На десеттото јубилејно вевчанско културно лето „Вевкул 2022“, во црквата „Свети Никола“, беше промовирана новата книга со песни, со наслов „Татковиот аманет“, од струшкиот поет Димче Шипинкаровски. Пред присутните поетската книга ја претставија Христо Петрески, Мишо Китаноски и Веле Митаноски, а модератор на промоцијата беше младата писателка Верица Мукоска.
Во својата промотивна реч, Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, ја подвлече вредноста на стиховите и на песните од Димче Шипинкаровски, нагласувајќи дека тој е лиричар и реалист со прецизен и директен говор, додека, пак, Мишо Китаноски подетално зборуваше за трите круга што се содржат во песните од „Татковиот аманет“. Притоа, Китаноски потенцира дека поетскиот опус на поетот Шипинкаровски еднакво ги воспева татковството и татковинството, љубовта и страдањата по загубата и вознесот што тлее кај секој човек. Исто така, тој забележа дека поетот дел од своите песни посветил на нашите великани Блаже Конески и Коле Чашуле, пеејќи со тревожен глас за испустените села и за испразнетата земја Македонија. Веле Митаноски ја поздрави појавата на поезијата на Димче Шипинкаровски како вистинско освежување и поттикнување.
Пред присутните се обрати и писателот Димче Шипинкаровски, кој нагласи дека го исполнува татковиот аманет и, еве, по неколку години од неговото заминување од овој свет, тој се јавува со своја книга поезија, но и со верба дека наскоро ќе се појави неговата втора поетска творба, која тематски ќе биде исто така ангажирана.
Димче Шипинкаровски е годинашен добитник на наградата од престижната поетска манифестација „Антево слово“, која се доделува во чест на истакнатиот македонски поет Анте Попоски.
Ст.К.