Германскиот министер за Европа, Михаел Рот повтори дека Германија е против решавање на спорот помеѓу Србија и Косово со менување на границата.
Според него, тоа би било крајно опасно и ќе го дестабилизира регионот.
Во интервју за Дојче веле на албански јазик, Рот вели дека од Албанија се очекува да го искористи своето влијание и да спречи дестабилизација.
– Територијалниот интегритет на Западен Балкан за нас е многу важен. Обидите за менување на границите во минатото предизвикаа бескрајно страдање. Затоа, мислам дека таквите размислувања не само што не ветуваат многу успех, туку се и крајно опасни, изјави Рот.
Тој нагласи дека е потребен „сеопфатен договор кој конечно ќе ги уреди односите и ќе овозможи Србија и Косово да станат членки на ЕУ и да се решат сите отворени технички прашања“.
– Очекуваме од Албанија да го искористи своето политичко влијание и да продолжи конструктивно да се залага за стабилноста во регионот. Во интерес на Албанија, како дел од регионот, е по секоја цена да спречи нова дестабилизација на Западен Балкан, што секако би ја предизвикало промената на границата, рече Рот.