По успешната соработка на првите две сезони од серијата „Стар трек дискавери“, „Фх3х“ ја заврши работата на третата сезона, во која работеше од четвртата до тринаесеттата епизода. Оваа сезона е во продукција на „Си-би-ес телевижн студиос“, која со премиерно прикажување почна на „Си-би-ес“, на 15 октомври 2020, и секоја недела, до 7 јануари 2021 година, ќе се прикажува нова епизода.
„Фх3х“ веќе три сезони се потпишува како одговорна за визуелните ефекти, а годинава на одјавната шпица, покрај „Фх3х“ и Канадскиот филмски фонд за поддршка, се појавува и Агенцијата за филм на Македонија, за продукциската поддршка.
– Ова е првпат Агенцијата за филм да се потпише на проект од највисоката А-продукција и самото појавување ќе привлече многу внимание во холивудските продукциски компании.
Оваа сезона на „Стар трек дискавери“ е прва серија што речиси целосно се прави со визуелни ефекти, а чија постпродукција се правеше во услови на светска пандемија. Притоа, уште од самиот почеток, благодарение на нашиот ИТ-тим, успешно беше аплициран системот за далечинско работење што ги задоволува високите стандарди барани од холивудските продукции. Со ова, нашите вработени можеа да работат од дома без да се изложуваат на дополнителни ризици. Вообичаено, визуелните ефекти за една епизода се изработуваат за десет месеци, но поради пандемијата работата траеше подолго, особено што поради прекинот на снимањата некои кадри беа комплетно изработувани компјутерски, за да се исполнат барањата на продукцијата – изјави Миливоје Ѓорѓевиќ, коосновач на „Фх3х“.
Нетфликс ги има правата за емитување на серијата во 188 земји, а обожавателите веќе имаа можност да ги погледнат првите девет епизоди.