Новото истражување, објавено во списанието „Нејчр клајмат чејнџ“, покажува дека Јужниот Пол во последните 30 години се загрева трипати побрзо од светскиот просек. Истражувачите велат дека природните процеси се водечки доказ за овој пораст на температурата, но и климатските промени предизвикани од човечките активности значајно придонесуваат за тоа.
Јужниот Пол, инаку, е едно од најстудените места на планетата, со просечна температура од минус 49 Целзиусови степени. Претходните истражувања покажаа дека антарктичкото плато е едно од ретките места на планетата што се ладат додека остатокот на светот за загрева поради климатските промени, меѓутоа тоа повеќе не е случај.
Во последните 30 години Јужниот Пол се загревал за 0,6 степени во деценија, со што е едно од местата што најбрзо се загреваат на планетата. Најголемо загревање е забележано во 21 век, а 2018-та била најтопла година забележана на овој континент. Главна причина е невообичаено топлата температура на океанот во областа на тропско-западниот Пацифик, која е поврзана со природната појава позната како „меѓудекадна пацифичка осцилација“. Водечкиот истражувач на оваа студија Кајл Клем, од универзитетот „Викторија“ во Велингтон (Нов Зеланд), вели дека климатските промени многу извесно имале улога во зголемување на температурата на Јужниот Пол, но дека не се доминантна причина.
Во исто време, во последните години во западниот дел на Антарктикот е забележано забрзано топење на мразот на местата каде што континенталните глечери доаѓаат во допир со топлиот океан. Ова топење може да предизвика нестабилност на ледените плочи на Антарктикот и последично забрзан пораст на нивото на морето.