Американските политички лидери во минатото ги користеа говорите во Каиро за да ги објаснат целите на САД на Блискиот Исток. Актуелниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, неодамна се одлучи за поинаков пристап. Наместо да претстави стратегија што ќе донесе мир и реформи во регионот, тој само навести нови конфронтации
Одвреме-навреме се случува некој американски политички лидер да се упати во Каиро за да ги претстави главните политички цели на Америка за постојано проблематичниот Блиски Исток. На пример, во јуни 2005 година, тогашната државна секретарка Кондолиза Рајс остави силен впечаток со говорот во кој ги акцентираше слободата и демократијата.
Рајс истакна дека „60 години по ред САД ја застапувале стабилноста на сметка на демократијата во овој регион и дека ништо не се постигнало. Поради тоа бил преземен поинаков курс. Тие сега ги поддржувале демократските аспирации на сите народи. На оние што ги обвинуваат САД за наметнување на демократијата во регионот им порача: ’Вистината е спротивна. Демократијата никогаш не се наметнува, туку тиранијата‘“.
Сепак, на повеќето од регионалните лидери особено не им се допадна говорот, со оглед на тоа што Рајс се обрати само две години по американската инвазија на Ирак. Но таа исто така се осврна на извештајот за арапскиот човечки развој од 2002 година во кој беа истакнати мизерните услови во регионот и силната потреба од долгорочни структурни реформи.
Четири години подоцна, редот дојде токму на новоизбраниот претседател Барак Обама да оди во посета на Каиро. Во неговото обраќање, Обама ја намали важноста на демократијата и ја истакна потребата за похармонични односи меѓу САД и целиот муслимански свет додека, исто така, апелираше за решавање на регионалните конфликти.
Во однос на израелско-палестинското прашање, во говорот на Рајс беше опфатена „визијата за две демократски држави што ќе егзистираат во мир и безбедност“, додека Обама отиде подалеку со тоа што палестинската состојба ја опиша како „неподнослива“ и жестоко ја критикуваше израелската активност во населените места. Според ставот на Обама, нерешениот израелско-палестински конфликт претставувал втора најголема опасност во регионот веднаш зад „насилниот екстремизам“. Потоа следуваа иранската нуклеарна програма и заканата од регионалната трка за вооружување, проследено со отсуство на демократијата, недостиг од верска слобода и економска неразвиеност. Тој замислуваше „свет во кој Израелците и Палестинците безбедно живеат во своите држави и им се почитуваат сите права на господовите чеда“.
Но тоа не се случи. Покрај интензивните дипломатски напори на американскиот државен секретар Џон Кери за време на вториот мандат на Обама, мировниот договор не се постигна. Во неговото последно обраќање во декември 2016 година, Кери директно го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Може да се дебатира надолго и нашироко дали зборовите на Рајс или на Обама одиграа некаква улога во Арапската пролет во 2011 година, која почна во Тунис и заврши симболично на плоштадот „Тахрир“ во Каиро. Но јасно е дека оние што излегоа на улиците да бараат демократија и репрезентативна влада, навистина имаа надежи за иднината. Повторно не требаше да биде така. Во речиси сите држави во кои народот беше мобилизиран за да бара политички и економски реформи, резултатот беше контрареволуција, репресија, а во случајот на Сирија, избивање на граѓанска војна.
Обама не успеа да ја спречи катастрофата во Сирија, но водејќи ги неговите претходни приоритети, тој помогна да се спречи катастрофална војна што ќе го опфатеше целиот регион со тоа што го склучи нуклеарниот договор со Иран во 2015 година. Ова отвори можности за понатамошна соработка со Иран за сите други важни прашања, вклучувајќи ги и човековите права.
Неодамна, актуелниот американски државен секретар Мајк Помпео отпатува во Каиро за неговото обраќање. Тој јасно истакна дека пристапот на администрацијата на Трамп во регионот е целосно поразличен од оној на нејзините претходници. Помпео почна да го напаѓа Обама затоа што ја поставил неговата стратегија на „суштински недоразбирања“ од историјата. Потоа тој истакна дека американската политика во иднина треба да се фокусира само на уништување на двете зла на Блискиот Исток, а тоа се „радикалниот ислам“ и „иранскиот бран на регионално уништување и тероризмот во светот“.
Немаше никакво споменување на демократијата и на реформите. На прашањето за мирот меѓу Израел и Палестина, Помпео само ја спомена контрапродуктивната одлука на Трамп да ја премести американската амбасада во Ерусалим. Во обраќањето не ги спомена надминатите поделби, градењето мостови и отворањето на регионот за економски развој, но индиректно упати доста пофалби за диктаторите што успеале да обезбедат стабилност. Во суштина, се повтори истиот пристап на Америка за регионот, со тоа што Помпео токму ја прифати пропаднатата политика, која Рајс ја отфрли во 2005 година.
Во врска со клучното прашање за Иран, во говорот беше откриено дека политиката на администрацијата не знае да се конфронтира на сопствените цели. Според Помпео, Иран е причината за сите проблеми во регионот. Без голема политичка промена таму, според неговото видување „нациите од Блискиот Исток никогаш нема да уживаат во безбедноста, нема да постигнат економска стабилност или да ги остварат нивните соништа“.
Ова е нереално. Иранскиот режим нема никаква поврзаност со бруталното угнетување во Египет, сериозните структурни проблеми во Саудиска Арабија или нерешениот израелско-палестински конфликт. Покрај тоа, Иран е заколнат непријател на Исламска држава (ИСИС) и вложи огромни ресурси во таа борба.
Сè на сè, доктрината на Помпео се чини дека придонесува за постојаната конфронтација со Иран, силната поддршка за стабилните авторитарни режими, игнорирањето на палестинското прашање и целосната незаинтересираност за репрезентативна влада и реформи. Администрацијата на Трамп не само што ја игнорира актуелната ескалација на тензиите во регионот, туку и активно ја поддржува. Од европска гледна точка, ова е особено загрижувачко. Конфликтите на Блискиот Исток имаат далекосежни последици по нејзината безбедност и стабилност.
Во отсуство на американско лидерство, на Европа ѝ е потребна сопствена политика за зачувување на иранскиот нуклеарен договор и промовирање решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт. ЕУ истовремено отворено и јасно го искажа ставот за овие две прашања. Но овие приоритети мора да ги претвори во сеопфатна визија за реформи и помирување во целиот регион.
За разлика од обраќањата на Рајс и на Обама, она на Помпео ќе биде инспирација само за еден затворен круг на регионални апсолутисти. Бидејќи САД повеќе не се морални лидери, сега е редот на Европа да им покаже на поборниците за демократија и реформи дека не се сами.
Авторот е бивш премиер и шеф на дипломатијата на Шведска