фото: Пиксабеј

Во Велика Британија се роди првото бебе создадено од ДНК на тројца луѓе, откако докторите ја спроведоа револуционерната ИВФ – постапка, чија цел е да се спречи наследувањето на неизлечиви болести кај децата.

Техниката позната под името „третман со митохондриска донација“(МДТ) користи ткиво од јајце-клетки на здрави женски донори за создавање ИВФ-ембриони што се ослободени од опасни мутации, кои мајките би можеле да ги пренесат на своите деца, пишува „Гардијан“.

Со оглед на тоа што во ембрионот се комбинираат спермата и јајце-клетката на биолошките родители со митохондрии од јајце-клетките на донорот, бебето има ДНК од мајката и таткото, плус мало количество генетски материјал (околу 37 гени) од женскиот донор.

Сите митохондрии ги наследуваме од мајката

Први во Велика Британија кои почнаа со истражувања на МДТ – воедно познат и како „заменски митохондриски третман“ (МРТ) – беа докторите од Центарот за плодност во Њукасл. Имено, научниците сакаа да им помогнат на жените со мутирани митохондрии да имаат деца што нема да наследат генетски мутации.

Имајќи предвид дека сите наши митохондрии ги наследуваме од нашите мајки, штетните мутации би можеле да му наштетат на здравјето на детето. Некои деца може да се родат здрави, затоа што наследиле само мал број мутирани митохондрии, но некои други може да добијат многу поголем број вакви мутации, развивајќи сериозни, прогресивни и неретко смртоносни болести, пишува „Гардијан“.

Техниката се состои од неколку чекори

Техниката на науниците од Њукасл содржи само неколку чекори. Најпрвин со спермата на таткото се оплодуваат јајце-клетките на мајката и на здравата донорка. Потоа од јајце-клетката на донорката се отстранува основниот генетски материјал и се заменува со оној од оплодената јајце-клетка на биолошките родители. Така добиената јајце-клетка ги има сите хромозоми од двата родители, но и здравите митохондрии од донорката. Потоа следи нејзино всадување во матката.

Сепак, Велика Британија не е првата земја во која се роди бебе по пат на оваа постапка. Американските лекари ја породија жената со првото МДТ – дете уште во 2016 година. Стануваше збор за жена од Јордан, чии митохондриски мутации ја предизвикуваа болеста Лоуов синдром, која е смртоносна. Пред да биде подложена на овој третман – кој беше изведен во Мексико – оваа жена имала четири спонтани абортуси и родила две деца. Едното починало на 6-годишна возраст, а другото преживеало одвај осум месеци.

Подготви: Валбурга Батева Николоска