Во иднина може да очекуваме хибридни модели на електричен погон, а во 2030 година „ферари“ ќе лета. Италијанското студио „Лазарини дизајн“ објави видеоанимација како ќе изгледа овој летачки автомобил на иднината, наречен „ФД-еден“. Овој „автомобил“ има три пропелери, а неговиот дизајн е инспириран од моделите за трки од 1950-тите.
– По изгледот потсетува на „ферари 500“, тркачки автомобил во Формула 2, со кој Алберто Аскари ги освои првите две титули на Светскиот шампионат во Формула 1 во 1952 и 1953 година – објаснува дизајнерот Паоло Лазарини.
Летачкото „ферари ФД-еден“ би требало да има три коаксијални електрични пропелери, кои се напојуваат со В12-мотор, со три одделни акумулатори.
– Возилото ќе биде долго над седум метри и ќе тежи повеќе од 1.000 килограми и ќе може да достигне брзина до 500 километри на час – додаде Лазарини.
„Лазарини“ во моментов бара инвеститори што се подготвени да вложат пари во градење прототип за првото летачко „ферари“. Во меѓувреме, купувачите на класичното „ферари“ најавија бојкот на ваквите летала, затоа што сметаат дека купуваат автомобили, а не беспилотни летала. Звукот на моторот нема да може ништо да го замени, велат од Здружението на љубители на „ферари“.