Претседателот на Европскиот суд на правдата Коен Ленертс, по повод писмото на Словенија до Европската комисија, во кое Љубљана најави тужба против Хрватска во врска со арбитражниот граничен спор, изјави дека и двете земји-членки на ЕУ можат да се тужат меѓусебно на суд, но тие мора да го сторат тоа со заеднички договор.
– Во договорите постои одредба дека земјите-членки можат да поднесат тужба една држава против друга. Тие мора да го сторат тоа со заеднички договор и ако се согласат да одат на суд, тогаш тие можат да го сторат тоа – рече Ленертс.
Ленертс рече дека многу добро му е познат контекст околу што се спорат Словенија и Хрватска, како и дека на крајот на минатата година ги посетил врховните судови на двете држави „во склоп на неформална форма на дијалог .
Претседателот на Европскиот суд на правдата појасни дека се работи за постапка спрема член 273 од Договорот за функционирање на ЕУ.
– Членот нуди можност земјите пред судот на ЕУ да изнесат меѓусебните спорови за предметот, кој во строга смисла на зборот не го засега европското право, но за земјите-членки и за ЕУ е важен во поширок контекст, вели Ленертс.
Тој вели дека „ одличен пример” за такви случаи е минатогодишниот решен спор меѓу Австрија и Германија, во кој Австрија и забележала на Германија дека во пракса постапува спротивно на нивниот договор за оданочување на приходите од камати на приходи остварени во Германија.
Во Министерството за надворешни работи на Словенија не сакаа да го коментираат Ленертс.
– Сепак, Словенија е убедена дека поради одбивањето на Хрватска да ја примени арбитражната пресуда доаѓа до конкретни прекршувања на европското право, велат од словенечкото МНР.