Американскиот актер Џеф Бриџис објави дека има рак на лимфни жлезди, но дека „прогнозите се добри“. Оскаровецот ја објави веста преку Твитер, додавајќи дека започнал со лекувањето, пренесува Би-би-си.
– Ова е сериозна болест, но среќен сум што покрај себе имам одличен тим на лекари – додал Бриџис во својата објава на Твитер.
Лимфом е облик на рак што ги напаѓа лимфните жлезди. Не е прецизирано за кој вид на лимфом станува збор, но болеста, како што вели актерот, е во ран стадиум.
Седумдесетгодишниот Бриџис е најпознат по филмот „Големиот Лебовски“ од 1998, а наградата „оскар“ за најдобар актер ја доби во 2010 година за ликот на пејач-алкохоличар во „Лудо срце“.