или, пак, сметаат дека во моментов е поинтересно да се зборува за темите што ги наметнува дневната политика. Сепак, не може да се игнорира потребата за развивање дебата за елиминирање на овие деформации во системот, бидејќи, како што некој убаво констатира по последната несреќа, конечно, сите се возиме во истиот автобус
Откога и пред нешто повеќе од две години над 20 луѓе ги загубија животите во поплавата во Скопско, беше извлечен заклучокот дека институциите затаиле, од УХМР, која не издала предупредување за невремето, преку Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, кои безмалку ја преспале кобната ноќ, до полицијата, која не ја затворила навреме скопската заобиколница за сообраќај. Освен тоа, потрагата по исчезнатите траеше со денови поради немање соодветна механизација.
Исто како што ниту во екот на туристичката сезона пред десет години во Охрид немаше доволно спасувачи додека, во непосредна близина на брегот, потонуваше бродот „Илинден“, при што се исподавија 15 бугарски туристи. Претходно, никој од Капетанијата во Охрид не забележал дека низ езерото плови претоварен брод што, според очевидците, било речиси секојдневна појава. А потоа менаџирањето на целата кризна состојба беше оценето како срамно.
Во меѓувреме имаше неброени ситуации со едноцифрени биланси на жртви што никој веќе не ги ни анализира. А веројатно и тука можело да се спаси понекој човечки живот. Доколку политичките партии не се тепаа во сите овие гореспоменати управи, дирекции и служби да сместат што повеќе свои раководители и бадијалџии, олицетворени во сестри, братучеди и тетки наместо да вработат оперативци, да обезбедат потребна опрема и ефикасна меѓусебна координација пред сѐ заради навремена интервенција таму каде што е потребно, а не само за позирање на работилници и прослави, кои повеќе личат на куќни слави отколку на професионални собири. Превенирањето на ваквите несреќи е нималку тешка и болна приказна, чие исходиште повторно е неефикасниот систем.
И по сето тоа, некои можеби нема да се согласат со констатацијата дека дури и најбаналните несреќи во земјава резултираат со неразбирливо голем број жртви или, пак, сметаат дека во моментов е поинтересно да се зборува за темите што ги наметнува дневната политика. Сепак, не може да се игнорира потребата за развивање дебата за елиминирање на овие деформации во системот, бидејќи, како што некој убаво констатира по последната несреќа, конечно, сите се возиме во истиот автобус.