Од 2008 година, на срамен, нелегален и силеџиски начин НАТО и ЕУ ни имаа поставено блокада, уцена и ултиматум – прво името потоа членство. Тоа не им служеше на чест и сакаа што побргу да го решат, се разбира со наше прекрстување, ама тоа предолго траеше. Конфронтацијата меѓу САД и Русија го направи итен нашиот прием во НАТО и му помогна на Брисел. За да се решат тие нивни проблеми, Македонија беше натерана да потпише капитулантски договори со Бугарија и со Грција. Како резултат, бргу ќе влеземе во НАТО додека членството во ЕУ останува неизвесно. Со нив, меѓутоа, воопшто не ги решивме проблемите со соседите. Најмалку вековните негирања на македонскиот народ, јазик…
Нашето понижувачко и предавничко прифаќање на сите бугарски и грчки услови во катастрофалните договори, се само наши очајнички потези, наметнати однадвор, кои не носат ништо добро на трајна основа. Овие договори се безвредни листови хартија, кои само ја потврдуваат нашата капитулација и откажувањето од самите себе, како посебен народ. Тоа неизбежно ќе ни се врати како бумеранг. Ние прифативме дека не сме Македонци и сега ќе следуваат нивните следни чекори за бришење на секаква трага од македонизмот.
Чиста лага се сите тврдења дека проблемите со нашите агресивни соседи, чии политики кон Македонија подолго од еден век се класичен иредентизам, се решени и оти е започнато меѓусебно пријателство. Тешко е да се замисли поголема нелогичност. Проблемите имаат само нов квалитет – наше прифаќање на вината за нив. Како резултат, соседите уште долго време ќе нѐ удираат по глава, ќе бришат сѐ што е сврзано со нашиот идентитет, максимално ќе нѐ негираат како народ, а ние нема да имаме простор да се браниме бидејќи сме потпишале дека не сме тоа што сме.
Потрагична ситуација не може да замисли ниту еден друг народ. А „нашите“ политичари и пратеници, откако ја прекрстија државата и го урнисаа народот, се гушкаа во Собранието! Да гледаш и да не веруваш. Зарем толку не знаат што прават?
Албанците нормално славеа бидејќи со овие македонски историски грешки и глупости се отвора простор за финализирање на нивниот големоалбански проект. Тешко е да се каже и зошто „Виножито“ и Васкопулос позитивно се изразија за договорот со Грција, а со него се бришат и тие како македонско малцинство. Некоја заднина секако има. Само Кица Колбе и некои други како неа знаат зошто е тој прифатлив… Едногласната, пак, поддршка на македонскиот Дипломатски клуб, не зачудува. Тоа се луѓе што главно по партиска линија градеа кариери, а тоа има своја цена. Дипломат со најмало искуство од таа професија, многу лесно ќе заклучи дека овој договор за Македонија е невидена трагедија. Да прифатиш да ти се избришат сите национални институции (МАНУ, МРТ, МНТ, МОБ…) и да не си свесен што се случува е необјасниво за кој било човек, не за дипломат.
Единствено е точно дека со договорите ни се отвора патот за НАТО и, евентуално, за ЕУ, кој беше нелегално затворен со насилна блокада, уцена и ултиматум. Цената што е платена за тоа е огромна и неприфатлива со што целиот потфат се сведува на непростлива историска грешка. Впрочем, кога терористите земаат заложници, западните земји не преговараат за нивно ослободување, за да не им дадат легитимитет. Сосема спротивно на таквата добра практика, со двата понижувачки договори, ние дадовме целосен легитимитет за нелегалната и дрска уцена за нашето членство во НАТО и во ЕУ, сврзана за името, која ни ја поставија Вашингтон, Брисел, Берлин… и срамно капитулиравме. Ја фрливме во ѓубре и пресудата од Хаг, на највисоката светска правна институција, која јасно покажа дека ние сме во право. И не само што преговаравме со терористите, туку ги прифативме и сите нивни подли, навредливи и безобѕирни услови. Како да сме поразени агресори!
Во договорите со Софија и со Атина нема апсолутно ништо друго што можевме да жртвуваме за да им попуштиме, од тоа што го (пре)дадовме. Го урнисавме столбот на нашиот национален идентитет – македонизмот и го игнориравме клучниот факт дека нашата досегашна држава го доби името од народот, а не од регионот. Загрижено можеме да констатираме дека историскиот македонски пораз не реши ниту еден проблем со соседите. Тие ќе нѐ „пуштат“ да влеземе во НАТО, бидејќи е тоа американски приоритет, и – толку. Унијата, која е наш вистински интерес, е друга приказна. Додека во договорот има јасна обврска за Грција за брзо овозможување на членство во НАТО, во врска со Унијата нема ништо. Се повторува текстот од Привремената спогодба за непопречување, кој веќе се покажа дека ништо не значи, дури и со пресуда од Хаг. Грција секако нема да се осмели за некаква генерална блокада ама, во процесот на прием, преку 35-те поглавјата што се преговараат, секојдневно ќе ни става сопки. Безмилосно ќе ни ја исцедат и последната македонска капка крв. Како вистински „пријатели“, де. Мицотакис веќе го најави тоа.
За да се залаже народот, договорот со Бугарија, и особено тој со Грција, се величаат на начин, кој нема никаква врска со вистината. Прво, се вергла дека сме станале пријатели со овие две земји, а можеш ли да бидеш пријател со некој што смета дека не постоиш? Впрочем, информациите што дневно доаѓаат оттаму го зборуваат сосема спротивното. Бугарските кампањи на негирање на Македонците никогаш не биле пожестоки. Бугарскиот екстремизам добива сѐ повеќе простор. Сметаат дека сега треба да нѐ докусурат како народ, јазик, историја… Сите нивни изјави се за црна хроника. Тоа е нова потврда дека позицијата на Софија кон Македонија е полоша од грчката. За Атина ние сме посебен народ ама само да не сме Македонци. Откако тоа го добија со договорот, тие сега веројатно ќе бидат порелаксирани кон нас особено кога/ако ни се прекрсти јазикот, што веројатно ќе следува.
За разлика од Бугарија, мора да се признае дека во Грција се случи и одредена катарза во однос на „македонското прашање“. Прв Коѕијас рече дека нивната парола – „Македонија е една и грчка“ е иредентистичка. Жалосно е што ние тоа претходно не го искористивме. Тоа го повтори и пратеникот на СИРИЗА, Никос Филис, кој заклучи дека има повеќе Македонии и дека со оваа парола тие се лажат самите себе. Тој во парламентот рече и дека „кога Грција првпат го освои овој регион во 1912-та, мнозинството беа етнички Македонци и етнички беше чистен со декади за да стане грчки“. Тој објасни дека Грците станале мнозинство во нивниот дел од Македонија со размената на население во 1921/1922 година. И Ципрас беше доста речит. Во парламентот, во „пресметка“ со комунистите, тој спомна „70.000 бегалци од Граѓанската војна, кои, во 1983-та, грчката држава ги лиши од правото да се вратат во нивната татковина“, за да продолжи „ниту ќе се осврнам на славомакедонката Ирини Гини – Мирка Гинова, комунистка, првата жена егзекутирана во Граѓанската војна“. На крајот праша „како КПГ смета дека грчката држава би можела и би требало да ја признае оваа земја? Како? Со кое име? Како ќе ги викаме овие луѓе, што мислите?“
Досега, вакво нешто беше незамисливо во Грција. Нивната вековна политика на негирање на Македонците секако нема да се промени ама ова се позитивни импулси.
Впрочем, 69 проценти од Грците се против договорот. Историските синдроми се многу длабоки, а опозицијата, која најверојатно од есен ќе биде на власт, јасно стави до знаење дека е исто така против договорот. Таа нема да го поништува бидејќи, всушност, е пресреќна дека проблемот се решава, дека нема да го имаат на грб ама паралелно играат на картата на екстремниот грчки национализам, кој е реалност и пали кај народот. А во преговорите за ЕУ, максимално ќе нѐ толчат. Паралелно, сигурно е дека остро ќе реагираат и на секоја наша афирмација на македонизмот, што ќе биде скоро секојдневна појава, која ќе создава нови сериозни проблеми.
Дека јазикот ќе ни го прекрстуваат во преговорите за ЕУ, индиректно најави и евроамбасадорот Жбогар („Вечер“, 30 август 2018). Тој рекол: „Јазикот на Блаже Конески и Матеја Матевски… да стане официјален јазик на ЕУ преведен како никогаш порано“. Мислите случајно не вели – македонскиот јазик? Очигледно му е јасно што ќе следува. При потпишувањето на Протоколот за прием во НАТО, македонскиот јазик не се користеше. Некој го спречил. Некој што така ќе продолжи.
Проблемите со соседите воопшто не се решени и поради фактот што секоја следна одговорна и национално свесна македонска власт ќе прави сѐ што е во нејзина моќ да го врати името на државата и да изврши ревизија или да ги откаже договорите со Бугарија и со Грција. Со еден збор, да ги врати достоинството на македонскиот народ и неговите национални институции.
Голема битка е изгубена ама војната сѐ уште не.