Припадниците на повозрасната популација во Јапонија се чувствуваат изолирано, па се почесто се насочуваат кон криминал во надеж дека затворот ќе им овозможи нов дом, пренесува британски „Индепендент“.
Ваквата практика се должи на отсуството на грижа за повозрасните од страна на семејствата, што порано претставуваше традиција во Земјата на изгрејсонцето. Тоа го докажуваат и статистичките податоци според кои бројот на стари лица што живеат сами во Јапонија, се зголемил шестпати во перидот помеѓу 1980 и 2015 година, на шест милиони.
Згора, истражувањето спроведено во Токио во 2017 година, покажало оти 50 отсто од повозрасните лица кои краделе, живееле сами, додека 40 отсто од нив немале семејство, ниту роднини.
A постарите жени претставуваат и економски поранлива категорија во однос на мажите, па тие почесто се одлучуваат на вакви драстични мерки.
– Првпат завршив во затвор на 70-годишна возраст. Имав пари во паричникот кога крадев. Тогаш размислував за својот живот. Не сакав да се вратам дома, а немав ниту каде да одам. Барајќи помош во затвор беше единствениот начин. Мојот живот е многу полесен во затвор. Таму можам да дишам слободно, иако привремено – вели 80-годишна Јапонка, чиј сопруг е прикован за кревет, откако имал мозочен удар пред шест години.
Во затворот за повозрасните жени се грижи посебен персонал, кој им помага при бањањето и одењето во тоалет.
Но, негата за повозрасните ги зголеми медицинските трошоци на затворите за 80 отсто, во периодот помеѓу 2005 и 2015 година.
Јапонската влада се обидува да им помогне на осуденичките, воведувајќи одредена социјална и здравствена помош за нив по излегувањето од затвор, во 2016 година. А се зголеми и соработката помеѓу затворите и владините агенции, за да им се помогне на жените што се нашле во ваква ситуација.