Порано нашите контролни станици по градовите во државата мереа концентрација на гасови: јагленородните, сулфурните, азотните гасови и др. Денес, сегашните станици за загадувањето на воздухот мерат концентрација на ПМ-честици. Генерално е познато дека ПМ-честичките механички-еродивно влијаат на дишните патишта. Тие како цврста материја, нерастворлива, само механички ја загрозуваат функцијата на нашите дишни патишта.
Додека, пак, гасовите хемиски ги разоруваат дишните патишта. Преку создавање слаби нестабилни нeргански киселини со влажната слузокожа, како што се: сулфурестата, азотестата, јагленородната и др. Механичкото од хемиското разорување на дишните патишта е дијаметрално различно и со различни последици. Но, секако, дека хемиското разорување остава далеку поголеми последици за животот на луѓето во загадените животни средини (ЖС). И затоа сметам оти концентрацијата на гасовите во воздухот на ЖС е поважна, отколку фамозните ПМ-честици од кои направивме „бауч“.
Поразвиените земји поради подобриот стандард трошат почисти горива, и тие веќе не се толку загрозени од гасови од горивата во нивните ЖС. Тие се сведени на минимални концентрации, но сѐ уште им стои проблемот со ПМ-честичките. Затоа тие нудат станици за ПМ-честици, а поради тоа и ние имаме такви станици и мериме ПМ-честици. Кај нас сѐ уште се потребни мерачи за концентрација на штетните гасови во воздухот, и покрај концентрациите на ПМ-честиците. Тоа е потребно и заради препораката, какви маски за заштитите треба да носат граѓаните. Некои маски за заштита од ПМ-честиците обично не содржат заштитни филтри за гасовите. И затоа граѓаните треба да го имаат тоа предвид.
Со ПМ-честици се живеело со години, и тие се дел од живеењето и активностите на човекот на земјата. Од која било гранка од активностите на човекот тие се придружна материја. Тргнувајќи од земјоделството, градежништвото, па живеењето во средини со неасфалтирани патишта, па во индустријата: руднички копања, дробење, мелење, сеење и др. Денес поради динамиката на движењето на автомобилите, камионите и сличните возила, ПМ-честичките се дигаат и го загадуваат воздухот, но тоа е само дел од опасното загадување. Другиот дел се гасовите, од согорувањето на горивата од: моторните возила, топланите, индустријата и др. Е тоа е тоа, модерно загадување на воздухот, што порано сме го немале.
Во однос на ПМ-честичките од димните гасови од домаќинствата, кои согоруваат јаглен, дрва, нафта и сл., тие исфрлат несогорени гасови: јаглен моноксид и други високојагленородни гасови, кои се резултат на слабото согорување и ниската температура во огништата на печките во кои не се постигнува температурата на горењето на горивата. Таквите излезни гасови од оџаците содржат ПМ-честици од типот на: несогорено гориво, пепел, неоргански материи (ситни честици од земја, глина, прашини и сл). Сагите што се несогорени јагленови честици дури и некои јагленоводородни соединенија. Мирисите од тие гасови се од ароматските соединенија, кои излегуваат заедно со водената пареа над 100 степени и се несогорени, бидејќи водената пареа ги штити од согорување (голем дел од топлината е неискористена), поради непостигнувањето соодветна температура за согорување во огништето на печките. Не се работи за ПМ-честици, туку за несогорени јагленоводороди (јаглен моноксид, аромати, катрани и сл. соединенија што бараат посебно проектирани ложишта за согорување). Граѓаните треба да знаат дека сите влажни горива им ја трошат топлината и не ги греат. Пластиката, гумата и други материи не можат да согорат во огништата на домашните печки, тие бараат висока температура за согорување во огништата. Доколку се користат, тие повеќе ја трошат топлината отколку што ја создаваат. Тоа предизвикува исфрлување: несогорени јагленоводороди (катран, тешки гасови и загадување на воздухот).
Ветерот е тој што ги носи старите, но донесува и нови ПМ-честици. Затоа хигиената е таа што ги намалува ПМ-честичките. Хигиената на ЖС во нашите населени места е на многу лошо ниво, особено во главниот град, па и во некои помали градови.
Градот Скопје и да ги промени автобусите на гасно гориво, ќе го смени составот на издувните гасови, но не и ПМ-честичките, затоа мора да ја подобри хигиената, Познато е тоа дека движењето на автобусите ги дезинтегрира или вознемирува наталожените ПМ-честици, кои се зголемуваат со нехигиената на градот.
Еден дел од ПМ-честичките може да се намалат во Скопје и другите градови ако во овој зимски период, нечистиот снег се однесе (транспортира) надвор (како најефикасна мерка) од градот, ако шахтите на улиците одводнуваат поефикасно и сл. За да утврдите колку ни е нечист градот, забележете колку брзо „поцрнува“ снегот. Што е еден од најдобрите индикатори за тоа колку е чист градот. Затоа како мерка за намалување на ПМ-честичките е и отстранувањето на поцрнетиот снег од улиците. Но за тоа нема ни глас, а камоли да видиме дека се работи, на заложбата (мерките) што градоначалникот на нашиот главен град, Шилегов, ги повторува во секоја пригода при неговите изјави.
Одговорност во нашата држава за загадувањето на воздухот немало и тешко дека ќе има. Затоа што последиците за здравјето на граѓаните, подоцна се регистрираат. Па според тоа, критериумите кај нас се целосно изместени. Граѓаните треба да го даваат својот придонес за одржување на хигиената во градовите, а тоа е најважниот дел во заштитата на ЖС од загадениот воздух со ПМ-честици.
проф. Стефан Поцев