Две калуѓерки ја признале кражбата на 500 илјади долари од училиштето во кое работеле, односно користењето на парите за коцкање во текот на нивните патувања во Лас Вегас, САД, во изминатите седум години, пренесува „Индепендент“.
Чесните сестри Мери Креупер и Лана Чанг од училиштето „Св. Џејмс“ во калифорнискиот град Торанс, повлекувале пари од сметката која била наменета за школување на учениците и од парите кои биле дадени како донации. Тие ги префрлале украдените пари на одвоена банкарска сметка од онаа на училиштето. Калуѓерките, кои се најдобри пријателки и неодамна се пензионирани, изјавија дека ќе ја вратат целата сума пари која ја земале.
– Двете калуѓерки ги краделе парите од децата кои одат во училиштето. Да се стори такво нешто е ужасно – велат од училиштето Св. Џејмс.
Кражбата била откриена откако училиштето направило ревизија на средствата со кои располага. Сестрата Креупер била директорка на училиштето 29 години, а сестра Чанг била професорка 20 години.
– Нашата заедница е загрижена и длабоко жали за оваа ситуација. Жал ни е за нарушениот однос и доверба помеѓу семејствата и училиштето. Двете калуѓерки ветија да го вратат целиот износ на сметката на училиштето – велат од католичкиот ред на Св. Џејмс.
Во писмо испратено до родителите на учениците, училиштето посочи дека се надева оти тие не ја изгубиле целосно довербата во нивната институција.