„Ние“ е филм што на неверојатно шармантен начин внесува голема доза на интелигентен хумор, кој сосема органски влијае позитивно на развојот на целосната приказна, избегнувајќи го моментот на вештачки хумор и лоши шеги што најчесто не функционираат во хорор филмовите
Најновото филмско остварување на режисерот, актер и комичар Џордан Пил е само уште еден доказ дека хоророт е филмски жанр што заедно со комедијата се неправедно потценети, а особено е доказ дека кога хоророт е на совршен и одмерен начин комбиниран со квалитетен хумор, тој може да претставува врвно дело.
Џордан Пил, добро познат на публиката по своите комични улоги во „Вандерласт“и „Киану“, постигнатиот успех како продуцент на „БлеКККлансмен“ и секако неговото режисерско првенче, социјалниот хорор „Гет аут“, кој во 2018 година му донесе три номинации за „оскар“ (меѓу кои се номинациите за најдобар филм и најдобра режија) и освоен „оскар“ за најдобро оригинално сценарио, оваа година се враќа како режисер на неговиот втор хорор филм, насловен „Ние“.
„Ние“ започнува со кадар од стар телевизор на кој се прикажуваат неколку реклами, кои помалку или повеќе му сигнализираат на гледачот дека се важни за она што ќе се случува понатаму во филмот. Веќе следната сцена преминува на случка од 1986 година, кога малата Аделејд, која ја игра феноменалната Лупита Нјонго („Црниот пантер“, „12 години роб“), заедно со своите родители се шетаат низ забавниот парк покрај плажата Санта Круз. Аделејд во еден момент успева да избега од погледот на родителите и да се спушти на самата плажа, каде што забележува куќарка за забава и решава да влезе во неа. Видно исплашена во темната просторија, таа се губи во соба со огледала каде што се судира со својата двојничка, за која подоцна во филмот дознаваме дека е многу повеќе од тоа. Филмот продолжува да ја води публиката низ периодите на траума кај малата Аделејд, кога таа ја губи способноста да зборува, и преминува во сегашно време кога Аделејд е среќно мажена за Гејб, кој го игра Винстон Дјук („Црниот пантер“, „Одмаздници: Војна на вечноста“) и е мајка на две деца, малите Зора (Шахади Врајт Џозеф) и Џејсон (Еван Алекс).
Она што треба да биде релаксирачки одмор за семејството во старата летна куќа на семејството на Аделејд покрај плажата Сатна Круз, заедно со нивните пријатели Кити (Елизабет Мос), Џош (Тим Хејдекер) и нивните две ќерки, сега е проследено со растечката анксиозност на Аделејт поттикнати од траумата и сеќавањата кои се враќаат од тоа место, и полека се претвора во ужасна ноќ исполнета со необјаснети коинциденции, крв и инвазија од злобни двојници на сите луѓе на планетата Земја, кои облечени во црвено напаѓаат и убиваат со остри златни ножици. Семејството на Аделејд директно се соочува со ужасот кој им го приредува нивното двојничко семејство, чиј водич е мајката Ред, дојдена со една цел – да се одмазди за сето она низ коешто минувала таа, заедно со преостанатите двојници. Долгата крвава борба во текот на целиот филм поставува прашања, нуди делумни одговори, го тера гледачот внимателно да следи што се случува, да ги бара сличностите и разликите помеѓу едниот и другиот свет, за да дојде до заклучокот дека без разлика на што било, непријателот може да биде кој било. „Ние“ нуди крај кој може да биде сфатен на повеќе различни начини, иако постојат моменти при разврската кои можеби даваат конкретни насоки на размислување. Сепак, дури и тие можат да се занемарат, и токму во тоа е убавината на овој тип филмови.
„Ние“ е филм што на неверојатно шармантен начин внесува голема доза на интелигентен хумор, кој сосема органски влијае позитивно на развојот на целосната приказна, избегнувајќи го моментот на вештачки хумор и лоши шеги што најчесто не функционираат во хорор филмовите. Хуморот не служи само како „комично ослободување од тензијата“ во овој филм, напротив, тој е вкоренет во речиси секоја ситуација, без разлика колку е ужасна. Но Џордан Пил на мајсторски начин успева да предизвика ужас кај публиката, да ја држи вкочанета и во исчекување до самиот крај, дури и кога ликовите водат таков разговор на кој никој не би можел да се воздржи од смеа.
Паралелно на одличното жонглирање помеѓу овие два филмски жанра, доброто сценарио совршено ја раскажува длабочината на приказната и идејата на филмот преку динамичен дијалог, додека, пак, совршената музика на Мајкл Абелс и камерата на Мајк Гиоулакис само го зајакнуваат столбот на филмот.
Кастингот е, секако, уште еден полн погодок за „Ние“. Лупита Нјонго конечно добива шанса да ги докаже својот потенцијал и талент. Играјќи двојна улога, која има задача да ги прикаже сличностите помеѓу двата лика, иронично, преку контрастна изведба. Нјонго не се запира себеси во ниедна ситуација, не го крие своето лудило и манијакалност и сосема се препушта во двете крајности на улогите кои ѝ се дадени, давајќи го максимумот од себе. Винстон Дјук, пак, кој на публиката ѝ е најмногу познат по својата улога на М’баку во „Црниот пантер“, е само доказ колку е важна добрата процена на актерот и колку вреди да се ризикува и избегне шаблонското доделување на улоги во Холивуд. Секако, земајќи го предвид фактот дека „Ние“ е втор филм на Џордан Пил, и тоа втор хорор филм по ред, публиката и критичарите не можеа да се воздржат од правењето споредба помеѓу „Гет аут“ и „Ние“.
Несомнено, „Гет аут“ беше сосема заслужено номиниран за три „оскари“, тоа беше хорор филм кој на уникатен начин говореше за општествени проблеми и расна дискриминација, а со тоа автоматски добива повисоки поени од „Ние“ во однос на длабочината и издржаноста на својата идеја. „Ние“ можеби нема да добие номинации за „оскар“ во 2020 година, но апсолутно претставува приказ на тоа како еден режисер созрева во својата работа и целосно, во своите режисерски одлуки.
Земајќи го предвид и фактот дека Џордан Пил зад себе има само два филма, а претходно е познат по своите комични улоги, овие две негови дела се доказ дека ниеден автор не смее да се стави себеси во сигурни, претходно поставени рамки. А со самото тоа, неговото име е веќе синоним за добар и издржан продукт, кој ќе понуди размислување, апсолутна забава и нешто ново, секој следен пат.